Злодобро (извадок)

Извадок од романот „Злодобро“ на Јован Стрезовски.

XI

Полковниците обиколувајќи ги терените меѓу манастирот и селото, зачуја свирки и тапани во селото. Свирежот, интересниот одзвук на тапаните, сѐ повеќе ги привлекуваше и тие низ падината се спуштија со коњите во селото. Одејќи по звукот на зурлите и бувтањето на тапаните, дојдоа до куќата на Китан. Во неговиот двор се виеше оро. Китан праваше свадба за син му Анко. Кметот, кој пиеше со селаните во дворот, ги забележа, стана од масата и излезе на патот да ги пречека. Тие, држејќи ги коњите за уздите гледаа во орото воодушевени од убавата игра и од интересниот звук на зурлите. Излезе и Китан да ги пречека подавајќи им ја плоската со вино. Тие ги заврзаа коњите за оградата, влегоа во дворот и седнаа на масата. Луѓето кои седеа на масите ги кренаа рацете поздравувајќи ги полковниците, а оние што играа во орото, уште повеќе и повесело скокаа, збалежувајќи дека полковниците ги следат со интерес. Полковникот Жино вртеше околу орото и чкрапаше со фотоапаратот.

Китан развеселен уште повеќе што полковниците му направија чест, растрчуваше и постојано им туриваше пијалок во чашите. И пукаше со пиштолот.

Некои од селаните стоеја настрана и не учествуваа во веселбата, зашто ја жалеа мајка му од Танаил која умре синоќа.

Уште синоќа кога удри камбаната тажно, и кога се разбра дека умрела мајка му на Танаил, му велеа на Китан да запре со музиката, да запре веселбата. Но Китан не сакаше да чуе: им нареди на свирачите и тапанџиите да продолжат.

И така во куќата на Китан одекнуваше песна и веселба, а во куќата на Танаил се огласуваше тажење и плачење.

Роднините и пријателите на Китан и Танаил не знаеја што да заправат: да одат ли кај Китан на свадба или кај Танаил на мртовец. Некои одеа првин кај мртовецот, му изразуваа сочувство на Танаил и ѝ палеа свеќа на мајка му; ѝ ставаа овоштие, локум и босилок на ковчегот, поседуваа крај неа и издишувајќи од жал, подречуваа нешто за кутрата старичка како се мачела како вдовица да го гледа и одрасне Танаила; и сега кога треба да проживее во полна куќа луѓе, таа си умира, си оди од овој свет; подречуваа нешто и за нејзината кротка, блага душа која на сите во селото, и роднинина и нероднина, само убави зборови им велеше, и која ни на живинче не му свикала, лош збор не му рекла; ќе сронеа по некоја солза, ќе поплачеа, и ќе си заминеа дома; ќе се измиеја на чешмата средсело или езерото, ќе го соблечеа црното руво, ќе облечеа други алишта, и одеа кај Китан на свадбата, на веселбата. Пиеја, му молитвуваа на Китан да му се шири лозата, фамилијата, му наздравуваа на младоженецот Анко, му пожелуваа среќен и долговечен брак, и играа, виткаа оро.

А на оние, кои од порано беа појдени на свадбата кај Китан, им беше незгодно, непријатно да ја напуштат свадбата и да одат на мртовец. Други пак за атер и на Китан и на Танаил, не одеа никаде, седеа дома. Некои гледаа дека ова е згоден момент да ги смират Танаил и Китан и му велеа на Китан да ја одложи свадбата за некој ден – да не биде заедно со погребот, но Китан велеше: „Свадбата е закажана и не ја одложувам… Одложена свадба коби на лошо…“ Одеа кај Танаил и му велеа барем тој да го одложи погребот за понеделник додека се направи свадбата, но тој велеше: „Не ја оставам јас мајка ми да се смрдува… За свадбата има секогаш време, за умрениот нема…“

Ги убедуваа и другиот ден кога требаше да се земе невестата и да се обави погребот, ги тераа да се најде разбирање, но ниедниот ни другиот не попушташе. Луѓето се кршеа: каде да се определат, каде да одат: на свадба или на погреб. И се определуваа: или по случајност, или по тоа каде повеќе ги тераше редот.

И се случи чудна, невообичаена, глетка: по едниот сокак кон црквата тргна поворката со мртовецот да се закопа, а по другиот тргнаа свадбарите со зетот и невестата да се венчаат.

Свадбарите викаа, пееја, тапаните тумбаа, свирките пиштеа, се разлеваше викот на сите страни.

Погребната поворка одеше тажно; напред децата ги носеа црковните бајрачиња, по нив питропот со крстот, по него отец Серафим, енорен свештеник од манастирот Свети Наум, по него ковчегот со мртовецот, по него семејството, роднините, пријателите, прифаќајќи го ковчегот и сменувајќи се при носењето. Кога подзапреа свирките и тапаните, се чу пеењето на попот проследено со штракањето на кадилницата.

Поворката сѐ позабрзано ги пушташе чекорите за да стигне прва во црквата. Но и свадбарите брзаа да стигнат први, и така заедно стасаа пред црквата. Се измешаа и поворката и свадбарите.

–     Срамота! Ајвани! Мртовец се погребува, а вие песни и свирки… – викаа луѓето од погребната поворка.

–     Нека вие срам вам! викаа испијанетите свадбари, – младенци се венчаваат, радост се прави, а вие мртовец ни пикате…

–     Почекајте! Стрпете се малку… – викаа луѓето од поворката, – да се обави првин погребот…

–     Почекајте вие! Да се обави првин венчавањето… – викаа свадбарите.

Не попуштаа ни едните, ни другите. И едните и другите сакаа насила да влезат во црквата.

Полковниците беа вчудоневидени: вакво нешто не доживеале досега. Им беше и интересно и непријатно.

–     Оче, отпеј го првин мртовецот – викаа луѓето од поворката. – Нека чекаат тие…

Свадбарите му се втурнаа на отец Серафим и му викаа:

–     Првин венчај оче, а после погребот… Не оди умирачка пред венчавка… Не е тоа на арно…

Отец Серафим не знаеше што да заправи; што да одлучи. Само се потеше и се бришеше со шамивчето по лицето и вратот.

–     Луѓе, најдете разбирање… – им велеше. – Ова е срамота што го правите… Ова е грев божји… Најдете разбирање…

Разбирање немаше и почнаа и едните и другите да ја туркаат вратата на црквата, да влезат со сила.

–     Господе, дај им разум… – почна да се крсти отец Серафим.

Кметот ги остави полковниците и стрчна напред: застана пред вратата на црквата, спука со пиштолот во воздух и почна да вика:

–      Стој! Што е ова…?! Овде ли најдовте да терате инает, во црквава… – Се сврте кон отец Серафим: – Оче што треба првин да се обави: погреб или венчавање…?

Отец Серафим молчеше. Се потеше, се бришеше.

–      Кажувај… – свика пак кметот.

–      Погреб… – рече како со шепотење.

–      Ајде обави го! Другите сите настрана! – свика кон свадбарите и остана пред вратата од црквата да заведе ред.

Отец Серафим ја отклуча вратата и по него влезе поворката со мртовецот.

Луѓето што копаа гроб, ги извадија коските од Лиќо, татко му на Танаил и ги собраа во вреќичка за да ги стават повторно во гробот. Фаќајќи го черепот од Лиќо како да се изгореа, го фрлија на земја. Во черепот забележаа змиски јајца, кои при фрлањето на черепот, распукаа и од нив излегоа мали змивчиња; луѓето се згрозија и почнаа да ги удираат со лопатите и да ги гмечат со нозете.

–      Ете… – рекоа луѓето, – во животот се јадиме, се глодеме, се караме, а ете по смртта што нѐ чека…

Се обави и погребот и свадбата. Кај Танаил дома продолжи жалењето, а кај Китан веселбата.

Кметот на вчудоневидените полковници им ја објаснуваше историјата на закараните братучеди Китан и Танаил. Им велеше:

–      Инаетот не гледа ништо… Заслепува…

Жена му на Танаил, слушајќи ги тапаните и свирките, пеењето и викањето во дворот на Китан, велеше со јад во душата и со подбив:

– Ха! Нека беснеат… Нека се веселат… Зарем не се знае дека не се зедоа маж и жена, туку две жени… Дека Анко е Анкица…

Поранешното име на зетот Анко беше Анкица. Кога се роди, иако беше машко, го крстија Анкица. Така го крстија да не фати урок, да им трае, зашто другите деца што ги раѓаше жена му на Китан, умираа. Маѓијата се фати – детето остана здраво и живо.

Заради маѓијата, уште од раѓањето, Анко го облекуваа во женски алишта, му ја пуштаа косата да му расте долга, му плетеа плетенки, се дружеше и играше со женски деца, и како што растеше – добиваше женски манири, се однесуваше како женско, дури и гласот му стана тенок, женски; се интересираше за плетење, везење, за шиење. Почна да се чувствува женско поддржувајќи ги сите манири на девојчињата со кои се дружеше.

Дури по пубертетот почнаа да му се јавуваат знаци на машко: да му се здебелува гласот, да му се јавуваат првите влакненца под носот и на лицето. Ги остави женските алишта, облече машки и почна да се дружи со машки. Дозна и за името дека е Анко, а не Анкица, и така ги тераше сите да го викаат. Но и кога порасте, пак понекогаш му се јавуваа некои женски манири останати од порано, и од кој не можеше лесно да се ослободи. Тоа се забележуваше кога ќе почнеше да зборува со женски: говорот и манирите сами по себе му се прилагодуваа на нив. И затоа селаните често беа во недоумица: машко ли е или женско? Поради тоа кога дојде време за женење, ниедна девојка од селото не сакаше да појде за него. Побара невеста од друго село.

Жена му на Китан знаеше дека жена му на Танаил, како и другите жени во селото, се подбиваат, се исмејуваат, и затоа утредента по свадбата, кога станаа младенците од спиење, отиде во нивната одаја, ја натера невестата да се пресоблече, и ја зеде кошулата, и кога виде дека на неа има крв, светна од радост, ја зеде кошулата и истрча во дворот покажувајќи им ја на сите луѓе дојдени на блага ракија; им рече на тапанџиите и на свирачите да свират, и таа држејќи ја кошулата високо крената, започна да игра оро. Китан спука од чардакот со пиштолот објавувајќи му на селото дека кошулата е крвава.

И кога невестата, по обичајот, тргна со стомните на чешмата на средсело да наполни вода, жена му на Китан фучеше со кошулата одејќи пред невестата, ја мавташе по сокаците за да ја видат сите селани и викаше:

–     Гледате ли… Гледате ли… Како јагне да е заклано…

Жена му на Танаил гледајќи ја од чардакот на куќата, велеше:

–      Ха, ја намачкала со крв од заклан петел… Зарем не знаеме ние како се прави тоа…

Полковниците испијанети на свадбата, ноќта ја преспаа во училиштето. Кога им се качија на коњите за да заминат во манастирот, коњите под нив гореа од жештина и испуштаа пареа, недоодморени од силното јавање, од силното опкршување низ селото терани бесно од камшикот на прислужникот Геро.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *