Иако станува збор за негова прва книга, со дваесетината раскази понудени во збирката “Кротки приказни“, Анѓелков се докажува како автор кој умее да го води раскажувачкото дејствие по углед на најсовремените светски текови на она што денес во светот се нарекува short story, кој ја исцизелирал својата реченица и кој вешто знае да создаде атмосфера во рамките на кусата форма.
Гоце Смилевски
Низ дваесетината кратки раскази во оваа збирка, авторот пишува за настани од својот живот, но и за приказни кои ги чул од други. Тоа се парчиња од секојдневието, сосема мали и можеби за некого безначајни, но во кои Анѓелков успева да вдахне метафизика на баналното. Со својот новинарски стил, следејќи го принципот “помалку е повеќе”, тој, на страниците на оваа книга, на шармантен и непретенциозен начин ја брише границата меѓу своите и туѓите парчиња живот.
Марко Петрушевски
Незаокруженоста, нефинишираноста, понекогаш дури и недоправеноста, не се слабости на ракописот, туку сосем спротивното, доблести, зашто Анѓелков свесно бега од прозниот “занает”, од писателската поза на сезнајност. Тој раскажува по своја мерка, испишувајќи текст во облачињата (во стриповска смисла) исклучиво над своето небо.
Оливера Ќорвезироска