Моето обраќање вечерва ќе биде лично, како што впрочем е лична и самата книга со индикативен наслов „3 минути 53 секунди“.
Интересна беше приказната како се сретнавме јас и книгата – имено, во НУБ Климент Охридски носев некои од новите изданија на ИЛИ-ИЛИ, кога таму, на масата, колегите од Готен веќе ја завршиле својата обврска. Ја земам малечката по формат, но голема во срцето книга во рацете, гледам едно необично издание, башка и со псевдоним за кој прво мислев дека е оригинално име на некој странски автор, односно, дека се работи за превод на некое дело. Набрзина прелетав низ содржината додека чекав да се појави службеничката од библиотеката, и уште од прва, многу ми се допадна концептот и пишаното внатре. Секако, веднаш сфатив дека се работи за наш автор и за нашето Скопје, и тоа уште повеќе му даде значење на текстот. И откако по пар денови во книжарница дојде драгиот пријател да ја донесе книгата на продажба, целата приказна се заокружи на убав начин.
Ќе бидам искрен, за момент ми беше ужасно криво што јас не ја напишав оваа книга, што е секако емоција на која бргу и ги скратив крилјата и не и дадов можност да се развива. На крајот на краиштата, најважна е приказната која останува и која се споделува со читателите, а таа ми откри за сараевското минато на авторот, за неговите семејни, социјални и адолесцентски премрежија низ кои поминувал, така преку книжевноста вовлекувајќи не во сторија во која на места и тоа како се препознаваме.
Токму тој момент на идентификација за мене беше доста важен, бидејќи иако авторот својата интимна историја преку музиката ја започнува во Орвеловата 1984 година, сепак ударната декада во која ги дефинира и се обидува да ги канализира своите чувства се 90-те години на минатиот век, битни години и за мене и општо, за нашата генерација, кога земјава се осамостои, влеговме во период на транзиција која, за жал, се уште трае, ситуација која придонесе тотално да се изгубиме во лавиринтите на хаосот во кој се најде државата, нешто што се обидов и самиот да го доловам, иако низ различни призма и ракурс, и во моите книги „Кротки приказни“, „Крај-пат“ и „Фото синтеза“.
Или, како што импулсивно му напишав на авторот во мејлот веднаш по читањето на книгата, (сега самиот ќе се цитирам, чисто за да бидам пост-модерен и вербално метатекстуален) Имаш едно големо ФАЛА од мене, бидејќи во книгата како да го читам сопствениот историјат во Скопје преку залудноста на градов, дремењето, бесперспективноста итн, итн, низ сето она низ што поминавме во 90-те години, секако, слушајќи еден куп фина музика која ни го менуваше животот и колку-толку не одржуваше во живот. Значи, една од битните компоненти, музиката на пиедестал, како прочистувач, иницијална каписла да се навлезе во материја на себе-преиспитување, овој пат од дистанца, во однос на тоа што сме направиле, или, како сме требале нешто да направиме, да го насочиме својот живот, и колку и дали сме успеале во тоа.
И сето тоа да биде за ситуацијата овде и сега, што всушност е и една од поентите со книгите, и генерално, со уметностите, да се долови духот на времето во кое си умирал/живеел, а тоа авторот совршено го скоцкал во оваа мала но голема книга. Уште една од работите која особено ме радува во книгата 3.53 е што авторот успеал да создаде една културна мапа на градов преку местата во кои излегувавме во 90-те, за да остане запишана за век и веков.
Низ места како чајџилниците САМ и Багдад кафе во Безистен во Старата скопска чаршија, Менада, или тогашно Дали, култното Дорс, Пони во Парк, Њу ејџ, Мјузик гарден, Медиум итн, ние растевме, созревавме и се надевам се најдовме себеси во хаосот кој ни го понуди овој злобен и прекрасен град Скопје.
И на крајот, му споменав на Берт дека, иако знам дека е пофраерски да се пишува под псевдоним, сепак, да сум на негово место, 3.53 би ја потпишал гордо, со полно име и презиме. Сепак, и авторот си има свои причини зошто е тоа така, кои, секако, треба безрезервно да се прифатат.
Како и да е, уживајте во 3.53 на Берт Стајн, и посакувам оваа книга да биде инспирација за многу други кои на искрен начин, како во оваа книга овде, ќе пишуваат историјат за нашиот град и за нашето живеење во овие луди години, низ ракурсот на музиката, филмот, ноќниот живот, субкултурата, љубовта кон плочите, уметноста… Живели!
Игор Анѓелков