Смена на четирите горчливи времиња или носталгија

Пред нас го имаме првиот роман на Јулијана Величковска. Претходно имавме можност да ја читаме нејзината поезија, а сега да ја запознаеме и со друг вид на писание. Скептичен сум кога некој поет ќе објави роман. Знаеме колку напорно може да биде подолгото држење на наративната линија и тоа да биде беспрекорно добро. Обично, романите на поетите знаат да бидат премногу лиризирани и густо набиени со метафори. Изразот опскурен и приказната тешко дофатлива. И тоа како се излажав во случајот со овој роман.
Овој роман ме остави парализиран уште при првите страници. Ова е, пред сѐ, роман за носталгијата. Роман за нашите епизоди од детството. Јуле во романот тргнува од својата позиција, а успева да ги активира нашите спомени и сеќавања. А спомените од детството и носталгијата се како диета. Постојат онолку диети за слабеење колку што постојат луѓе. Таа што е успешна за едниот, не е функционална за другиот. Јуле воопшто не е „себична“ во романот. Ги раскажува своите приказни, а притоа дозволува ние да се сетиме и одново да ги преживееме нашите.
Романот на Јулијана Величковска ме асоцира на албумот „Ten“ од Pearl Jam. Сличноста не е од некаква тематска поврзаност, туку од самиот факт дека нејзиниот прв роман како и првиот албум на групата е едно одлично склопено и со хируршко-писателска прецизност создадено дело. Прво, а совршено зрело. Краток роман за животот, краток роман за едно возење со автобус, кое одмотува слики од друго време. Во него постојат спомени навртени како ретро-лента без нималку патетична носталгија, туку совршено филмско редење на кадри. Да, навистина сметам дека од овој роман би можело да се направи одличен филм со бои и звуци. Една силна психоделија што ќе удри на сите сетила. Како и во своите книги поезија, така сега и во романот, Јулијана не се задоволува со линеарно дводимензионално претставување на нештата. Таа сака повеќе, многу повеќе. Песни, стихови, цртежи, извадоци од филмови, пак песни, гитарски соло делници, реминисценции на сликари… Дали е сето тоа правилно дозирано? Да, и тоа толку едноставно, а сепак префинето. Сите овие состојки и мирудии се правилно дозирани и крајниот производ од писателската „рерна“ е еден одличен краток, исклучително добар роман. Роман, кој не само што може да се чита, туку може и треба да се доживее со сите сетила и со сите хистерии и терапии на детството. Роман, кој треба да се прегрне како дете и во него истовремено да се бара и детето и жената. И архетипот и трипот, фолклорот и рокенролот.
Можеме да зборуваме за романот од сув теориски аспект. Тој може да се третира како Афикција, според терминот на поетесата и романсиерка Лидија Димковска, која вака ја означи својата книга „Скриена камера“. Може да се зборува за позицијата на нараторот во неа. Јас-раскажувачот со внатрешна фокализација која гледа со очите на малечко дете зачудено пред светот т.е. Скопје и Македонија во осумдесеттите. Крајот на медот и млекото на старата „Југа“ и почетокот на нејзината смрт и редефинирање на Балканот. Потоа гледа низ очите на младиот човек во вителот на транзицијата. Лична и општествена. Тука е и фрагментарноста и краткиот спој како постмодернистички постапки, мутимедијалниот колаж и слично. Тука е и алтер-егото на Јуле, Марла од клубот на зависници од фикции. Можеме да кажеме за тоа како Јуле создава свој космос во романот. Најпрво го развива, потоа се заканува хаосот, настапува и потоа одново – космос. Моќен демијург кој ги преминува границите на обичен роман. Мошне интересно успеала да ги спои во своите стихови и проза „Wish you were here“ на Пинк Флојд со убавиот гром на Цеца Р’жњатовиќ, а исто така, да ги вметне и сликите на Моне заедно со задникот на Ким Кардашијан. Краток рез, критика и пародија насочени кон „уметноста“ на поп-фолк културата, паланечкиот дух на градот, ситните злоби, малограѓанштината, шмизлите, стрејтерите, хиспстерите, хејтерите и сите останати канцери и тумори на секојдневието.
Романот започнува и завршува со едно возење во автобус на ЈСП. Возачот вози некоја подолга линија, а нараторот го вози романот во години и месеци наназад, раскажувајќи приказни на живи и неживи. Секоја приказна ја отвора како ново јазиче на компјутерот на животот, не успевајќи да нè засити и да ни здодее, туку напротив ни го потхранува гладот за уште, уште приказни. Приказната за малото девојче кое наоколу ја антиципира смртта на најблиските, девојката во страсна љубов со саканиот, мајката со жива сода покрај себе чекајќи ја или иницирајќи ја смртта, саканата баба со една рака и едно око и срце големо к’о планетава. И следи уште попис на приказни. Се јавуваат чудаци, алкохоличари, филозофи скитници, цела една армија ликови.
Сите овие нешта ги има, но сметам дека тие постојат за да се активира носталгијата… Колку алтруистички потег… Доживување на сопственото детство (не секогаш розово и весело) преку туѓ роман. Тригер-роман за нашите слики и архетипови. Кај мене лично, овој роман, го исфрли од фиоките на спомените следниов арсенал: Играчка со маскотата на Вучко од Олимпијадата 1984г., сеќавање на соцреалистичките цртани филмови со Лолек и Болек, Мразулко, Три банани и многу други, кои што за сиот западен свет би се користеле како позадина на психоделични шоуа за психотропна публика во алтернативни рок-клубови, а кај нас беа легитимни детски цртани филмови што одеа пред вестите во 19:30 часот. Јуле те враќа низ времето како музика пуштена на прва програма на Македонско радио во 7 часот наутро и сè ќе те удри со некој хит од Макфест во доцните осумдесетти. Трајче Манев со „Осамен“ и Хелена Благне со нејзиното преубаво „л“ во: „Кога те нема наокоЛу те барам“… Романот навистина ја овозможува оваа ретроспекција на детството. И не само детството. Тука е и младоста: сите колективни преслушувања на Архангел, Азра, Рејдиохед, Пинк Флојд и Нирвана и пијаните ноќи во стан во Капиштец. Јуле своите главни музички химни успешно до заситување, но без здосадување ги вметнува во романот и тие помагаат да се вози приказната. Приказната за едно возење во стар дупли автобус на ЈСП. Во една пригода Јуле рече дека најдобро пишува во автобус, но не може во новите автобуси на два спрата т.н. „дабл декери“. А, толку Чеховско-Достоевски приказни има во вторник и петок накај 10 часот на потегот од Румунска болница до Зелено пазарче…
Романот е краток, искрен, без излишни зборови и здодевни приказни. Совршен роман за совршено возење.
Како да се чита? Качете се во автобус кој сoобраќа на некоја малку подолга линија, на пример, од населбата Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Сместете се удобно од страната до прозорецот. Ставете ги слушалките од мобилниот телефон или емпетри плеерот, пуштете компилација песни од Пинк Флојд, навалете го грбот на седиштето, отворете ја книгата и започнете со читање, па застанете, слушајте малку од музиката и стиховите на Вотерс и Гилмур, па набљудувајте ги патниците до вас и околу вас. Потоа пак продолжете со читање и „let the good times roll“. Свртете се накај улиците и булеварите. Сетете се дека сите тие луѓе, кои стојат или седат до вас или се наспроти вас на патеката за пешаци, исто така имаат свои приказни и свои лични комедии и трагедии. Сите имаат детство и страв од смртта, желба за љубов. Сите тие имаат свои неврози и свои медитации. Сите тие се во романот. Сите тие се роман…

 

Душко Крстевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *