Кон романот „Крвава месечина“ од Катерина Шошко

Секогаш е интересно да се види нечие прво дело. Ова прво дело, иако по обем големо, е малечко богатство да се објави и да се прочита меѓу врволицата романи што се појавуваат во нашата книжевност. Романот Крвава месечина на Катерина Шошко во себе ги спојува не толку популарните жанрови кај нас, крими-романот и психолошкиот трилер, но така што тие не се наметнуваат како негова главна карактеристика, туку можеби се јавуваат како потпрашање или контекст во приказната за Луна и за нејзината одмазда. Меѓутоа, во многуте други приказни што ќе се следат во Крвава месечина, во испреплетените и понекогаш романтичарски извонредни соодноси на ликовите, ќе стапнеме малку во политичките перипетии, ќе ги видиме заразноста на семејната драма, намамувачките игри на романтичната драма, средношколската драма, и комплексноста на семејното насилство.

Освен за животот на Луна од една страна, Крвава месечина раскажува и за една група ликови врзани со неа преку нејзиниот отсутен татко. Ликот на таткото, пак, кој најпрвин изостанува, потоа на голема врата ќе се појави пред читателите, за во еден миг на извесен начин сосема да завладее со целата приказна на многу нивоа и така навидум да добие еднакво главна улога како и Луна. Во овој живоизграден лик ќе препознаеме многу од тираните што секојдневно метафорично ни ја цицаат крвта. Политичарите, шефовите, сите оние толку зборувани привилегирани богати белци, обвиени во онолку харизма колку што е доволно да се покријат суштинската суровост и нечовечност што се кријат во ножот фино затскриен во дланката што ја држат зад својот грб.

Пишуван во нехронолошки редослед, на јазик напати книжевен, но напати дури и уличен, овој роман поделен во 57 глави, чија фабула се одвива пред сè во измислениот град Андрин, во поширока смисла, се занимава со доброто и злото, меѓутоа не само како спротивставени сили во постојана борба, туку повеќе како испреплетени начела чии граници не се секогаш толку јасно поставени колку што понекогаш мислиме дека се. Во Крвава месечина, всушност, и нема добри или зли ликови толку колку што има ликови што прават злодела од оправдани или неоправдани причини, во зависност, најмногу, од тоа колку читателот ќе може да им најде оправдание. И ова е една од оние приказни во кои читателот на свое ужасување многу е веројатно дека ќе се насладува при некои од крвавите сцени, поради чувството на добро остварената или заслужената одмазда, на казната што стигнува или на бескрупулозното непроштавање ниту на џелатот, ниту на жртвата, ниту на наивноста, ниту на крвавоста. Ова е роман што се занимава со оние нешта што се секогаш некако на мал чекор од нас, оние нешта што за влакно не се случуваат, ова е роман на афектот, роман на животот кога би ѝ се препуштиле на темницата што ни паѓа пред очи во силните напливи на вознемиреност или во нервните напади.

Овој роман во светски рамки би бил многу актуелен бидејќи ги вклучува во себе епизодичноста на крими-сериите и интригите на политичките драми, но за нас уште поважно е дека сето тоа го прави обелоденувајќи ги во исто време семејното насилство и дискриминацијата кон хомосексуалците како реални проблеми во нашето општество. Оттаму, ова прво дело на новата македонска авторка Катерина Шошко не е важно само зашто ќе донесе нешто ново во нашата книжевност туку и како дело што покажува дека книжевноста, освен уметничка, е и општествена алатка за давање глас на маргинализираните и обезгласените во општеството.

Фросина Стојковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *