За Ацо што досега го немаше во книгите – за книгата-архив на Шопов

(За книгата Иван Антоновски. Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов. Скопје: Дијалог, 2023, 221)

Ако комунизмот успеал да го политизира естетското, а фашизмот да го естетизира политичкото, како што пишува Валтер Бењамин, и тоа токму преку една своевидна системност и произволност на знаците, тогаш според Данило Киш, прашањето на формата мора многу внимателно да се случува. Оваа негова идеја нè поттикнува на размисла токму за (нај)новите форми на книжевниот текст во овој страшно зовриен и поларизиран 21. век (за што сум споменувала и во некои  други свои текстови и осврти). Дали разговорот (и тоа токму запишаниот) е некоја нова форма на книжевен текст? И зошто во време на силна моќ на медиумите и можноста брзо да се комуницира и да се разговара, се јавува оваа нова форма на книжевен текст? Дали можеби нè заборавивме вистински да разговараме? Од друга страна, проблематизирањето на односот на документарното, фактичкото наспрема фикциското остава трага на подлабок проблем. Затоа и во овој веќе заоден 21. век се појавува искрена потреба од така наречен новреализам, па и новсубјективизам (на кој во повеќе свои текстови сум инсистирала) особено низ чинот на тој книжевен разговор како нова форма.

Оваа 2023, годината на Шопов, ни се затвора со промоција на едно исклучително издание „Од онаа страна на Небиднината“ (Скопје: Дијалог, 2023). Книгата е разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов, а ги водеше Иван Антоновски. Значењето од едно вакво издание лежи во фактот дека ова е прва книга каде разговорот се води со најблискиот: партнерката во животот, инспирацијата во работата, содругарката во тешките моменти, со Светлана Шопова, сопругата на Ацо Шопов. И така овој многу инспиративен и густ разговор, го храни и пои нашето читателско сеќавање со низа факти, личности, предели, настани, емотивни бранувања и неоспорни творечки искуства и човечки вистини, но на еден поинаков начин.

Но, зошто еден млад човек има потреба да растајнува за чекорењето од онаа страна на Небиднината? Дали главната причина е и во оној предговор напишан од самата Светлана Шопова кон изборот од негова поезија од пред точно триесет години под наслов „Долго доаѓање на огнот: Песните живот“ (Скопје: Либер-М, 1993) во кој Анте Поповски препознал „убав знак“ или „добра најава“ за една ваква книга-разговори? Навистина дали тој текст го испровоцира младиот Иван да поведе многу зрел разговор во кој Светлана ќе си го отвори срцето за сѐ она што е Ацо Шопов  и за неа и за Македонија, а и за светот? Во предговорот кон оваа книга, Светлана Шопова вели дека тие зборови искажани од Анте Поповски пред триесет години ѝ останале како аманет што требало да го исполни и еве го, пред нас, целосно исполнет. Не е воопшто случајно што книгата е издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ зад кое стои Веле Смилевски. Книга-дијалог објавена од „Дијалог“. Така што, оваа потреба за разговор е потреба колку на Антоновски, толку и на Шопова, но и на Анте Поповски и на Веле Смилевски. И така таа потреба станува полифонична.

Книгата добива визура на оној ткаеж на кој инсистира и Блаже Конески во својата „Везилка“. „Од онаа страна на Небиднината“ е „прост и строг“ дијалог, „прост и строг“ муабет, како што пишува и самиот Антоновски во предговорот, „меѓу времињата – она на Шопов и денешното“ и „меѓу генерациите“. А тоа значи дека тој требало темелно да го исчита Шопов и на тој начин таа сложеност да ја совлада и потоа да ја издигне, да ја трансформира до едноставен разговор. Зашто само на тој начин можел да ѝ биде донекаде рамноправен соговорник и да знае кога и како треба да ја поттикне на одредени моменти кои, ете, таа сака да ги претрча или едноставно да не ни ги открие докрај.

И во оваа пригода да се повикам на она определба на најразлични модалитети на сеќавањето. Во својот текст „Романот како философија на сеќавањето“, Елизабета Шелева истакнува неколку модалитети (кои ми помогнаа и при исчитувањето на некои други дела, а вклучително и на ова). Зашто и книгата разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов нуди една таква философија на сеќавањето. Од неколкуте, при исчитувањето на „Онаа страна на Небиднината“ можеби следниве се исклучително препознатливи.

Така, првиот модалитет се врзува со сведокот (како актер на сеќавањето и очевидец на конкретен настан/инцидент од минатото) и секако безрезервно за мене тоа е Светлана Шопова. Таа го отвора срцето, ја брка маглата од пред очи и ја започнува својата исповед пред Иван Антоновски. И што ни открива сведокот Шопова за нејзиниот Ацо која ете сака да стане и наш?

Овие разговори се еден вид биографија или обид за вистинската биографија на Ацо Шопов, иако како што вели Антоновски, Шопов „Сета биографија ја запишал во своите стихови… “ (2023: 10), ама и покрај сè останува да нè скокотка: „каква беше неговата мисла за себеси надвор од творештвото преку кое може да ја исчитаме неговата интимна биографија?“ (2023: 14) Така Шопова вели дека: „… во поезијата на Ацо, бројот девет, може да се доближи и до неговото лично искуство (…) тој ми има кажано дека девет години се грижел за мајка си, девет години секој ден носел вода од изворот Кежовица, на два километри од центарот на Штип, за да го измива со таа лековита вода нејзиното болно неподвижно тело.“ (2023: 17). Или кога ни го открива неговиот личен однос кон тишината, па вели: „… тој беше човек повлечен по природа и тишината му беше поважна од гласот… Тишината беше дел од неговата личност, од неговиот карактер.“ (2023: 18). Или кога ни признава дека „… тој имаше впечаток дека во неговите жили тече крв која е тешка како последица од генетска природа“ (2023: 17). Или дека изгубениот ракопис „Песни за Штип“ познат и под името „Ановите“ според насловот на една од песните, која најверојатно ја проголтал пламенот за да не дојде во рацете на тогашната полиција, има значење за некои мотиви кои стануваат доминантни во поезијата на Шопов. Имено, како што се сеќава Светлана, Анте Поповски: „сметаше дека можеби постои врска меѓу стиховите на Ацо за огнот, пепелта, јагленосаниот збор со таа прва збирка што исчезнала во пламен.“ (2023: 29, означеното е мое). Но Светлана открива и за значењето на црвениот  трендафил (како дел и од нивната семејна куќа) што потоа во текот на неговиот живот станува, како што кажува: „… симбол на неговата борба со крвта – со генот, и со крвта во телото.“ За да поентира: „Која иронија на судбината – творечки беше опседнат со телото, пишуваше молитви на телото, за на крај да заврши со борбата со крвта во неподвижното тело.“ (2023: 188, означеното е мое) Така спрегата меѓу осаменоста и болеста се забележува уште од неговата култна „Небиднина“. И пред сè и над сè болката.

Сведокот Светлана како прв модалитет на сеќавањето ја открива и генезата на презимето Шопов и ни дозволува да ѕирнеме и во неговите ученички тетратки во кои допрва некој треба да ги открие и да ги истражи никулците како на подоцнежниот лиричар, така и на ангажираниот поет, онака како што неговиот син Владимир ги пронашол и никулците на полемичарот Ацо Шопов.

Но Ацо е портретиран и како сопруг, маж, партнер, сопатник, татко (на Владимир и Јасмина). Тој е топол, полн со љубов, смирен, рационален сопруг и татко. Така го читаме преку очите на Светлана, низ призмата на нејзиното срце, на нејзината душа. Светлана вели: „Тагата се гледаше во неговите зелени очи… А јас, пак, кога ги гледав неговите очи, помислував на она негово „зелено вишнеење“ од „Небиднина““ (2023: 182). (Колку би сакала некој такво зелено вишнеење да гледа и во моите зелени очи.) Првата нејзина средба со Ацо Шопов е скоро филмска, (дали преку оној леток до кој доаѓа, леток со кој таа учи да чита, да го чита текстот што го пишувал токму тој, или преку онаа нејзина рецитација на „Очи“ на приредбата кога таа е трета година во гимназијата „Јосип Броз Тито“). (Па си се радувам што можам да кажам дека ете со Светлана сме биле „сооученички“ секако во различно време во истата гимназија). А драматично филмски станува зашто Ацо не е прилика за Светлана, зашто тој е веќе разведен и има син. Сепак, победува љубовта и откога таа почнува да живее со него целиот нејзин живот се менува. Но се менува и тој на Ацо. И така потсетувајќи се на моментот кога Ацо ѝ кажува дека третата песна од „Молитвите“ ѝ е посветена нејзе, ни признава: „Со таа песна, како да ми кажа дека сум успеала кај него да побудам чувства со кои нешто во неговиот живот се менува и дека таа нова, наша љубов може силно да го заштити, да го „излечи“ од сè што преживеал, да го „издигне“ над сето она што се случуваше околу него и интимно се слеваше во неговите песни…“ (2023: 68).

Ова што го посведочи Светлана за Ацо не може никој друг. Таа е единствениот легитимен сведок на овој Шопов. Шопов кој знае(л) да им дава  поддршка на младите. Таков бил неговиот однос кон Анте Поповски, Ташко Георгиевски, Живко Чинго, Атанас Вангелов, Ристо Лазаров… Шопов кој го поддржува(л) новиот концепт на издаваштвото преку новините што Божин Павловски ги воведува во „Мисла“. Шопов како познавач на  југословенската филмска продукција. Шопов како инспирација за другите уметности (како кај Кирил Ефремов, Илија Пенушлиски, Димо Шумка…). Шопов како многу сакан меѓу југословенските писатели и како човек пријател со, но и почитувач на доста југословенски писатели (Изет Сарајлиќ, Мак Диздар, Иво Андриќ, Стеван Раичковиќ, Мира Алечковиќ, Бранко Ќопиќ, Десанка Максимовиќ, Драшко Реѓеп). Шопов пријател и со Иван Минати, Цирил Космач, Бранко Крефт од Словенија, Славко Михалиќ и Весна Парун од Хрватска, Јеврем Брковиќ и Сретен Перовиќ од Црна Гора. Шопов како умешен дипломат, како голем амбасадор на својата земја. Шопов како реален Болен Дојчин кому пополека болеста му го крши телото, ми  ја одзема силата, му ја снеможува раката, му го секнува зборот… Шопов легнат во  Костозгобната болница во Охрид (во истата таа болница во која јас, овој пат пред него, го започнувам своето детство прикована за кревет).

Вториот модалитет гравитира кон споменот (како ментална слика или реконструкција на минатото искуство). Споменот што Светлана го носи за Ацо е спомен што таа сака да го имаме и ние, па го портретира како „прекрасен човек“, но „затворен по природа“. Вели: „.. паѓаше в очи дека станува збор за една маркантна личност, чие присуство не можеше да остане незабележано. Но, истовремено, неговиот благ поглед, неговата дискретност и ненаметливост збунуваа.“ (2023: 9). Неговото опишување е обележано преку дихотомијата скромност – нескромност. Скромен  човек – нескромен автор, па вели: : „Ацо не сметаше дека сè што напишал е генијално, но тој не беше „скромен“ во пишувањето, ниту имаше скромно мислење за тоа што го пишува.“ (2023: 15)

Но тука е и стравот од заборавот на споменот, зашто како да се разбере потегот на Светлана да реши онаа негова последна „Клошарска песна на поетот“ која ја носи и посветата „На мојата С.“ (чиј машинопис со автографски податоци е дел и од самата книга, 2023: 191) да не ја предаде во Фондот „Ацо Шопов“ во Архивот на МАНУ, освен како нешто од што не сака да се раздели за да може имајќи крај себе постојано да си го освежува споменот за неа и споменот за нивната љубов. Исто како што никогаш нема да избледи споменот за Шопов како страствен пушач зашто нема фотографија од него, а тој да нема цигара во раката, како на онаа од Струшките вечери на поезијата од 1966 (2023: 95) или на оние две кои ги фатиле неговите мигови како дипломат (2023: 151) поместени во оваа книга. Дури и додека ги читав овие разговори, пред мене постојано излегуваше покрај неговиот лик и таа негова цигара во која како да е собран и самиот негов живот и сите клучни мотивски ориентации, и битните поетски слики како: пепелта, огнот, црното сонце, телото… Шопов и цигарата како ритуал или како молитва, како страст, како небиднина…

Третиот модалитет се читакако сувенир (како артефакт, предметен доказ, непосредно или асоцијативно поврзан со минато доживување, најчесто патување) и тој најсилно е изразен преку онаа интимна поврзаност на Шопов со Франција и Африка, преку неговиот влог во зближувањето на двете земји, на Македонија (како дел од југословенската федерација) и на Франција, и посебно на Сенегал, на двете култури, на македонската (како дел од југословенската) и на сенегалската (која е дел и од африканската и од франкофонската култура). Вистински сувенири се епизоди што ни ги откриваат судирите меѓу југословенските  (македонските) книжевни списанија, сувенири се и оние епизоди каде Шопова отворено зборува за книжевните полемики, како и општествените конфронтации меѓу Шопов и Ѓурчинов, кои во подоцнежните години прераснуваат во пријателство. Тоа пријателство, пак, и денес продолжува преку децата (Јасмина Шопова и Анастасија Ѓурчинова). Но и обратно, како од најдобри пријатели, доаѓа до конечно разидување меѓу Шопов и Јаневски на Струшките вечери ва поезијата во 1969 и бидејќи тој, според кажувањата на Светлана, бил човек кој се врзувал со пријателите, не можел ова разидување со Славко да го преболи така лесно.

Четвртиот модалитет се врзува со самиот споменик (како монументална градба што ја поддржува архитектониката на сеќавањето). Самиот Шопов е споменик. И не тоа зашто Светлана сака така да го прикаже. Туку, едноставно зашто тој е токму тоа – споменик. А вистински мали споменици се сите тие оживеани места на некогашното негово живеење кои биле култни за Шопов во минатото… Зашто преку тие негови освојувања на просторите (југословенски, европски, африкански, скопски, белградски, париски, дакарски, штипски), преку неговите патувања за кои раскажува Светлана се исцртува посебна географска карта. Географската карта на Шопов (како некој нов континент). Така заради Шопов, иако стотици и стотици километри оддалечени, Вардар како да стана притока на Сена, а во исто време, и Сена како да беше притока на Вардар (како далечно ехо од стиховите на песната „Во еден од центрите на Париз“ од збирката „Дрво на ридот“). Заради Шопов Штип и Жоал стануваат: „Два града мали и речиси безимени / А обата со иста љубов збратимени“ (од песната „Штип и Жоал“ во збирката „Песна на црната жена“). А над нив мостовите што ги поврзуваат двете култури, (француската и македонската) изградени од него и од неговите и нашите претходници. И зближувајќи ги Сенегал и Југославија (со посебен акцент на врската меѓу Сенегал и Македонија) и дипломатски, но и поетски и културолошки, Ацо успева да го донесе Сенгор во својата дома. Најпрвин во дворецот на Брдо кај Крањ (каде Тито го одликува со Орден на југословенската голема ѕвезда заради неговото поенергично учество во Движењето на Неврзаните), а потоа од Словенија, да го пречека во најсвојата дома, во Македонија, која во она време Тито ќе ја именува како „републиката на поезијата“, да го дочека во Струга како добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. И така во Струга ќе се прегрнат поетот-амбасадор и поетот-претседател, но пред сè ќе се прегрнат Ацо и Леополд како поетски браќа.

Петтиот модалитет е музејот (како архетипска локација, наменета за институционализација и складирање на сеќавањата во облик на конкретни предмети од минатото). Безрезервно такви мали книжевни музеи читаме во сите оние многубројни приказнички околу големата приказна за поетот и дипломатот Шопов. Интересно е што доволно често Светлана си ги позајмува мислите на Ацо (како артефакти, како експонати во музеј), го цитира зашто чувствува дека не може подобро да го каже ако го прекаже т.е. ако го парафразира. На тој начин таа му го позајмува, ми го дава својот глас, го оживува и му допушта слободно да влезе во овој разговор. Тие партии прераснуваат во мали филозофски симпозиуми (онака како што овој поим го сфаќа Платон). А Светлана скоро секогаш е подготвена да одговори на сите, и лесни и тешки, прашања поставени од Иван. И затоа одѕвонуваат некои нејзини мисли кои ги откраднува, позајмува од Ацо, мисли кои стануваат и нејзини како онаа дека „… поезијата и воопшто уметноста секогаш на крајот победуваат над политичките и политиканските интереси.“ (2023: 105).

„За него, самиот збор „поет“, како и зборот „поезија“ беше светост.“ (2023: 197), ќе заклучи Светлана Шопова. „А што е литературата ако не е обид да се запомни изгубеното за да стане тоа повторно пронајдено. И што е литературата ако не е архив, но архив кој не е архонски, врзан со законот, ниту владејачки, ниту, пак, аркански – таен – (Arcanum), туку јавен и либертански архив, архив достапен за сите што умеат и што сакаат да читаат.“, пишува Џепаровски во својот труд „Меморија, архив, боемство“ (2012: 212). Впрочем, сите три ја обележуваат, исцртуваат и книгата „Од онаа страна на Небиднината“.

Затоа и оваа книга на Иван Антоновски, иако јас повеќе би сакала да ја оквалификувам како коавторска книга на Антоновски и Шопова, се доживува како складиште на знаци и значења и затоа покрај својата примарна улога на убава книжевност ја има и улогата на вистински архив. Книжевен архив која го промовираме во неговиот Штип и тоа на 29 ноември (инаку државен празник на една држава кој Шопов ја претставуваше кога беше амбасадор во Сенегал и датум врзан со името на улицата на која живееја Ацо, Светлана и Јасмина во Скопје). Овие разговори, како што вели и самата Шопова, се и вистински влог во книжевната и културната историја, а со тоа и во историјата на Македонија. А бидејќи книгата не постои надвор од читателите, како што мисли големиот Борхес, посакувам и оваа книга да има свои вистински читатели, но и критичари, како што тоа го имаше (требаше да го има) и творештвото на Ацо Шопов.

Весна Мојсова-Чепишевска

* Промотивна реч од промоцијата на книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски (Скопје: „Дијалог“, 2023), што се одржа на 29 ноември 2023 година во Штип, во организација на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *