Ракописот на Јордан Коцевски „Тегли“, доаѓа како освежување во продукцијата на книги кои припаѓаат на одреден суб-жанр, во случајов трилер и хорор. Нашата македонска понуда на книги од тој жанр е скромна, а она што ракописот на Коцевски го прави поразличен од другите е неговата ерудитивност во жанрот. Во ракописот ништо не е случајно. Темата, мотивот, ликовите. Следејќи го златното правило „покажи, не кажи“, Коцевски нè воведува во една интригантна приказна, на бизарен колекционер на човечки делови, префинет убиец кој преку мрежа со слични на себе, создава своја империја на артефакти, кои како што спомнавме се делови на човечки тела. За заплетот да е поинтересен, ликот на провалникот кој го открива првиот од мрежата, се развива по принципите слични на стрипот, кој иако провалник, има свои етички начела кои често би можеле да се врзат и со анти херои. Со тоа Коцевски покажува дека извонредно ги гради ликовите, кои се повеќеслојни, и кои имаат своја функција во градење на дејствието. Меѓу нив е и Роза, која парира на провалникот, одлично е искористен романтичниот потенцијал меѓу нив. Таа парира што на некој начин и таа е анти-херој. И самата жртва на семејно наследство станува одмаздник кој е безмилосен кон насилниците и заради што се прави конфликт меѓу неа и провалникот. Конфликт вешто искористен за дејствието да добие на динамика, но и да се пренесе етичка порака на сезнајниот раскажувач, кој во случајов би можел да биде и алтер его на авторот. Богатите описи исполнети со сугестивни асоцијации на мириси, бои, звуци, ја доловуваат атмосферата на книгата и лесно приказната може да се замисли и филмувана. Читајќи го Коцевски може да се забележи влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, и не е премногу ако се каже дека Коцевски го има потенцијалот да биде македонскиот Стивен Кинг. Верувам ова ќе е едно дело во редица на многу други што ќе следат.
Мерсиха Исмајлоска