Промоција на романот „На враќање“ во Битола

На 14.07.2021 год., со почеток од 19.30 ч., во „Везилка“ во Битола беше промовиран романот „На враќање“ од Фросина Пармаковска, објавен во 2020 год., во издание на Или Или. Романот го промовираше Сашо Огненовски, а на прашањата поврзани со него одговараше авторката. 

 „На враќање“ е роман за остатоците од љубовта, за верата и неверата, за конвенцијата и слободумноста, за потопувањето на сегашноста во минатото, но и за прошката, согледбата и припадноста. Главниот лик „на враќање“ од неуспешната промоција станува жртва на своето „навраќање“ кон сомнабулноста и изместениот животен реалитет. Фросина Пармаковска гради приказна која на многу суптилен начин ја огледува сегашноста со минатото, со онаа древност низ чии прашини се провлекол тажниот и судбоносен конзервативизам и денешното, во многу случаи ирационално недоразбирање во љубовта. Сместена некаде на едноминутен коњски кас од познатата Хајдар Кади џамија и на неколку светлосни години од болниот на Босфорот, Истанбул, оваа приказна ни ја нуди суптилната фантазмагорија на она што значи достага. Низ тагата и осаменоста на главниот лик кому веќе по вторпат вистинската љубов му бега од рацете како немирна јагула, Фросина Пармаковска говори за црниот апостроф на едно време кое е реплика на едно минато чии духовни болести останале неизлечиви и се претвориле во метафори, хиперболи, персонификации. Љубовта во „На враќање“ е неизлечива, а срцето останува секогаш таму каде што виреат спомените. Со стилот кој совршено потсетува на Маргерит Дирас, Фросина создава дело со антологиски вредности, со слоеви кои се отвораат со секој нов прочит.“ – меѓудругото, истакна Огненовски за книгата.

Ова е четврт роман на Пармаковска по „Пишувајќи ги изфубените топки“ (2013), „Вишнова хроника“ (2014) и „Одбројување“ (2017, награда „Роман на годината“ од Фондацијата Славко Јаневски).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *