„Отсечките стварност“ обично се случуваат среде секојдневието, кое на прв поглед се чини банално. Но, Здравески успева да ни ги укаже пукнатините во реалноста, кои претставуваат влез во непредвидливи, можеби и опасни лавиринти. Со тон што не е врескачки, туку сталожен, со проникливост и интуитивност, со смелост да се ѕирне и во мрачните ќошиња на човековиот дух, авторот создал еден вид медитации на подвижна лента, успевајќи во невозможното – да изваја мали парчиња смисла среде сеопштата врева на современоста од која никој не е поштеден. Притоа, микроскопскиот поглед врз светот служи како алатка за проникнување во длабоките тајни на човечката егзистенција.
Но, не сите парчиња се натопени во истиот контемплативно-медитативен тон. Користејќи го хуморот, понекогаш на граница на црн хумор, бизарноста, апсурдот, очудувањето преку врската со детството и детскиот поглед на светот, авторот создава текстови што се исто така епифанични, само што овојпат до епифанијата се доаѓа по сосема друг пат и на друг начин. Важно е да се истакне дека и покрај тоа што збирката микрораскази „Отсечки стварност“ е составена од текстови прилично различни по тонот и атмосферата, читателот во ниту еден момент не го губи од вид препознатливиот авторски стил, она што им недостасува на голем број помлади и помалку искусни автори, дури и на оние кај кои талентот е очигледен.
Иван Шопов