За разлика од некои други национални книжевности кои имаат негативни иксуства заради присуството накултот на водачот во книжевните текстови, македонската современа книжевност има позитивно искуство. Затоа што Македонија, македонската историја и македонската книжевност и култура го имаат Гоце Делчев. Водачот чие име со пиетет го пееме и во државната химна и во навивачките песни (фудбалски/ракометни) во кои ја искажуваме гордоста што сме негови потомци („негова раса“). Но, овој текст своето исчитување го насочува кон фикцискиот Гоце Делчев (мажот и љубовникот) кој како да му пркоси на историскиот Гоце Делчев (националниот херој и револуционер, идеологот, организаторот и водачот на македонското револуционерно националноослободително движење на крајот на XIX и почетокот на XX век, учителот и мислителот). Овој текст се обидува да го исцрта оној Гоце Делчев ситуиран помеѓу историографијата и имагинацијата, оној Гоце Делчев на Блаже Миневски, оној Гоце Делчев на секој еден читател откако ќе го прочита романот на Блаже Миневски.
Впрочем, на самиот биографизам, но и на пишувањето фељтони (па и мемоари) не остануваат имуни ниту писателите, зашто, едноставно, тие секогаш носат белег на комплексна полифункционалност. Па така онаа вибрација меѓу фактицитетот и фикцијата која постојано се чувствува во биографизмот и фељтонизмот се покажува провокативна и заводлива и за Блаже Миневски во романот „Ако се родат некакви чувства“ (Скопје: Матица македонска, 2023). Имено, во тие вибрации Миневски препознава книжевна постапка која на специфичен начин ги претвора историските факти во естетски креации и ја возобновува, но и ја збогатува меморијата за конкретната историска личност. Во прилог на овие размисли се оној Прилог 1 кој е исполнет со писма и реакции на читателите (2023: 289-303), како и оној Прилог 2 со поднаслов Фотографиии факсимили објавени во фељтонот за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче (2023: 305-328) (и двата надоврзани на самиот роман). Еден друг роман на сличен начин во својата приказна покрај останатите големи мислители и револуционери на македонскиот XIX век го има и Гоце Делчев. Тоа е романот „Куклите на Росица“ (Скопје: Култура, 2003) на Оливера Николова. Зошто ми беше потребен овој момент т.е. зошто сакам да го споменам и романот на Николова? Заради фактот што двата романа се објавени во години кога се одбележуваа/т голем јубилеј, па така оној на Николова е објавен во годината на 100-те години од смртта на Делчев, а овој на Миневски во годината на 120-те години од неговото загинување и во исклучително зовриени политички и општествени односи меѓу Македонија и Бугарија. Но, за разлика од романот на Миневски, романот на Николова не е роман за Гоце Делчев.
„Врз фонот на историските факти како предлошка, Миневски преку љубовта меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче, создава фикционална приказна во чиј центар е палетата на човековите чувства низ историјата на човештвото. Писателот истовремено е вистински и имплицитен автор, а пајажината на приказната се распостила во светот меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста, пишува Марина Мијаковска во својата рецензија. Според Јордан Плевнеш овој роман „има значење на тектонски удар во историјата на македонската проза“. Ова се зборови засведочени на задната корица на изданието (Скопје: Матица македонска, 2023). На таа иста страница и режисерот Бранко Ставрев нагласува дека „Ако се родат некакви чувства е роман за иронијата, за сарказмот, за чувственоста и безчувственоста, за документарното, фиктивното, болното, оригиналното и фалсификуваното.“. (…) „Романот започнува со историскиот факт дека седум и пол децении по враќањето на моштите на Гоце во Mакедонија се бара да се отвори саркофагот, да се видат коските, да се види дали има своерачен потпис на скулпторот и дали во саркофагот е сликата на Јанка. И тука, меѓу парчињата со историски факти, изникнува новинарот како сезнаечки наратор што сака да ја оправда фикцијата во „вистината“, соопштувајќи дека на една конференција во Охрид на средба со правнуката на Герџиков именувана како Мамаја или Маја договара прибирање на архивска граѓа за Делчев и Јанка. Гоце почнал да се гледа со Јанка кога таа имала дваесет и две години, а Гоце имал дваесет и шест. Гоце на Герџиков Михаил му рекол: „Ако се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени“. Пет години по убиството на Гоце, Герџиков се жени со Јанка и го исполнува аманетот. Дали една љубов може да замени друга љубов? Во таа насока имаме тројна миза на бим, приказна во приказна, жанр во жанр, структура во структура.“, пишува Марина Мијаковска во својата „Рецензија: Романот на Миневска за љубовта меѓу Делчев и Каневче е чудесна метафикција за тоа што е љубовта“ (https://www.mkd.mk/node/516003) (озаченото е мое). Но ја имаме и клучната филозофема: Дали една љубов може да замени друга љубов?
Дали љубовта што Јанка ја чувствувала за Гоце може/ло да се компензирала со некој друг вид љубов што таа ќе је развие подоцна кон најдобриот другар на Гоце – Михаил Герџиков? Или што ако таа не смогнала сили својата болка по загубата на саканиот Гоце да ја претвори во некаква љубов кон Герџиков и така да создаде едно убаво женско потомство, па да се родат нејзината ќерка, нејзината внука и нејзина правнука кои (ќе) ги чуваат ревносно спомените за Гоце Делчев како некој нивен несуден семеен предок (татко, дедо, прадедо)? Зашто приказната за таа љубов меѓу Гоце и Јанка опстанала и го преживеела целиот дваесетти век само зашто е грижливо чувана како слатка тајна на дното од ковчег со невестински чеиз и тивко пренесувана од мајка на ќерка, од ќерка на внука и правнука …
Ако тргнеме од размислата дека љубовта може да се докаже, а историјата не може да се утврди, тогаш јасно е зошто на Миневски му е битна токму љубовта, иако тој како автор оперира со доволно историографски моменти. Имено, неговиот роман ја поттикнуваат главната дилема: „Дали бестрашниот водач оформува нова лика преку перцепциите што ги добиваме низ очите Јанка? Дали револуционерот Гоце, покрај тоа што е бестрашен борец, револуционер, исто така, е и убав и заводлив маж, нежен и страстен во/преку зборовите на Јанка?
Но, ако биографиите и фељтоните, а со нив и историите, им се обраќаат на читателите од сите идни времиња, фикцискиот Гоце Делчев му се обраќа, исклучиво, на своето „Јас“! Или, овој фикциски Гоце Делчев е сѐ она што не можел да каже (што не кажал) историскиот Гоце Делчев!
Нашето време е време на постмодернистичката фикција која од своја страна сугерира одново да се напише минатото во фикција или во историја. Со тоа таа прави обид да се реисторизираат – а не да се деисторизираат – уметноста и теоријата, при што воедно се употребуваат и се злоупотребуваат модусите на историографијата, вели Линда Хачион во својата книга „Poetika postmodernizma: Istorija, teorija, fikcija“ (Hačion 1996: 370). Новиот историцизам смета дека историјата може да се чита како текст, со што се оневозможува едноставна дистинкција помеѓу литературата и историјата. Всушност, текстуалноста на историјата е една од причините поради кои минатото не може целосно да се реконструира. Свесни сме дека никогаш не се достапни сите можни извори, поради уништливоста на супстанцијата и поради буквалната материјалност на дискурсот.
Она што се нарекува историски факт, не е datum, не е некоја дадена или фиксирана точка од која историчарот може да почне, туку е резултат и производ на личната a priori имагинација на историчарот.Како последица на тоа, „сликата на историчарот за минатото е имагинарна слика во секој детаљ“ (Engler, 1994: 22, види: ENGLER, Bernd; MÜLLER, Kurt (ed.) (1994): Historiographic Metafiction in Modern American and Canadian Literature. München, Wien, Zürich, Schöningh: Paderborn.). Во случајот со пишувањето историја и пишувањето роман, се појавува суштинска сличност, затоа што романот и историјата се производ на автономна или самоавторизирачка активност, која повторно лежи a priori во имагинацијата. Откако историчарот ќе одбере каква приказна ќе му послужи за нарацијата, самиот процес на селекција и на сижетирање (т.е. интегрирање на разните факти во сиже со значење)на навидум хаотичниот и некохерентен материјал на приказната е предусловен од структурата на дадената археприказна. Ако го прифатиме мислењето на Хајден Вајт дека историографијата „не е ништо повеќе од процес на создавање фикција“, а историскиот текст „не е ништо друго освен литературен артефакт“ (Engler, 1994: 25), тогаш се наметнува прашањето: „На што се претстави историските слики (репрезентации), доколку тие се далеку од тоа да бидат претстави на некоја универзално разбирлива историска реалност?“(Engler, 1994: 25). Одговорот на Вајт е дека историите никогаш не треба да се читаат како непристрасни знаци на настаните што ги изнесуваат, туку како симболички структури или проширени метафори.
Во оваа препорака на Вајт лежи и импулсот за потребата од нови теми во современата македонска литература, тотално ослободени од локалното/регионалното и националното (националистичкото), како и потребата за „поширока рецепција надвор од македонската книжевна средина“ поточно за „нивна упатеност на меѓународниот пазар на книжевната комуникација“, истакнува Наташа Аврамовска во својот труд „Македонската современа проза наспрема другите култури“ поместен во Зборникот од XLI Научна конференција на XLVIII Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура. (Аврамовска, 2015: 203). Токму затоа, во тој контекст и овој роман на Миневски придонесува во реализирањето на нови теми, па дури и на стари теми, преку чинот на тоа ослободување од локалното и регионалното. Миневски токму тоа сака да го постигне со овој роман: Гоце Делчев освен наш да го направи и европски/светски!
И тоа мошне умешно го прави! И тоа на тој начин што таа љубов (историски засведочена) меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче постојано ја споредува со големите/познатите (некои и трагични, неостварени, страсни) љубови како оние на Гарибалди и Анита, Гете и Шарлота, Бајрон и контесата Гвичоли, Дикенс и Марија Биндел, Флобер и Лујза Коле, Елијар и Гала, Сартр и Симон де Бовоар, Пушкин и Натали, Достоевски и Суслина, како и со љубовите искажани во многубројните писма на Џојс до Нора, на Балзак до Ханска, на Кафка до Милена Јасенска или на Кафка до Дора Дијамант, на Кочо до Раца, на писмата (850) меѓу Чехов и Олга… Но и оние сè уште докрај не откриени, како: „…за големата љубов на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република, и учителката Коца Тасева-Хаџова“. (2023: 293) Зашто: „Во палтото на војводата, убиен три години по Гоце, аскерот нашол фотографија на неговата свршеница. Таа фотографија, всушност единствената слика на Коца, била објавена во турските весници, заедно со информацијата зџа убиството на Карев.“ (2023: 293), или за војводата Ѓорѓи Сугарев и неговата љубовница, учителката Анета или за Даме Груев и неговата свршеница, учителката Билјана (2023: 301). Дали во ова не читаме некои нови предизвици пред кои сака да се исправи Блаже Миневски?
Зашто јасно е дека „Гоце е национален херој, учесник во револуционерното движење, деец на револуционерната организација, идеолог, организатор и водач на македонското ослободително движење од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, бескомпромисен борец за самостојна македонска држава, и така натаму.“, пишува Миневски (2023: 84). И тоа е јасно за нас, Македонците. Но како другите да го запознаат, како другите да знаат за кого станува збор? Затоа Миневски дури и Гоцевите мустаќи, она по што е (бил) препознатлив, ги става во контекст на мустаќите на еден Ниче или пак на Запата, па пишува: „Мора да му кажам на уредникот дека мустаќите на Гоце и мустаќите на Ниче се различни. Првите се „волан“, а вторите се „морж“. (…) … ги негувал беспрекорно. (…) Освен тоа, неговите, ако е за право, не покажуваат никаква грубост, на пример, како мустаќите на Запата, туку, благост и кроткост (…) Мустаќите некогаш биле клучен знак за чест, смелост, храброст, достоинство и јунаштво… (Миневски, 2023: 253).
За да поентира со ова: „… тој за нас е како Џузепе Гарибалди за Италијанците, како Мајкл Колинс за Ирска, како Лајош Кошут за Унгарците, како Вилијам Валас за Шкотите, како Васил Левски за Бугарите … “ (Миневски, 2023: 84).
И токму овој Гоце Делчев изникнат од историските факти и обвиткан во естетски креации колку што е битен за другите, толку е битен и за нас, Македонците, но и за сознанието дека овој фикциски Гоце Делчев е и сѐ она што не можел да каже (што не кажал) историскиот Гоце Делчев.
Весна Мојсова-Чепишевска