Стефан Марковски е студент на последипломски студии по Филмско и ТВ сценарио. Но тоа и не е најбитно. Тој е млад писател полн со страст и испробан во сите книжевни видови – од роман до поезија. Има и по некое сценарио, како што веќе рековме. Тоа е побитно од сè друго. Затоа за мене овој автор е духовит драмаџија во прозата.
Стефан има нова книга на кратки раскази. Тие се како синопсиси. Често се ослободени од некоја „кичнеста“ литерарност, често се преполни со дијалог, но, речиси без исклучок се драматични. Во сите тие раскази кои во насловите имаат и бројки и смрт има страствена драма.
Онакви дејствија кои се често извртени со големи преврти. Одлични се на моменти, но, поодлична е надежда што овој писател и ја дава на современата македонска книжевност, а тоа е нејзината модерност. Модерноста на неговите ликови и ситуации.
За Марковски понекогаш фабулата не е побитна од напнатоста, а најбитно е тоа што е брз и свој. Веќе наговестува и лична поетика.
Стефан е емотивен човек. Но тој е и еснаф писател. Не се труди да мудрува и фасцинира со ларпурлартизам, туку често е ангажиран и сака да разрешува јанѕи, болка и да иронизира. Има кај него кратки реченици за слем поети. Но, има и сценарија за филмови. А најмногу има страст за пишување. Добро пишување е тоа.
И затоа од, сето претходно, морам да признаам дека ми е особена чест што овој млад писател го препорачувам, не само на еснафот и учената критика, туку и на општата јавност која има глад за нова, свежа и тукашна кратка проза.
Ред е да имаме драмаџија меѓу прозаистите. И ние овдека во овој век, како што беше Антон Чехов на времето.
Сашко Насев