Специфично сплетениот концепт на пишување кој Ана Стојаноска го понуди во Јас и Лин, отпосле (навистина отпосле – романот чекаше декадно време за да се појави!) на големи ѕвона ја помовираше автентичната писателка, надвор од драмскиот и театарско-теорискиот дискурс кому професионално му припаѓа: Рациново признание и влез во најтесен избор за Роман на годината.
Во својата втора книга (надвор од овие научните кои им припаѓаат на други полици во библиотеките), Дијалозите во еднина Ана Стојаноска само го потврдува копнежот по текст кој онтолошки ја детерминира: книгата, зачудна во својот дискурс и во својата структура, е можеби најнеобичниот вид текст со кој читателот се среќава: тоа е драма која е поезија која е проза која повторно е драма, формирајќи цикличен, бесконечен свет од можности за интерпретација, паралелно со емотивната спознајност која на читателот му се нуди.
Овој тип текст (книга-драма-роман-поезија) кој го формира ракописот на Стојаноска еднакво е провокативен и за читателите од прво ниво, но и за оние читатели по професија – читатели од второ ниво кои ќе го препознаат мултикодираниот дискурс со кој Стојаноска операционализира. Провокацијата да се чита, во овој случај значи да се гледа и да се игра низ/со/во текстот. Стојаноска, како докажан познавач на видовите игри, ја крои својата втора игра во замрсени кодови/правила, едновремено сведливи во раскошен вид le plaisir du texte.
Конечно, за крај, Стојаноска пред сѐ нуди на својот читател особен вид катарза. Доминантната емоционална густина која гласот на текстот ја произведува, лесно наликува на огледало во кое се согледуваат и преиспитуваат универзалните човекови концепти, сведливи на една именка: смисла. И по однос на различни аспекти од смислата – катарзата е тука!
Сашо Димоски, писател