Во последната деценија, во македонската литература се појави бран на млади автори кои важат за вистинско освежување на нашата книжевна сцена. И покрај тоа што се работи за млади автори, квалитетот кој тие го понудија беше една од клучните работи за нивниот успех и кај книжевните критичари и кај читателската публика. Романот „Црна шума“ од младиот писател Симеон Јанков претставува продолжение на овој тренд, а воедно и потврда за тоа дека нашата книжевна сцена има млади имиња на кои треба да им се даде шанса затоа што токму тие се нејзината иднина.
„Црна шума“ е роман каков што ретко се среќава во современата литературна сцена, дури може да се каже дека имаме недостиг од жанрот во кој би го сместиле. Се работи за трилер-мистерија во комбинација со хорор елементи и сонувачки мотиви кои, сепак, не би ги поврзале со фантастиката затоа што подлежат на психолошка експликација. Самиот овој жанр (кој е присутен кај нас преку светски познатите примери кои се преведени и достапни на нашата читателска публика) не ужива некое големо реноме кога се работи за уметнички квалитет и естетски вредности на делата кои од него произлегуваат. Токму романот „Црна шума“ е отстапка во таа смисла и истовремено еден еклатантен пример на трилер со врвни уметнички вредности, одлично изградени ликови, мајсторски раскажана приказна во чии рамки пресвртот, очудувањето кое настапува на самиот крај, е една постапка карактеристична за вешт раскажувач и Симеон Јанков со право може да го оквалификуваме како таков. Освен тоа, романот „Црна шума“ нурнува во најдлабоката човечка интима и тоа е еден гест како отворање на Пандорината кутија – од тоа нурнување се отвораат прашањата на најтешката загуба, болката по мртвата ќерка, љубовта и несреќата, правдата, а сето тоа е донесено по пат на реминесцении и внатрешна интроспекција на главниот лик што на самиот роман му дава една посебна филозофска димензија.
Романот „Црна шума“ е по многу нешта специфичен и уникатен, но пред сѐ, тоа е квалитетен роман од млад македонски писател што, освен што ја најавува неговата светла раскажувачка иднина, ја бои со оптимизам и иднината на нашата книжевна сцена генерално.
Фросина Пармаковска