(и/или како тој копнеж го прочита Иван Антоновски?)
Младиот, но исклучително искусен и докажан автор, Иван Антоновски вистинскиот предизвик за книгата „Идентитетот е приказна“ го наоѓа во самиот факт дека во досегашниот период, есеистичкото творештво на Горан Стефановски, и покрај тоа што не е занемарливо не само според естетскиот квалитет, туку и според неговиот квантитет (иако не е целосно систематизирано во одделни книги, а тоа треба да биде некој нареден предизвик) нема доживеано соодветна критичка валоризација од нашата книжевна наука. Имено, Антоновски доаѓа до сознание дека во ниту еден критички, односно книжевно-теоретски текст, акцентот не е поставен исклучиво на есеите на Стефановски.
Тргнувајќи од сознанието дека на есејот треба да се гледа како на одделен жанр, при анализата на поетиката на есеистичкото творештво на Стефановски, Антоновски констатира дека неговиот есеистички текст со своите особености ги надминува досегашните теориски одредби за есејот. Антоновски користи еден хибриден теориско-критичкипристап за да може да се дојде до (можни, но и реални) одговори на дел од низата прашања коишто му ги отвора есеистичкиот текст на Стефановки во текот на анализата. Така лесно, но прецизно (во манирот на онаа позната синтагма за „проста и строга песна“ на Конески) ги вткајува користените извори (како Лукач, Епштејн, Карин, Ричман, Клаиќ, но и Ќулавкова, Лужина, Кошка-Хот, Гешоска) и постојано води исклучително мудар и провокативен дијалог со големиот промислувач Горан Стефановски. И ова израснува во дијалог на (книжевен) син и татко!
Поглавјето „Уводни (не)есеистички прашања“ се отвора со две провокативни прашања: „Дали денес есејот заслужува внимание од книжевната наука?“ и „Зошто токму прашањата и дилемите за идентитетот, а не нешто Друго и дали може ли да се каже нешто ново по речиси неколкудецениската присутност на расправите за идентитетските наративи?“
Во напорот да го оправда должното внимание што есејот треба да го има во нашата/ македонската книжевна наука, Антоновски тргнува од низа теориски прочити (на Pouillouh, Aćin, Huxley, Richman, Cuddon, Benze, Божић, Торе, Адорно, и повторно на Лукач, Епштејн, Ќулавкова, Лужина, Џепароски). Така, по однос на првото прашање, Антоновски, одговара/ поентира вака: „како најповикана, нашата книжевна наука, веќе не треба да си дозволи есејот да го смета за спореден, секундарен жанр во рамки на творечките опуси на македонските автори, вклучително и во оние коишто не се доминантно есеистички.“
И по однос на второто околу актуелноста/ популарноста на прашањата и дилемите за идентитетот, Антоновски потенцира колку е значаен есеизмот на Стефановски токму на ова поле. Имено, Стефановски, како што заклучува Антоновски, тој својот есеизам го гради на тој начин што „во соодносот со други општества ’ги расплетуваше мрежите’ со земање различни гледни точки, од неговата позиција во commuting exile (Klaić 2009: 508), од којашто истовремено дејствуваше и набљудуваше во две култури (’попатно’ и во други култури меѓу местото на живеење и местото на работа, соодветно на неговиот творечки формат којшто ги надминуваше границите).“
Срцевината на овој ракопис е во двете наредни поглавја каде се третира поетиката на Горановиот есеизам и се истражува/ објаснува поимот „Идентитетот е приказна“. Имено, остварувајќи се како текст што припаѓа на метажанр/ над-жанр, есејот на Стефановски не може стриктно да се категоризира само преку постојните категоризации/ типoлогии, при што меѓу другото го препознаваме како одделен тип есеј т.е. како еден вид ренесансно-постмодернистички есеј, што би можело да биде и предмет на вистински полемики. За да дојде до ова сознание, Антоновски тргнува од Горановите мини или нацрт-есеи, како ексклузивитет на книжевниот есеизам од кои започнува да се градиГорановата есеизирана идентитетска приказна. Иван Антоновски поентира со согледба дека есеистичкото творештво на Стефановски се развива од мини или нацрт есеј до хипересеј, при што во него, мизанабимски, како есеми се присутни повеќе типови есеј според постојните класификации. А тематска доминанта на есеите на Стефановски е идентитетот.
Откако ќе ја дефинира поетиката на Горановиот есеизам, Иван Антоновски својот интерес го насочува кон прашањата и дилемите поврзани со идентитетот присутни во есејот на Стефановски. Имено, според него, тие произлегуваат од судирот на личниот идентитет и идентитетот на Ние со поширокиот социокултурен контекст, вклучително и супериорниот Друг, којшто идентитетот на инфериорното Ние го препознава за своја Другост. Но, одделно присутна е и релацијата на Јас со Другиот што е дел од Ние. На низата прашања и дилеми коишто во оваа книга на Антоновски ги претставува и преку своевиден мини-каталог, Стефановски им дава литерарна димензионираност, притоа докажувајќи дека есејот не мора да биде своевиден опозит на големата естетика. Оваа студиозна и високо книжевно-критичка анализа на есеистичкото творештво на Стефановски покажува дека тоа творештво може да се чита од повеќе аспекти, коишто се релевантни не само за книжевната наука, туку и за културологијата во поширока рамка, а кои се веќе референтни и за македонската книжевна историја. „Раскошноста“ на есеите со своите повеќеслојни интерпретативни рамништа дава можност тие да бидат деконструирани преку присуството на темите и мотивите коишто се издвојуваат како доминанта не само во есеистичкото, туку и во севкупното творештво на Стефановски. Всушност, авторските размисли и ставови на Стефановски, и покрај теоријата за „смртта на авторот“ во текстот, можат да се читат и како интертекст и на неговото драмско творештво препознатливо и преку тематско-мотивската определеност.
Oваа исклучителна истражувачка и поттикнувачка книга со провокативен наслов „Идентитетот е приказна“ упатува и на неопходноста од натамошни читања и анализирања на есеите на Стефановски, од коишто и зависи дали овие тези ќе бидат „потврдени, оспорени или дополнети преку натамошни исчитувања“, како што пишува самиот автор.
По прочитот на книгата „Идентитетот е приказна“ и особено на последниот Горанов есеј „Искрата што се измолкнува“ напишан/прочитан/претставен (јули 2018) само неколку месеци пред неговото физичко заминување (ноември 2018), а објавен помеѓу нејзините корици, се отвораат и нови прашања. Дали Горан е македонскиот Одисеј на нашата и европската книжевна и културна сцена? Дали во неговата есеистика е копнежот на македонскиот Одисеј? Ова се само две од тие прашања.
„Идентитетот е приказна“ е исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура. Студиозна и високо книжевно-критичка анализа, која низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби и ќе отвори низа прашања кои може да станат појдовни точки за некои натамошни, нови истражувања.
Весна Мојсова-Чепишевска