По двете поетски книги и по повеќето преведени и препеани дела од англиски, српски и од хрватски јазик (за некои од нив е добитник на награди за превод) Ленче Милошевска се претставува со прозна книга – романот „Кумова слама“. Иако не е обемен, има невообичаена структура за дела од овој литературен жанр, поделен е во три дела, односно во 24 прозни слики (текстови), посебно насловени, кои истовремено имаат и одредена самостојност и може да се читаат како посебна целина. Самата по себе и ваквата структурна поставеност упатува дека освен за возрасните книгата им е наменета и на младите читатели, кон што пак се подредени и јазично-стилскиот израз и мотивско-тематската поставеност. Имено, со едноставен, приемлив, рационален исказ, Милошевска за мотивско-тематска подлога ги зема детството и раната младост, а нивната литературна проекција ја изведува преку реалистична приказна во автобиографски образец, односно раскажувајќи во прво лице еднина и градејќи го мозаикот на детството преку насловените делови во романот. Поточно, Милошевска демонстрира како едноставно а привлечно може да се раскаже детството, тоа неповторливо доба според спомените, дoживувањата, фантазијата, приказните раскажани од бабите и од дедовците кои никогаш подоцна не можат како тогаш да ги допрат границите на магичното и волшебното.
Во основа на исповеден начин, со протежирањето на личното кое се универзализира со повременото навлегување во колективната меморија преку општопрепознатливите назнаки и микромотивски премини, авторката раскажува за обичните нешта, но со нивното интерпретирање станува јасно дека само првично се обични, а по нивното сместување во мозаикот што се гради со нив тие добиваат мошне сугестивна и поетична димензија. Уште во првиот (воведен) текст „Дневникот“, таа ќе напомене: „А во дневникот, едно кревко девојче, полно со амбиции. Не кревко физички… Кревко во душата. Ги бележев сите и најсуптилните треперења во контактите со луѓето и со природата.“ Токму оваа книга е резултат од навраќањето кон најсуптилните моменти во детството и во младоста. А тие се случуваат во големата старинска куќа во центарот на Битола, во дедовата куќа во Тиквешијата, во куќи, бараки и дворови во Скопје, во неколкуте сменети домови во Босна, а неизбежно некаде во светот на приказните од дедото или поради магијата на црната афионова топка на тој ист дедо што знае да фантазира како и децата, или пак приказните се реплицираат поради мирисот на гнилите јаболка зад никогаш незапалената калиева печка – јаболката од кумовата слама на бабата, чиј мирис е мошне опоен во сеќавањата. Ова можеби е ослободување од товарот на спомените, на приказните, од личните прекршувања во кревката детска душа, но тоа истовремено е и потсетување и поиздиференцирано врзување за најсилните пунктови во детската меморија, за најсветлата точка во копнежот, или за „тој чудесен свет на животни, птици, богови, ѓаволи, ѕвезди и планети“. Затоа и исповедноста во оваа книга ќе биде објаснета: „Се обидувам да ја запишам мојата приказна, која нема ’голема тајна’, но која, направо бележана, фрла тивка светлина врз времето и средината во кои растев, а тогаш таму не растеше четирилисна детелина.“ Средината на растење и на доживување е често променлива, времето е означено со бројката на педесеттите и со првите шеесетти години, а „големината“ на темата е во полнотијата на детството со доживувања и меланхолична приврзаност за него.
Нове Цветановски