Можат ли зборовите да ја измамат смртта?

Романот „Зборови“ од писателот Јордан Коцевски е негов четврт роман, и тоа четврт е по игра на судбината, инаку е негов прв напишан, во мошне интересни околности, како еден возбудлив интернет предизвик да се напишат педесет илјади зборови за одреден период (Јордан пишува педесет и една илјада зборови за само шест недели).

Мене, како што и му признав на самиот автор, тоа сознание мошне ме изненади, дури ме вчудовиде од причина што, кога не би знаела, кога не би го прочитала предговорот, јас никогаш не би претпоставила дека се работи за роман-првенче. Зошто? Затоа што, кога го читаме, веднаш, уште на првата страница, при првото впуштање во нарацијата, се среќаваме со еден мошне вешт, мошне зрел, како веќе одамна изграден и оформен автор. Значи, нарацијата, описите, повеќеслојноста во градењето на ликот, повеќеслојноста во прикажувањето на светот и на приказната која е многу густа, многу полна, амбиентот со сетилно сензитивните нишки – сето тоа упатува на многу подготвен автор, романописец, кој е неопходно и мошне искусен читател.

Општи согледувања

Воопштено, ова е приказна за еден млад човек кој ја изгубил својата сопруга и одлучил да не продолжи со животот понатаму, во онаа традиционална смисла, како што би очекувале другите од него. Што прави тој? Тој е страстен читател, книгољубец и колекционер кој гради цели кули од книги во неговиот стан; одреден ден во неделата оди во детската градинка да им чита приказни на децата (активност кога ја делеле заедно со неговата сопруга, Сара); и живее по строго утврдени ритуали чие нарушување го вознемирува.

Компликациите во неговиот живот, како и експлозијата на дејството во оваа книга започнува токму со моментот кога тој негов систем од ритуали ќе биде нарушен, загрозен. Тогаш се појавува докторот Филип кој, воедно, е најзаслужен за натамошниот пресврт. Токму Филип, му ја нуди прекрасната можност за повторно поврзување со неговата сакана…

Така, набрзо може да се посведочи една наезда од дејство, приказна која е полна, обемна и комплексна, а која, меѓудругото, е непобитен показател за раскошната имагинација на пистелот, неговиот талент за создавање на алтернативни, богати, детални, комплексни, енигматски светови. На моменти во книгата се појавуваат кратки подзастанувања каде во преден план избиваат мислите на главниот лик, неговиот внатрешен глас, како своевидни паузи во сите бури кои надоаѓаат во неговиот живот, а несомнено и во нашето читање како процес.

Ликот-чудак

Главниот лик, Стефан отвора посебна димензија, низа прашања и можности за негово толкување. Пред сѐ, се работи за еден необичен, интровертен, посебен лик, „чудак“ во очите на околината (односно во тесниот круг на луѓе со кои има контакт). Ваквите ликови кај читателот секогаш побудуваат посебна симпатија, возбудливост, љубопитност да откријат повеќе за него, да го запознаат, да се впуштат во неговиот свет затоа што тој е различен, секогаш обвиен со една мистериозна завеса, и поради таа причина е привлечен, нуди нешто повеќе, нешто кое е скриено и кое треба да го откриеме.

Една особено важна работа за овој лик е неговата опсесија со љубовта која во овој случај оди рака под рака со смртта – не можејќи да ја преболи својата мртва сакана, тој одлучува да живее како таа да не заминала, како да е тука, во постојан дијалог со неа во мислите и во постојана грижа за неа (што таа би помислила за тоа и тоа, што би рекла, како би се чувствувала). Ваквиот негов животен стил, животен став, несомнено ќе нѐ одведе до авантурата во која свесно влегува или прифаќањето на „пакетот“ што ќе му го понуди доктор Филип.

Нема да погрешиме ако заклучиме дека токму „ликовите-чудаци“ како Стефан, за разлика од „секојдневните ликови“ се многу поотворени и поподготвени да влезат во цел еден спектар од најразлични (честопати бизарни, несфатливи, ризични) ситуации во името на некаква идеја, за некоја висока цел или, просто, само затоа што така ќе им се присака во определена констелација а тоа е во целосна согласност со нивата (многупати ветерничава, отстапувачка, необична) нарав.

Жанровски аспекти

Тука стигнуваме до жанровското детерминирање на овој роман, кој несомнено е научно-фантастичен роман, а тоа е особено значење во однос на македонската современа литература поради тоа што научната фантастика во романот кај нас е многу слабо застапена, некаде на маргините на актуелната книжевност. Значи овде, ја имаме формулата на класичната научна фантастика: еден експримент кој е објаснет во вид на научна шпекулација, еден прототип на луд научник и човек кој е подготвен да ја отвори „Пандорината кутија“ со сите ризици што самиот чин ги произведува – сето тоа, колку и необично да изгледа, сепак, е поставено на реалистичното ткиво на текстот и како такво функционира во реалноста која е временски и просторно детерминирана. Реалноста е оваа, конкретна реалност што ние ја познаваме и ни е блиска, а нејзиниот тек никако не е нарушен со внесувањето на чудесните елементи низ експерименотот како научна шпекулација. И не само што реалистичноста на овој роман не е нарушена, туку она што се случува, вклучително и експриментот и последиците од него се ставени во својство на реалноста. Темата која ја има за предмет овој експеримент но и самиот роман е вечно привлечната тема за поместувањето на границата помеѓу животот и смртта, за нејзиното пречекорување и обидот да се погледне отаде таа граница.

Обидот „да се измами“ или „да се победи смртта“ е во основата на научнофантастичната димензија на овој роман, како и на многу големи дела од овој жанр. И повторно, научно-фантастичните текстови односно нивната дефицитарност на нашата актуелна книжевна сцена, може единствено да се промени со појавата на романи како овој – тематски специфични, стилски модерни и извонредно раскошни во поглед на приказната којашто не само што тече како река, туку има и длабочина.

Фросина Пармаковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *