Романот Очи со боја на чевли на Петар Андоновски е досега најкомплетниот дебитантски ракопис во моето повеќедецениско критичко исчитување и рецензирање на најновата македонска книжевност како во својство на универзитетски професор по македонска книжевност, така и на читател и љубител на најновата македонска книжевна продукција. Кусиот ракопис Очи со боја на чевли на Андоновски е фасцинантен роман, со едноставна, а мошне силна драматика, со неверојатно прецизно изградени ликови, роман без ниедна почетничка несмасност или очекувана грешка; роман со идеолошки моќна порака; со длабока, мајсторска психологизација на атмосферата на тегобност, чијашто внатрешно-кохерентна нарација е изведена со минимални зафати, а со максимален ефект; без ниеден видлив напор, и – конечно, е првиот дебитантски роман што олку силно се издвојува од сè што се појавило последниве години на нашата книжевна сцена.
Романот Очи со боја на чевли е поделен на два дела. Содржински, првиот дел ја раскажува приказната за Ема, средовечна професорка по книжевност чијашто опсесија се чистите машки чевли; таа ги следи сопствениците на чевлите без намера да им пријде или да ги загрози во нивното секојдневие. Како што се расплетува приказната, така го дознаваме нејзиниот мачен живот покрај таткото, пензиониран генерал од ЈНА, чиешто мото: добриот генерал е најнапред генерал дома, е поразително за Ема; неговото родителство главно се состои од издавањето наредби до Ема, а една од неговите основни наредби е таа за чистењето на чевлите. Оттука Ема развива фетиш по чистите чевли, како нејзин психолошки обид да го оствари идеалот за „добрата ќерка“. Во својата потрага по едипалната разрешница „како да се биде ‘совршеното дете’ на деспотскиот татко“, таа почнува да ги следи сопствениците на чистите чевли низ својот град, сè додека еден ден, случајно, не налета на еден средовечен маж со токму такви чевли. Како што нејзиниот свет се распаѓа (малкуте блиски луѓе заминуваат од нејзиниот живот; таткото умира…), така следењето на чевлите на овој случаен минувач, станува единствената смисла на животот што гарантира дека светот на Ема нема целосно да се распадне. Вториот дел на романот, обратно, ја раскажува токму историјата на случајно следениот маж – станува збор за Нестор, некогашен славен писател; неговиот дебитантски роман бил погрешно прочитан како антидржавен во некогашниот систем, па тој завршил на осумгодишна робија. Кога излегува од затвор, Нестор живее повлечено и во постојана параноја, исплашен пред сите можности на светот, обидувајќи се да го истурка својот ден колку што е можно понезабележан за светот, но токму тогаш неговите чисти чевли се здогледани од исто толку повлечената и безопасна Ема. Иако Нестор сака да го напише својот следен голем роман, таа можност постојано му се измолкнува токму од стравот дека некаде ќе погреши и ќе ја повтори политичката зла судбина на својот дебитантски роман, па повторно ќе стане мета за иследување. Како што се расплетува неговата приказна, така дознаваме дека неговата опсесија со чистите чевли, исто така влече едипални корени – неговото детство минува покрај тетка му, која е своевиден пандан на таткото на Ема. Тетката, во својство на старател, има амбиција Нестор да стане писател, а бидејќи тетката ја споделува хигиенската опсесија на таткото на Ема, во обидот да ја истера својата амбиција врз внукот, таа применува груби воспитни методи, со кои евентуално навистина успева од Нестор да направи писател, макар на еден роман. Како што во детството тетката го казнува Нестор редовно испраќајќи го во темницата на шкафот со цел тој да измисли добра приказна со која ќе се спаси од „затворот на шкафот“ (нејзината верзија на „часови по креативно пишување“), така подоцна, кога Нестор ќе порасне и кога за првпат јавно ќе ја пополни чистата, празна хартија, пишувајќи го својот прв роман, станува политички затвореник – со што се затвора кругот на неговиот обид да излезе од една темница до несреќното влегување во друга темница. Оваа наративна структура се наметнува како метафора и за грубата идеологија (во која семејните грубости се шират до системски грубости на погрешниот режим), но е и маестрален наративен опис на темата за „темелната вина“ на уметникот, потоа на креацијата како обид за излез од темницата на животот, потоа на чистотата сфатена како речиси морална и психолошка категорија итн. Трагичниот расплет се одмотува кога Ема по случајност почнува да го следи Нестор. Таа навистина го следи само заради неговите чисти чевли, но со тоа, и не сакајќи, ја активира неговата параноја од тајните служби, параноја што Нестор ја заработил како политички затвореник. Во еден речиси хичкоковски пресврт, Нестор ја заменува Ема со кодош, длабоко бивајќи убеден дека стариот систем не се променил, дека Ема е дел од тајната полиција, па тој ги користи сите начини да ја надмудри, не знаејќи дека нејзината санитарна опсесија е исто толку силна колку и неговата параноја. Затоа, иако Нестор се обидува да ѝ побегне на својата зла судбина на иследуван (овој пат во лицето на Ема), тој не успева да ја надитри опсесијата на Ема, па во завршницата на романот ги гледаме двете психолошки жртви на мачната транзиција во ситуација што целосно излегува од контрола, оставајќи ги обајцата главни протагонисти целосно поразени.
Атмосферата на совршен психолошки опис на стравот, паранојата, мачнината од следењето е едновремено и стилски кондензирана до максимум, но и раскошна во описот – двојност најблиска до кафкијанското творештво, што македонската книжевност ретко го гледа во вака чиста и дестилирана форма. За разлика од многуте дела што последниве години се обидоа да остават наративно сведоштво за мачната ера на кодошите, иследуваните, жртвите и тајните служби, романот на младиот Андоновски е речиси романескно чудо, deus ex machina што со своите естетски квалитети се наметнува врз македонската понова книжевност како автородно сведоштво на голем уметник. Мајсторски градената динамика на иследуваниот и иследникот (од психолошката драма на измаченоста на микросемејно ниво, па сè до несреќната спрега на двата лика во социјалниот контекст) е ретка во македонската книжевност, а младиот Андоновски со овој автентичен ракопис, речиси и нема свој пандан во ниеден автор, кој се занимава/л со слични теми, пред и во својата генерација.
Силината на романот на Андоновски, освен на содржински план, лежи и во стилските и наративните аспекти на делото. Очи со боја на чевли е едно од оние ретки дела во кои вревата е заменета со мирното око на раскажувачот, кој со достоинство ја раскажува тешката и мачна приказна, без да ја изгуби автентичноста во ниеден момент. Освен тоа, кај Петар Андоновски не може да ја почувствуваме ниту оддалеченоста. Речиси и не знам роман кој последниве години така ме заковал за своите страници, без можност да го оставам романот, додека не го прочитам крајот.
Краток, прецизен и непретенциозен, Петар Андоновски со својот стил може да парира на некои од најголеми современи имиња на светската книжевност, како Уелбек, Шлинк, Табуки, конечно и како Кафка. Намерно не ги споменувам класиците, затоа што романот на Петар Андоновски е модерен, но во таа збирштина што вообичаено ја нарекуваме „модерен роман“ има сешто. Она што го носи романот на Андоновски до тие височини, а со кои лесно може да стане македонска класика, се состои во она што ми се чини дека романот го исполнува како најважна вредност на добрата книжевност, а тоа е – траењето. Во исто време е чудно како Андоновски успева така лесно да го фати „вознемирувачкото туѓо“ искуство, додека истовремено како читатели нè остава со чувството дека „сме дома“. Велејќи го ова, треба да се забележи дека во стилот на Петар Андоновски, секоја реченица е одмерена, без патетика, со фасцинантна смиреност; без изнесување впечатоци, без себенаметнување во прозата; кусиот роман на Петар Андоновски е потфат во кој се опишува светот истовремено толку празен од супстанцијата, а толку полн со најинтимните препознавања на опсесијата, желбата, животот, мечтата, злосторот, стравот…
Ова е проза доведена до целосна есенција, без разводнувања. Петар Андоновски лесно би можел да биде следната голема надеж на македонската проза. Со генијално замислена содржина, со одлично чувство за изведба; без истрошени зборови и фрази, без трошење на снагите на споредни работи, со чувство за оживување на тишината; во секоја реченица тој успева да го фати она место каде што вибрира психичкото, а сепак без треската на некој што се фатил со голема тема; со огромна сила да се опишат карактерните црти на ликовите без да се изрече ниеден суд за нив; без ни најмала намера на евтин начин да ги решава тешките проблеми во описот на психата и на атмосферата; без ниеднаш да се мачи да раскажува за раскажувањето (романот едноставно веднаш почнува со отворање на наративниот свет на главната протагонистка); со сила што е сосема нова, жива и активна за македонската книжевност; ова е роман на една нова наративна младост што не сака да профитира од брзото и минливо запрепастување; проза со долго дејство; Очи со боја на чевли е сосема нов роман, нешто како мало чудо на македонската најнова проза.
Јасна Котеска