Збирката раскази „Големиот куфер“ на Иван Додовски претставува истражување на човечката егзистенција во едно преломно време на еден конкретен простор. Во расказите дефилира галерија ликови кои авторот ги портретира гротескно и хиперболично, а ликовите секогаш се во сооднос со моќта. Единствено, сатиричното и гротескното отсуствуваат во претставувањето на ликот во расказот „Средување на куќата“. Во реконтрукцијата на стварноста, Додовски се служи со постапката на необичување, во која соодветно значење има и постапката на раскажување: во некои раскази како раскажувач се јавува предмет (сликарска четка) или дел од телото (ќелавата глава), а во два расказа раскажувачи се мртви луѓе. Прозата на Додовски е обликувана со вешто користење на јазикот, со богатство на лексиката и со виртуозна употреба на паратаксата. Расказите во оваа книга се на такво естетско рамниште со кое заземаат важно место во новите текови на македонската проза.
Гоце Смилевски