Со овој цитат од последното поглавје на минималистичкиот, постмодерен, деконструктивистички роман Годишни времиња од Јулијана Величковска слегуваш од раскошниот автобус на писателката разочаран што волшебното патување завршило и што си дошол до последната станица. Извонредно! Не, не се тоа Годишните времиња на Вивалди, туку сосем поинаквите сезони на писателката Јулијана Величковска. Не станува збор за роман што само формално си го читал за да напишеш нешто, туку за едно животно патување на еден свесен човек за себе, за околината полна со петли, кокошки, мачиња, кучиња, молци. И сите си имаат своја важност. За сите нив, Величковска има по некој збор, убав или неубав, зависи. Но емотивен, секако, лирски обоен, онаков кој е благороден материјал од кој се прави книжевност.
Несомнено, ако начинот на кој се напаѓа темата го прави, меѓу другото, авторот писател, станува збор за огромен талант за пишување… Целата нарација пикната во една тура на градски автобус од почетната до крајната станица на која, веќе реков, за жал, мора да слезеш. И воопшто не би била нова и интересна целата приказна да не е таа преполна, понекогаш со лирски, понекогаш со мрглави, но секогаш со живи сеќавања на ликови запаметени како баба, дедо, мајка, татко, очув… И чувства како страв од смртта, презир, човечност, разбирање… И сето ова проткаено со најубавите стихови од песните на славните рок-групи: Нирвана, Пинк Флојд, Азра, Архангел…
Зачудува и восхитува не многу долгата нарација што е кажана паратаксички, со куси, разбирливи и моќни, прости реченици полни чувственост, страст за живот, топлина, љубов. И кога очекуваш сите сеќавања да бидат кажани во хипотакса, односно со бројни зависни реченици залепени за главната, независната, за да ја објаснат, гледај чудо – пријатно изненадување. Авторката Величковска, навлегува во длабочина, прави вешто психолошки портрет, односно ги кажува индивидуалните приказни за судбините на најблиските и (пред се за својата!) пак низ паратакса, односно со лирско и прецизно поврзување на куси, независни реченици. Одлично! Маестрално! Понекогаш од црната дупка на сеќавањето излегуваат мисли за политиката, нашата современост, нашата борба за промени, војната од 2001-та година, бавното умирање на Балканот и неговата душа… И сето тоа е кажано низ споменот на некој близок Балкан што дошол на овој свет, јадел, пушел со луле, пиел и си заминал од него небаре незадоволен од неговата поставеност.
Сепак, се чини, барем за мене, врвот на патувањето е кажан во три-странички долгиот, речиси, генијалниот, ироничен монолог за жолтото и за семафорот на шверцерот што се качува на автобусот без да плати! Феноменално! И тоа на скопски говор! Филозофски скен на животот! Дека животот е едно покусо или подолго патување кое не води никаде! Сѐ се врти во круг! И Бог, ако го има, е кружен!
Нема темна страна на месечината, таа целата е темна, ни порачува писателката Јулијана Величковска парафразирајќи ги Пинк Флојд. И нема. Месечината има само светла страна каква што е светла и иднината на оваа наша многу талантирана и богато надарена писателка, Јулијана Величковска. Современата македонска и светска книжевност има, несомнено, иднина со неа! Овој роман е само потврда на моиве пофални зборови. Не се сомневам дека иднината ќе ги зацементира на закачалката од современата светска литература!
Драги Михајловски