Образложение за наградата Роман на годината на Утрински весник за 2014 за романот Балканвавилонци од Луан Старова

„Романот ‘Балканвавилонци‘ е кулминативна точка на долгата романескна низа (‘балканска сага’) на Луан Старова. Станува збор за комплексно, слоевито и ерудитивно дело кое може да се нарече ‘роман-енциклопедија’, ‘роман-библиотека’, или ‘роман-океан’. Благодарение на спокојното и минуциозно водената нарација, во која се вткаени вешто портретираните ликови на двајца интелектуалци (Таткото и Климент Камилски), како и на нивните фасцинантни разговори и духовни хоризонти, читателот е исправен пред невралгичните пунктови на балканската културна и јазична историја, како и пред лавиринтите на балканскиот менталитет и сензибилитет. Суптилно реферирајќи на некои од стожерните библиски митови (пред сѐ, легендата за Вавилонската кула), асоцирајќи на шармот на Платоновите дијалози во кои соговорниците ги вкрстуваат аргументите и светогледите, како и надоврзувајќи се на некои од клучните столбови на европската романескна традиција (пред сѐ, Сервантес и Флобер), Луан Старова создал интелектуално заводливо, епски кохерентно и драматично четиво за културните проникнувања меѓу балканските народи, засведочени во јазичното наследство.“ е посочено меѓу другото во образложението за наградата за која одлучуваше жири-комисијата во состав: Владимир Плавевски, претседател и лауреат за романот “Јадица” и членовите: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература, проф. д-р Владимир Мартиновски, поет, есеист и вонреден професор на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, Михаил Ренџов, писател и Катерина Богоева, уредничка на Културната редакција на “Утрински весник”.

Романот “Балканвавилонци” е опишан и како еден вид “филолошки” роман или роман за мемориските капацитети на јазикот. Цитирајќи значајни лингвистички, културолошки и белетристички извори и подробно анализирајќи ги турцизмите и ориентализмите одомаќени во македонскиот јазик и во другите балкански јазици, потпирајќи се врз книгите и статиите од своите борхесовски библиотеки, неговите протагонисти од рефлексиите за само еден збор (на пример, “јаничар”, “кодош” или “курбан”) продираат во суштината на огромен број историски собитија и актуелни трауми на балканското совремие. “Но токму јазичното наследство во овој роман на Луан Старова прераснува во метафора за проникнувањето на минатото и сегашноста, како и силен ‘адут’ за согледувањето на многубројните споделени вредности и заедничкото културно наследство на балканските народи. ‘Балканвавилонци’ е роман во кој се слави културата на дијалогот, во која постојат почит и љубопитност за ставовите на другиот, како клучна претпоставка за да се согледаат и прифатат слоевитоста и флуидноста како на туѓиот, така и на сопствениот идентитет. Книжевно третирајќи долга низа историски и актуелни теми за балканските народи, Луан Старова напишал роман кој достоинтвено се впишува во современите текови на европскиот роман.”

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *