Ѕвездан Георгиевски

Ѕвездан Георгиевски е роден во 1961 г., во Јасенице, сегашна Република Словенија. Интердисциплинарни студии по новинарство завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, 1983 година, кога и се вработува во Редакција „Нова Македонија“, каде што главно работи како новинар и уредник во културната рубрика. Од 1991 година преминува во неделникот „Пулс“, каде што е уредник од првиот број па речиси до самиот крај на овој магазин. Од 1999 преминува во „Утрински весник“ каде што е уредник на културната рубрика од првиот број, па сè до 2007 година, кога преминува како уредник за култура во штотуку формираниот неделник „Глобус“, каде што останува сè до неговото гасење во 2011 година. Еден е од основачите на првото приватно радио во Македонија „Канал 4“, како и на наградата „Роман на годината на Утрински весник“. Уредил повеќе публицистички книги, литературни дела и зборници. Превел десетина книги, главно од некогашните југословенски јазици.

Ги има објавено и книгите: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ (роман, 2016, Темплум) „Урбани топоними“ (збирка колумни, 2018, Темплум) и збирката раскази „Да не бидам покусо“ (збирка раскази, 2018, Просветно дело).

По згаснувањето на Утрински весник, за да се спаси наградата „Роман на годината“, Ѕвездан Георгиевски со уште неколку поранешни колеги од Утрински весник, ја основа фондацијата „Славко Јаневски“ која ја продолжува традицијата на наградата, почнувајќи од 2018 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *