Кон книгата „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски, Кликер маркетинг, 2013
Петар Андоновски, млад дипломец на Катедрата за општа и компаративна книжевност, човек кој ќе ви приготви вкусно кафе во една од најпопуларните кафе-книжарници во градот, „Магор бук“, за малку ќе направеше академик Митко Маџунков да се откаже од ставот, кој толку громко го изговори, при примањето на најпрестижната (и најбогата) книжевна награда во земјата, Роман на годината на „Утрински весник“. Имено, академик Маџунков, кога, примајќи ја наградата, по автоматизам (или подобро речено по углед), стана претседател на наредното жири, рече дека таа треба да добие на тежина со тоа што ќе се доделува на писатели со опус. Маџунков веројатно сакаше да реплицира на практиката таа награда да ја добиваат дебитанти или автори со мал книжевен опус. Но и во практиката на жирито со коешто тој претседателствуваше, дебитантот Петар Андоновски, дојде до самото финале. Наградата за неговиот првенец „Очи со боја на чевли“ за влакно му избега. Со тоа, се направија две битни работи. Се разби предрасудата (одамна побиена од случајот Рембо) дека книжевноста може да има временост, обем и процес на созревање. Но и се потврди фактот дека младите автори се најчесто оние што внесуваат „свежина“ во литературата (како што рече Виктор Иго за делото на младиот Бодлер). Токму таква свежест во романот на Петар Андоновски забележуваат и неговите две рецензентки, професорките Јасна Котеска и Славица Србиновска. Тие воодушевено го анализираат првенецот на Андоновски и тоа открива уште една „неправедна“ практика во македонскиот книжевен систем. А тоа е прописот дебитантските дела да мора пред објавувањето да се потврдени од барем двајца рецензенти. Тоа професорките чесно си го одработиле. Воедно, терајќи нѐ да се запрашаме, колкава е бројката на романите на недебитантите, коишто секоја година или преку година редовно објавуваат, повеќето со подршка од Министерството за култура, а коишто не можат да се пофалат со две квалитетни рецензии за нивните дела?
Без намера да ги повториме одличните критики на Србиновска и Котеска, што авторот умно ги објавил на крајот од својата новела, ќе се обидеме да ги лоцираме тие неколку точки кои во овој момент не се толку типични за доминантната македонска литература и го создаваат тој впечаток на свежест.
Пред сѐ, „Очи со боја на чевли“ е краток роман. Поточно, тој по својата должина и композиција повеќе наликува на новела. Фактот што самиот автор амбициозно го нарекува роман би го придодал на неговата нагласена литерарност, што е уште една негова „свежа“ карактеристика. Но најпрвин да ја поздравиме краткоста на прозната форма. Во автопоетиката на авторот, кратката форма е потешкиот пат. Тој своето дело го остварува преку редуктивна постапка, во која сака со малку зборови, со малку ликови, во кратки секвенци да каже нешта со широка симболичка вредност. Значи не се работи за забошотување, за недостаток на инспирација или пишување на брзина, кое што често се огледа кај малите романи во македонската литература во последно време. Од друга страна, редуцираниот исказ е контрапункт на доминантно долгиот роман, многузборниот, епскиот, општествено амбициозниот, кој во последно време го гаат почитуваните и наградувани македонски автори. За разлика од доминантната свртеност кон епохата, кон историчноста на времето, кон општествената стварност, Андоновски пласира една нагласена литерарност. Таа е обликувана на сите нивоа на новелата. Од изборот на насловот и мотото на романот, преку изборот на ликовите, на интересот на ликовите, до начинот на кој авторот ги слика или се интересира за нивните светови, пристапот е книжевен. Тоа е огромна одговорност, што авторот си ја задал. Да го привлече вниманието врз себе и својата поетика, преку своите книжевни вештини, а не и преку општествените прашања или стварноста која се пресликува во делото, а кои можат да делуваат олеснително. Но во тоа е и добивката. Андоновски покажува огромен книжевен талент да изгради необичен книжевен лик, односно да направи вешта игра на два комплементарни лика, да го прикаже дејството прекршено преку раскажувањето првин на едниот, а потоа на другиот лик, да внесе многу мунициозни детали во раскажувањето, и на крај, ирониски да ја прекрши суровата општествена реалност во позадината на високо естетизираната приказна. Таквиот тип на раскажување е обележје на книжевната епоха на дваесеттиот век, на една голема немиметичка традиција, и навистина е освежување да се прочита начинот на кој Андоновски се надоградува и вградува во таквата традиција.
Новелата „Очи со боја на чевли“ е двапати раскажана приказна за двајца „налудничави“ ликови. Едниот е Ема, професорка по книжевност, која што има фројдовска пасија по убави и чисти чевли и која ги следи мажите што имаат такви чевли. Другиот е Нестор, писател, кој иако никаде не е експлицитно кажано, боледува од параноја, откако актуелната власт го обвинила, неправедно, дека неговиот прв роман има скриени дистописки пораки против режимот. Следењето на Нестор од страна на Ема, завршува со трагична смрт на Нестора, кој е убеден дека Ема е дел од системот што го следи. Тоа класично недоразбирање се открива дури преку отплеткувањето на вториот дел од раскажувањето на истата приказна, видена преку параноичната свест на Нестор. Фројдовската пасија по чисти чевли, доаѓа од израснувањето на Ема во еден хипохондричен, автократски родителски амбиент. Таа е ќерка на еден генерал, кој цел живот го малтретира своето дете. Дури и во негово отсуство, Ема се соочува со потребата да го одржи суровиот диктатор (суровиот бог), иако тој е одамна мртов.
Има многу книжевни и епистемички слоеви во литературата на младиот Петар Андоновски. Тој е вистински погодок за книжевните сладокусци и познавачите на книжевноста. И во таа смисла, не зачудува добриот прием кај искусните професорки. Но тој тоа не го пишува на еден експлицитен, книжевнички начин, туку посредно, тие значења и можни толкувања еманираат од плетивото на дејствието и од описот на ликовите. Со тоа, оваа проза е читлива и за поширокиот слој читатели, кои не мора нужно да ја познаваат современата литература.
Новелата сепак има неколку недостатоци, и тие се врзуваат пред сѐ со определбата на авторот литерарноста на текстот да ја пласира индиректно, инсистирајќи на реалистичноста на приказната. Односно проблем на мунициозното раскажување е уверливоста на ликовите и доследната миметичка изведеност на некои од расказните ситуации. Имено, семејните релации и на Ема и на Нестор не делуваат докрај уверливо. Од друга страна ситуираноста во еден современ и препознатлив хронотоп, Куманово и Скопје, денес и сега, прави низ прозата да се провлекуваат неколку банални наративни ситуации. Како да требало авторот да вложи поголем напор да изгради поуверливи, но и побогати секвенци.
Роберт Алаѓозовски, Економија и бизнис