Критика за „Крај-пат“

Крај-пат“, во најбуквалната и најбаналната смисла на зборот, не се остава од рацете кога ќе почне да се чита. Вакво меко, тивко, а истовремено моќно портретирање на ликовите со минимални и строго селектирани јазични средства одамна не сме прочитале од домашен автор. Маркирањето карактер со случка, со детаљ, сочно, драматуршки и лирски совршено одмерено не е наративна постапка за која светот (и ние во него) не сме слушнале… Сосем спротивното, Анѓелков ни го нуди она што го знаеме оддалеку, ама сега толку блиску и наше (во нашиот јазик) што можеме буквално да се огледаме во него, заклучувајќи дека „и ние можеме“ и „ние умееме“.
Иако е роман од нашите улици, OFF THE ROAD многу суптилно се одлепува од реалното и без правдање, тактизирање и наметливост, продолжува да си раскажува за неможното, за нереалното, во ниту еден сегмент не губејќи го тонот на „нормалност“. Оживувањето на мртвата мајка и нејзиното враќање во градината и во секојдневието ви се чини толку обично, како и подготовката за извесна свадба страници и страници пред тоа! Овој алмодоварски пристап е мошне редок, барем во нашата современа проза, а кај Анѓелков – мошне впечатливо „спроведен“. На овој начин, само со овој детаљ, OFF THE ROAD дискретно си преминува од жанр во жанр, од „рокенрол проза“ си прескокнува во симболична надреалност, од „роман за растењето“ во „роман за постоењето“, од прецизно лоцирано скопско предградие во која било точка од Земјината топка…
Оливера Ќорвезироска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *