Промоција на романот ,,Најосаменото место” од Симеон Јанков

На 27 април, во Буква, со почеток од 20:00 се одржа промоцијата на романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков, објавен во 2021 година, во издавачката куќа Или Или. Романот го промовирашe писателката Фросина Пармаковска, а за одредени прашања поврзани со него, зборуваше и самиот автор.

Како што истакна Пармаковска, „ова е роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место каде животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон ‘мртвата сакана’.

Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа. Одлично изграден лик, по малку чудак, по малку мрачен, по малку фантазер, но исклучително несекојдневен и интригантен лик кој во комбинација со занимливата приказна и прекрасниот начин на нејзино раскажување од самиот лик (роман во 1во лице) го произвеле „најосаменото место“ како уникатна must-see дестинација што топло ја препорачувам. Симеон Јанков, е веќе потврден раскажувачки водич кој има, и тоа како, што да каже, што да покаже и извонредно креативни начини како да го поведе читателот во неповторлива книжевна авантура!“

Симеон Јанков е роден на 21 август 1981 г. , во Скопје. Завршил средно во Корчагин. Дипломирал Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. „Најосаменото место“ е негов втор роман, по „Црна шума“ кој беше објавен во 2019 година, во издание на Ми-Ан. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *