Меѓу траумата и носталгијата

Кон книгата 3’53” од Берт Стајн
Една култура е жива онолку колку што има млади, експериментални, иновативни, смели автори („печурки“) кои постојано го туркаат системот од долу нагоре и го прават да се обновува, да се менува, да прифаќа нови изразни форми и сензибилитети. Затоа и естетското совршенство не е пресудно во пристапот кон таквите дела, туку новумот, отстапките од нормите, од прифатените естетски кодови и манири. Иако и нашата културна политика ја има во своите приоритети поддршката за млади автори, тоа најчесто се сведува на гола фраза или еднократна проектна поддршка, а не на системско создавање услови што ќе генерираат млади автори и понатаму ќе ги следат во развојот на нивните кариери сè дури не влезат во други творечки фази и категории. Дури имаше и неколку случаи на еклатантно непрепознавање на таленти од страна на разните институционални комисии, па проектите се претвораа во протестни или приватни инцијативи и манифестации. Успешни приватно-граѓански иницијативи што успеаја да добијат и институционална поддршка се наградите за млад визуелен уметник „Денес“, што обезбедува резиденцијален престој во Њујорк, и книжевната награда за дебитантски ракопис „Новите“ за која веќе пишувавме.
Новелата „Три минути и педесет и три секунди“ е едно такво експериментално и иновативно дело, што е објавено како приватно издание. Тоа ја искористи поддршката на ретките младински институции како: Младинскиот културен центар за промоција и Музичкиот канал 103 за маркетинг, но генерално фали институционална поддршка што може да го вивне прво во македонски, а потоа и во интернационални книжевни рамки. А славата ќе ја однесе некој друг странски автор кој искористил сличен иновативен клуч. Ова го кажувам зашто такви примери постојат. Саша Станишиќ, еден од најдобрите германски автори, бегалец од босанската војна, на иста возраст како и нашиот автор, напиша дело со слична тематика, „Како војникот го поправа грамофонот“, кое го вивна во центарот на европскиот книжевен свет. Друг автор кој стекна регионална слава е хрватскиот писател Анџело Јуркаш, кој на сличен начин ги спои музиката и литературата во романот „Соундтрак на животот“ и користејќи ја моќта и пробивноста на хрватските медиуми и режисери успеа да им влезе во меморијата на книжевно-музичките фанови по должината на бившите југословенски простори.
„Три минути и педесет и три секунди“ е новела што ги има битните компоненти на успехот на Станишиќ и Јуркаш, но е и многу повеќе. Таа е вистинско интердисциплинарно дело. Во основата е дело од жанрот роман на раснењето (билдунгс роман), популарен жанр на предмодерното доба, но повторно актуелизиран во поново време со подмладувањето на светот преку поп-културата, но и со траумите на денешните војни каде што младите луѓе се најголемите жртви. Новелата го проследува животот на младиот јунак од раното момчештво до раното татковство. Ја разголува својата семејна драма (дете на разведени родители) и ја разголува емотивната вознемиреност што силно се одразува и на неговата психа и на неговиот однос кон животот и околината. Потоа следува општествената драма на бивша Југославија и неговото откорнување од Сараево во Скопје, тешкото прилагодување во новата семејна заедница (овојпат со мајка, но без татко) и тешкото привикнување на новата национална средина. Потоа нѐ соочува со образовните проблеми, со тешкотијата да се најде работа, со мигрантскиот престој во Италија и во Лондон, потрагата по исчезнатиот татко и на крај заљубувањето и сопственото татковство. Оваа мала биографска сага е напишана со голема доза на искреност, разголување и соочување со своите стравови и трауми. Таа сведочи за изгубноста и за фрленоста на цела генерација во општествена криза која таа не можела да ја издржи. Личната несреќа се мултиплицира со трагедијата на цела една земја. На таквиот фон, пред нас се разоткрива растењето на младото момче, неговото емотивно и интелектуално созревање и неговите обиди да излезе колку толку целосен од апсолутната губитничка позиција. Тонот на книгата дише со една мека емотивност и дискретни интелектуални луциди за светот што го опкружува.
Ова е првото, наративно ниво на книгата. Второто ниво е поврзано со нејзината композиција. Имено, авторот композициски ја решава новелата преку 21 хронолошка секвенца при што секоја година, од 1984 до 2004 година, е со заглавие од песната што ја одбележала годината и личниот свет на авторот. Во оваа смисла, приказната за која зборувавме претходно всушност е организирана како еден вид музиколошки есеј за една песна, но некогаш и за цел музички бран или за музичка состојба. Овие музички анализи го откриваат авторот како апостериорен музички критичар на популарната музика каков што немало во нашата средина, а богами ретки беа и оние на југословенско ниво од кои ги преземавме нашите музички афинитети. Правејќи го овој интердисциплинарен микс, авторот всушност на најдобар можен начин го доловува духот на времето, духот на својата генерација, за кои барем од педесеттите години на дваесеттиот век популарната музика со сите нејзини поджанрови е најважен комуникатор меѓу младите генерации и медиум преку кои тие ги пласираат своите интелектуални, социјални и секакви други позиции во однос на светот. Музичкиот избор е разновиден и тој се менува како што расте главниот лик во приказната. Притоа тоа се нумери што оставија слична трага врз цела една генерација не само овде и на Балканот, туку и глобално. Поради тоа оваа книга има голема комуникативна моќ, што може да допре до широкото читателство. На фонот на глобалната валидност на музиката (во изборот се застапени само светски музички хитови), авторот умешно ја дава локалната нијансираност. Оваа приказна е и културна мапа за Скопје од преодот на милениумите, со прецизна слика, и повторна убава културолошка анализа на значењето на најважните скопски локали, места за излегување, социјализирање и растење на младите, од Чаршијата до Дебар Маало, од Њуејџ до Дваесет и кец, од Зизитоп до Џаџо. Има и една друга тополошка димензија што го доловува духот на времето. Не само двојните родни места, Скопје и Сараево, туку и Италија и Лондон, каде што јунакот се школува, односно работи. Со вовлекувањето на овие топоси, авторот сведочи за глобалниот номадизам и за зачестената мобилност во која влезе светот на крајот од дваесеттиот век, но со тоа повторно ја зголемува комуникативноста на своето дело. Интеркултурните искуства во новелата се нешто што го доживува и глобализираниот свет од Македонија до Филипините, и од Чиле до Украина, и тие се умешно испреплетени во таа игра меѓу локалните и глобалните планови.
Трет план, кој додава на интердисциплинарноста на делото, се серијата од, повторно, 21 колаж што претставуваат илустрација на секое од музичките поглавја. Во нив авторот, преку колажни илустрации, дава уште една концентрирана визија на тематско-идејните нишки што се провлекуваат во секое од поглавјата. Тие одлично ја исполнуваат таа визија и го збогатуваат визуелно искуството на читателот со наративниот свет и со раскажаната музика. Се разбира, можат и самостојно да стојат како кое било визуелно дело. Со ваквиот графизам, авторот се надоврзува на авангардните стилови во книжевноста, кои цветаа пред едно столетие, а кои денес не се употребуваат во книжевноста. По искуството со измите, книжевноста остана во својата традиционална форма и ретки се графичките експерименти. Иако новите медиуми, интернетот и социјалните мрежи, се одамна мултидисциплинарни, тоа тешко се пробива во конзервативната конструкција на литературата каде што текстот доминира над неговите обликовни елементи. Оваа книга си поигрува и со тоа.
За крај, најголемата игра се прави со самото авторство, нешто што, исто така, наголемо се користи во социјалните медиуми. Се поставува прашањето кој е авторот со англоционистичко име и дали тоа не е псевдоним на некој наш автор, особено затоа што автобиографските елементи кои доминираат во книгата можат добро да го лоцираат идентитетот на вистинскиот автор. Во таа смисла, авторот си поигрува со категоријата на авторството толку доминантно во неолиберализмот како што тоа го прават лажните профили на фејсбук или никовите на твитер. И подготвен е да се откаже и од честитките за одлично направеното дело. Маркетинг ефектот на поигрувањето со идентитетот, за жал, во нашата мала и немоќна книжевна индустрија не може да се постигне. Тоа повеќе создава проблеми во комуникацијата со кревката културна јавност отколку што може да ја покрене љубопитноста (особено во мал град каде што сè брзо се дознава). Но, сепак, книгата, веќе рековме, комуницира на многу други начини и авторството го сметаме за дел од нејзината експериментална структура.
Она што би посакал е ова дело да не биде новела, туку роман. Авторот да се одвои од автобиографскиот елемент и да внесе поголема, дури и подраматична фикционалност што, секако, би донела повеќе ловорики и успех. Се разбира дека книгата вака како што е напишана е една мала, нежна, воедначена во стил и во тон, соната. Но, големите мајстори подготвени за меѓународна слава преџвакуваат, комбинираат, компонираат, позајмуваат, извртуваат, претеруваат и со своите и со туѓите приказни.
Се разбира, дали одбраната опција сепак е подобра ќе докаже судот на времето.
Роберт Алаѓозовски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *