Вртлог на креативноста

Кон романот „Неверство“ на Дејан Трајкоски, издание на авторот, 2014 година.

Во денешнава колумна ќе се осврнам на вториот роман на младиот (ако четириесетте години се уште важат за младост) писател Дејан Трајкоски „Неверство”. Но, пред да се фокусирам на самото дело, токму биографијата на авторот ми даде шлагворт да се осврнам на проблемот и на потребите на прекарните културни работници, како што би ги нарекла промарксистичката анализа, или на креативните претприемачи, како што доаѓа од (нео)либералната мисла. Имено, Дејан Трајкоски е дипломиран професор по филозофија, но веројатно во животот никогаш не планирал да им држи досадни часови на клинците. Наместо тоа, тој загризува во уметноста на филмот и долги години ја проследува на страниците на дневниот весник „Вечер“, станувајќи и член на угледното Меѓународно здружение на филмски критичари „Фипресци”. Креативниот порив понатаму го тера кон другиот силен уметнички пол, книжевноста, објавувајќи ете дури два романа и воедно, во партнерство со издавачката куќа „Икона“, го реализира Фестивалот на балканска проза „Про-за Балкан“. Фестивалот го реализира солидно, всушност беспрекорно од неговиот уредничко-поетички концепт, вклучувајќи врвни домашни писатели во Програмскиот совет и донесувајќи култни балкански писатели како: Владислав Бајац, Миленко Јерговиќ, Андреј Николаидис, Даша Дрндиќ и други. Овој концепт на силни автори наиде на добар одѕив кај публиката и му осигури интерес уште во првите изданија. Но, најважно, и најиновативно на овој фестивал, е гостувањето на книжевните агенти и скаути пред кои македонските писатели ги претставуваат своите дела со надеж дека ќе бидат вклучени на меѓународниот пазар на автори. Кога работите кај нас не би се одвивале по партиска линија, јас токму Трајкоски го гледам во менаџерскиот тим на се уште неоснованиот Центар за книга како национална институција што ќе се занимава токму со меѓународната промоција и маркетинг на македонските писатели. Го направив овој обемен вовед за да кажам дека Трајкоски несомнено припаѓа на таа креативна поткласа на културни претприемачи и го надминува обичното писателство. Веројатно токму и затоа тој инсистира самостојно да го издаде својот роман (со помош од Издавачката програма на Министерството за култура), иако тоа може да го направи лесно со некоја од издавачките куќи со кои соработува на други проекти. Пред да преминам кон романот на Трајкоски сакам да кажам зошто е важна оваа креативна класа за новата креативна економија, и да апелирам до јавните власти да создадат серија системски мерки со кои оваа пионерска претприемчивост ќе ја стимулираат наместо досегашните парцијални и случајни решенија на поддршка. Во книгата „Мобилност на имагинацијата” што излезе пред Нова година во издание на „Го- тен“, познатиот теоретичар на културата од светски глас Драган Клаиќ (1951-2011) дава одличен портрет на ваквиот тип луѓе. Клаиќ вели дека мотивацијата на културните претприемачи да учествуваат во меѓународни проекти често е многу посилна отколку нивните рационални пресметки за вложениот труд и добиената награда. Тие се уште учествуваат во проектот за многу мал или никаков хонорар, а сопствениот буџет настојуваат да го избалансираат со работење надвор од работното време или паралелно со некоја покорисна работа. Тие очекуваат дека жртвата направена на почетокот на кариерата може подоцна многукратно да биде наградена: со авторски договори што ќе им обезбедат многу подобра платеност. Но, се случува спротивното. Колку и да се заработи секогаш се реинвестира во идни проекти и тековните дефицити се изедначуваат со очекуваниот приход во следните години. Затоа културните проекти, а особено новата креативна економија, се крепи на некои одлучни, скромни, самопожртвувани и во исто време прилично бизнис ориентирани индивидуалци кои преземаат значителни уметнички и финансиски ризици проектирајќи ја нивната балансна состојба далеку во иднината и систематично употребувајќи ја својата неплатена и прекумерна работа, како и онаа на нивните соучесници во создавањето на претпоставен културен и социјален капитал. Финансиска загуба се надополнува токму со големото задоволство и инспирација, угледот, професионалниот раст и стекнувањето на нови вештини. Драган Клаиќ вели дека овој маѓепсан круг нема крај. Кога претприемачот ќе се измори од оваа борба, или дури смачкан ќе ја напушти играта, се јавуваат нови генерации подготвени да го испробаат сопствениот метод на постојано преземање на ризик. Дејан Трајкоски е токму еден ваков претприемач. Но, за да го намали ризикот, да го поттикне задоволството и да ја поттикне продуктивноста, а да ги отстрани заморот и разочарувањата, јавната власт, и локалната и националната, треба да донесе системски мерки со кои ќе ја направи ваквата креативност порентабилна. Тоа се случува недоволно и во услови на зголемена регулација. Владата нуди помош под услов претприемачите да се регистрираат за одредена дејност. Големи се стандардите кои дури и самостојниот вршител на дејност треба да ги исполнува, а казните и глобите за грешките во работењето растат.

Во таа смисла, Трајкоски го фати последниот воз. Со најновите критериуми во издаваштвото веќе не може да се објави делото самостојно. Јас сум на мнение дека треба да се направи еден солиден базен на поддршка во која креативните претприемачи ќе можат слободно да експериментираат, интерсекторски или како веќе милуваат, со своите идеи. Главна грижа да им биде применливоста на нивните експерименти и ефектот во заедницата, а не преживувањето и лукративноста. Само таков еден одржлив вртлог може да ја поттикне креативноста и иновативноста, тие два клучни аспекти на современата дигитална економија.

Но, Дејан Трајкоски како прозаист не и припаѓа на креативната класа на начин на кој како претприемач во културата и менаџер на надежен книжевен фестивал и припаѓа. Неговата личност се поделила на две дела токму пред портите на неговото авторско дело. Насловот на романот, иако верно ја одразува главната тема, и изборот на корицата, сепак стојат во расчекор со внатрешната поетика на самото дело. Сликата на Густав Климт што ја краси серијата метални кутии на светски познатиот бренд на австриско кафе Јулиус Менцл, со агресивна кампања на виенскиот аеродром (се разбира Климт е инспирација и за редица други меѓународни повторни употреби на неговите дела), е избор кој би верификувал една современа, би рекол и меѓународна љубовна драма. Во таа смисла и насловот би бил погоден. Но, Трајкоски го користи Климт за блага алузивна компарација и создавање мала забуна во хоризонтот на очекување на читателот. Таквиот тип фигура е честопати употребуван во различни контексти и афирмативни, и панагирични, и ирониски, и полемички. Трајкоски го користи афирмативно со блага иронија. Тој сака да каже на кое ниво беше дојдена либидиналната енергија на западното човештво додека нашите прабаби и баби се уште ги продаваа преку стројници, а мажите дури ни на смртна постела, при преоблекувањето на мртовецот, не ги имаа видено своите жени голи.

Романот се занимава со хибрисот, со престапот на еден пар двајца вљубени, Соне и Мена, сиромашни прилепчани, кои понесени од младоста и својата невина заљубеност ја откриваат и развиваат својата љубов истовремено со својата разгоропадена сексуалност во зачмаената балканска провинција. Тој хибрис не може долго да трае. Нивната сексуалност е фатена на дело и е санкционирана од средината со презир и со отфрлање. За да се оддалечи од општествениот срам, но и за да постигне материјален статус да ја „откупи” девојката за жена Соне заминува за Америка. Таму веќе на прекуокеанскиот брод доживува либерална еманципација. Се соочува со модерните форми на љубов и на секс, на еманципирано меѓуполово комуницирање кое Соне го гледа низ призмата на својата средновековна моралност и го толкува како сопствен пад од беспрекорноста на чистата љубов кон Мена. Таа, пак, продолжувајќи го животот без социјалните искушенија на Соне успева да ја зачува својата апсолутна љубов. Кога Соне подоцна се враќа раздробен на парчиња во својот морален „пад“ таа го прифаќа. Од истата љубов го прифаќа и неговото заминување кога тој веќе знае дека навикнал на живот поинаков од семејниот и дека тој старомоден стил го задушува. Се претвора во белосветски скитник, и одвај при крајот на животот успева да си го пронајде и види синот пред натежнатите години.

Оваа приказна Трајкоски ја пласира во еден стил што е мошне почитуван во македонската литература. Тоа е стилот на Петре М. Андреевски. Во начинот на градењето на реченицата, во употребата на реторичките фигури, во присуството на магиско-паганските елементи, во употребата на фолклорниот јазик, Трајковски успеал да изгради стил, прв на една естетска линија, по покојниот Петре М. Андреевски би рекол, a сепак негов. Негов, најмногу благодарение на високата метафикционалност. Односно присуството на свеста дека гради книжевност и вграденоста на таа свест во самото дело. На пример,Трајкоски во раскажувањето користи категорија наратор и дури во еден момент ирониски нараторот и ликот влегуваат во драмска полемика што ја руши илузијата на приказната. Таква постмодерност нема во прозата на Петрета. Затоа Трајкоски е автентичен глас во македонската книжевност и покажаното стилско и наративно мајсторство го вбројуваат во успешните млади автори.

Би го заклучил текстот, повторно враќајќи се на претприемаштвото. Книжевноста, за разлика од другите уметнички дисциплини, како свој медиум го има јазикот. И јазикот, всушност, претставува парадоксален хендикеп за добриот автор. Имено, колку авторот е повтемелен и мунициозен во својот јазик, во својата култура, толку е понепреводлив во другите јазици и култури. Она што е успех во нашата култура прашање е дали би нашло добар преведувач за да биде успех во друга култура, па дури и тогаш прашање е колку монденскиот Њујорк може да искомуницира со атавистичкиот Прилеп. Во паганскиот слој црната Америка комуницира со Соне, но од друга страна, прилепчанецот е закатанчен во морални пранги на кои можат да му по- завидат и најпуританските протестантски кругови во Америка.

Роберт Алаѓозовски, Економија и бизнис, Февруари, 2015

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *