Мојот дом е таму каде што си ти

Порано се веруваше дека литературата е историја на автори и дела, а денес сѐ повеќе се мисли дека таа е историја на читатели кои одбиваат да ја играат улогата на пасивни филолози од стар ков и прифаќаат да бидат активни чинители во процесот на рецепцијата, оти тие едноставно немаат желба да го задржат текстот, туку да ја живеат неговата популарност, да ја видат моќта на неговите означувања, да ги откријат приодите кон неговите значења. Токму како таков читател се доживував додека го читав најновиот роман на Петар Андоновски  „Не кажувам“ (Скопје: Полица, 2023). Романот, заедно со оној на Фросина Пармаковска, ја затвори македонската романсиерска 2023 година. Тој ја затвори и мојата читачка/читателска 2023 година. И со него и јас станав еден од оние читатели кои повеќе не бараат одговори од текстот, зашто, едноставно, самиот текст очекува од нив да ги пополнат неговите празнини, да се однесуваат кон него како кон прочитан текст. Во тој контекст писателот е најпрвин читател на текстови, а самото пишување е секогаш само повторно пишување, едно безгранично враќање кон постапката на пронаоѓање туѓи зборови во зборот, туѓи текстови во текстот, едно бескрајно плетење на испресечените текстуални нишки. Зашто, да се пишува значи нешто повеќе од намерата да се искаже она што се мисли со структурата на јазикот и на писмото. А кога еднаш ќе се одвои од авторот, така како што „Не кажувам“ се одвоил од Петар Андоновски, тогаш текстот, а со него и приказната, го започнува своето лебдење во празнината на бесконечниот простор.

Логиката на Едмонд Жабес дека светот постои затоа што постои книгата, прави денешните читатели, а со тоа и проучувачи на литературата, да бидат поклоници на графоцентричната теорија на Жак Дерида изнесена во неговата книга „Писменоста и различноста“ која може да се сублимира во следниве зборови: „да бидеш, значи да бидеш во книгата…“ (Софија: Наука и изкуство, 1998: 114). Неговата девиза „Нема ништо надвор од текстот“ е иронична, (пост)модерна алузија на херметичната максима на Пол Валери: „Не постои нешто надвор од верната смисла на текстот“. Значи, јазикот не е неутрален. Тој е населен (1998: 114). Пренаселен е, вели Михаил Бахтин во својата книга „За романот“. Тој е сиот во акценти, „секој збор мириса на контекстот и на контекстите во кои го живеел својот општествено напнат живот; сите зборови и облици се населени со интенции“ (Београд: Нолит, 1989, 49).

Најновата приказна што ни ја (рас)кажува Петар Андоновски на која ѝ пркоси и самиот наслов „Не кажувам“ е градена преку тријадата теза – антитеза – синтеза. Така тезата е поставена во делот кој се вика „Дом“ (изградена низ 11 случки), антитезата пркоси со насловот „Семеен ручек“ (развиена низ 18 сцени, кадри), а синтезата ја дава поентата во „Мојот дом е таму каде што си ти“, инаку згусната, стегната низ само една ситуација – заедничката прошетка во паркот. Атмосферата која дише од приказната за оној кој за себе вели „Јас“ без притоа да си го каже своето лично име (впрочем како и во секоја крајно лична исповед, кога зборовите течат во прво лице еднина и кога тоа „Јас“ станува секое „Јас“ зашто додека се кажува / чита таа исповед, никој не го кажува сопственото име), атмосферата е суптилно меланхолична. А меланхолијата, која се одликува со беспричинска тага, со нерасположение и страв, со забавени душевни функции и со склоност кон самоубиство, станува честа душевна болест на 21. век. Така, и самиот оној што вели „Јас“, ни ја отвора душата и ни кажува: „Уште пред да ни кажат што одлучиле, почнав да чувствувам тага и носталгија“ (2023: 37) Има во ова приказна едно далечно ехо од филмот „Меланхолија“ на Ларс фон Трир кој во своите филмски остварувањазазема еден психијатриски однос кон своите ликови. Таквиот однос е забележлив и во приказната на Петар Андоновски, но не преовладува до тој степен за да ја преврти раскажувачката рамнотежа кон забележливо лудило. Напротив, Андоновски нѐ движи кон една рационална перспектива искажана низ признанието: „Додека го гледав толку вознемирен, помислив дека мајка ми имаше право, јас бев себичен и, освен на себе, не мислев на никој друг. Јас сум лош син, лош брат, лош партнер, лош родител на детето на мојот партнер, лош пријател.“ (2023: 112) Како и низ повеќе недоумоици: „Дали е ова животот што сакам да го живеам? Дали вреди да се вратам дома и да продолжам да живеам во молк?“ (2023: 111), „Што ако е ова нашата последна прошетка? Што ако ги гледам за последен пат?“ (2023: 112)

Според старата теорија на Хипократ меланхолијата настанува како резултат на одредена нерамнотежа во човечката душа предизвикана од доминацијата на супстанција произведена од жолчката, која потоа е побиена. Можеби затоа и бојата која се врзува токму со меланхолијата е жолтата. Можеби затоа и Марко Трпески ја обоил во жолто самата корица на книгата.

Квир темите не се ново во творештвото на Петар Андоновски. Не се ново ниту на македонската книжевна сцена, но ги има во некоја мала доза (како кај Гоце Смилевски, Ирена Цветковиќ, Лидија Димковска, Љупчо Петревски). Тие стануваат подоминатни веќе во неговиот претходен роман „Лето во кое те нема“. Но овој пат квир темата за истополовите врски, за нестандардните семејства добива една исклучително топла, љубовна нота, во која силната еротска сцена меѓу двајца мажи се чита питко. Така партнерскиот однос што главниот лик го гради со Јосиф прераснува во желба да се живее еден спокоен зеднички живот, живот во кој ќе постојат само тој и Јосиф: „Многу работи нѐ поврзуваа мене и Јосиф. Читавме исти книги, слушавме иста музика, сакавме исти филмови. Но најмногу нѐ поврзуваше чувството дека никаде не припаѓаме. (…) Не сакав да си замине. Првпат во животот чувствував дека знам што точно чувствувам и бев решен да одам до крај. Во него можев да се препознаам себеси, чувствувавме исти стравови, еднакво бевме несигурни, таму каде што завршував јас започнуваше тој.“ (2023: 27) Но, во нивниот живот случајно, а можеби и не така случајно, влетуваат две девојки, архитектката Лина и илустраторката на сликовници Веда, инаку љубовни и животни партнерки кои решаваат да ја купат куќата (сопственост на Свами Џи) во која веќе извесен период живеат Јосиф и неговиот партнер. И тогаш за сите нив, за оваа интересна четворка (две партнерки наспрема двајца партнери), за овие две истополови партнерски врски, започнува вториот живот. Живот во кој влетува и едно дете… И тука започнува вистинската бура од емоции.

Во доменот на културната критика преовладуваат егзистенцијално втемелените поими, кои буквално или метафорично се однесуваат на домот и домувањето, како што истакнува Елизабета Шелева во својата книга „Дом / идентитет“ (Скопје: Магор, 2005: 29). Од неколкуте негативни модалитети на домовноста кои му се блиски и на главниот лик на најновиот роман (новела) на Петар Андоновски може да се издвојат: неприпадноста или „невдоменоста“ (unhomed), но не во контекст на премолчаната екс-патријација, туку во домен на личното создавање дом и напуштањето на домот (displaced) или доброволното заминување, но не во контекст на заминување најчесто на Запад и нужната замена на својот јазик (и нација) со некој друг јазик (или нација), туку заминување од оној со кој некогаш си се вдомил (иако со себе само дошол со едно ранче) и во кој по извесно време ти станува тескобно заедничкото живеење.

„Не кажувам“ (рас)кажува за потрагата по вистинскиот дом зашто „оној Дом, што јас го барам, е всушност, домот на Љубовта, онаа, која, здомува, со својата нежна грижа, но, без да ја загрози твојата индивидуална слобода. (Шелева, 2005: 36). Ама може ли да се пронајде таквиот дом ако не си подготвен отворено да ѝ кажеш на својата мајка кој си и што си, ако ја криеш својата врска и од пријателите, познаниците, ако не си подготвен да кажеш дека не сакаш дете, ако не си ги кажеш своите соништа, ако не ги откриеш своите стравови? Главниот лик пред нас како читатели се отвора. Многу лесно си кажува што сѐ му лежи на срце, што сѐ му тежи на душа. Но, факт е, дека тоа што себе си го кажува, тоа што нам ни го кажува, нему нема да му ги реши дилемите и тој понатаму ќе се прашува дали може да живее без Јосиф, дали може да го сака Јосиф со Никита, дали може, воопшто да го сака Никита… ДАЛИ… ?

„И, навистина, Никита, беше создаден од неговата крв и сперма. Никогаш не му реков дека не сакам да имам дете. Никогаш не му реков, зашто се плашев дека ако му речам, ќе го разочарав, дека ќе го оддалечи нод мене, дека ќе престане да ме сака.

(…)

Никогаш не му реков дека неговите соништа не се и мои. Никогаш не ме праша дали се согласувам со сето тоа, сметаше дека толку добро се познаваме што не треба да си бараме совет еден на друг.

Никогаш не му кажав колку ми беа тешки и колку се измачував тие недели пред да се породи Веда. Постојано се преиспитував дали е во ред да не сакам дете. Дали е во ред што неговото дете и детето на Веда не го чубвствував за свое?“ (2023: 61-63)

Молкот треба да престане, молкот треба да почне да вика, да вриска за да може да зборува… „Современиот писател е, исто како и странецот, лиминална фигура – по дефиниција не-припадник и, воеедно, сеприпадник на едно големо, интерлитерарно заедништво, но суштински бездомник.“ (Шелева, 205: 171) Токму затоа Петар Андоновски прифаќајќи ја улогата на современиот писател како бездомник се обидува да им направи вистински дом на своите квир ликови и да им даде можност да си ги покажат своите емоции и целосно да се разголат. Како што целосно самиот тој како автор се разголува пред нас како чиатели. Затоа сочувствуваме кога „Тој“ ни признава: „Никогаш не му кажав колку многу ми недостигаат оние попладниња кога со филџани в рака ќе седневме на гарнитурата и со часови разговаравме за сѐ и сешто, почнувајќи од тоа како сме си поминале на работа до дневните политички случувања. (…) Никогаш не му кажав дека секоја недела кога ќе излезеше низ вратата од нашиот стан, помислував дека го гледам за последен пат и оти никогаш повеќе нема да се врати. Секоја недела живеев со тој страв.“ (2023: 88)

„Не кажувам“ е една искрена и топла приказна за тоа како треба да ги пуштиме молкот и стравот, пред тие да нѐ изѕвакаат и да нѐ турнат во неподнослива меланхолија. „Не кажувам“ е за сѐ она што треба и мора да го кажам / кажеме!

Весна Мојсова-Чепишевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *