На 1 март, со почеток во 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ се одржа промоцијата на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски. Романот е објавен кон крајот на 2022 година, како 216 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“.
Промоцијата, по краткиот увод, се одвиваше во вид на разговор помеѓу авторот, Живко Грозданоски и промоторката, Фросина Пармаковска, а во подоцнежниот дел, и публиката имаше можност да се вклучи со свои прашања.
– Романот „Писмо за Глорија“ е автофокциски обид за реобмислување и сублимирање на фрагментираното минато што се води од една, навистина, благородна стремеж – испишување на реалноста што, честопати, може да биде необична, и себеиспишување што, секогаш, мора да биде комплексно и трауматично. Може ли тоа да значи зацелување, соочување со траумата и нејзино надминување? Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература – споменува Пармаковска во освртот кон романот.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, а средно училиште завршил во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност при УКИМ.
Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-Или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018) јазик. Преведува и препејува од и на италијански јазик.
Фотографии: Дарко Матевски