Стефан Марковски во збирката Смртта долетува насмевната маестрално ја демонстрира бескрајната флексибилност на приказните како протејски жанр: приказната може да биде буквално сè.
Марковски како образован и самосвесен раскажувач знае дека, токму заради таа своја особина, кратката приказна не може да инсистира на сликање на сеопфатноста на светот, туку на само еден негов, впечатлив настан. Нижејќи репрезентативни настани еден по еден, Марковски на читателот му нуди широка, но не и целосна слика на светот. Во тој стеснет, но заокружен и функционален, прозен свет на Марковски има нешто фаталистичко.
Кафкијанската атмосфера во приказната „Сепак сме Светлина“ највпечатливо сведочи за авторовата намера да се занимава со комплексни теми редуцирани од средствата за селекција. Мигот на спознание, како канонски облик на модерните кратки приказни е главна одлика на кратката проза на Стефан Марковски.
Неговите херои, често и самите писатели, во приказните доживуваат преломни животни мигови од типот на „фатален удар“ кога на невината глава им се срушува строга пресуда заради тоа што создале поетски свет толку различен од стварниот или кога ги прекинуваат три надреални, изненадни куршуми во текот на нивниот јалов обид за дефинирање на модерната поезија.
Јазично и стилски одлично обликувани, а повеќето и изразито духовити, приказните на Стефан Марковски нудат и еден посебен квалитет кој ги одликува само врвните мајстори на раскажувањето: тие секогаш имаат отворен крај, кој на читателите им овозможува бескрајни интерпретативни проширувања, што ги чини интригантни и заводливи.
Срѓан В. Тешин