Кон „Хомо сапуненс“ од Борче Панов

Драмата, сфатена како драмски материјал, како основа за претстава, е многу поподатлива на игрите со јазикот, на заумноста, сфатена во најширока смисла, отколку поезијата или романот. Од едноставна причина што песната има само еден толкувач – читателот, а драмскиот материјал, од првата читачка проба, до конечната претстава, проаѓа низ толкувањата на режисерот, актерот, драматургот и конечно, се разбира гледачот. Да ја земеме за пример „Хомо Сапуненс“, драма напишана во 2004. Имено, насловот е најава за тоа како во пиесата ќе функционираат јазичките игри, но и за авторскиот приод. Трансформирајќи го терминот хомо сапиенс во хомо сапуненс, а подолу во текстот, јасно насочувајќи го реципиентот дека таа трансформација е поврзана со сапунот и миењето, Панов ги промива ликовите до крајност, ги соголува за да ни ги претстави, не на рамниште на психолошки реализам, туку како карикатурални, гротескни претставници на хомо сапуенсот. Со ваквиот пристап е поврзана и основната разлика во промислувањето на светот кое Панов го има кога пишува поезија и кога пишува драма. Рековме во поезијата тој се допира до архетипски теми низ кои, некаде помалку, некаде повеќе, проблеснува секојдневниот, ситен човек. Во драмата, пак, тој тргнува од секојдневието, за да дојде до сопственото промислување на светот.

Мишел Павловски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *