Бдеењето над себе (извадок)

 

Извадок од книгата „Бдеењето над себе“ од Дијана Петрова.     

                                                              6.

Сонував сон во кој, поради себичноста  да си го ограничиме размножувањето, сме се намножиле до недоглед толку, што сме ја исцицале сета вода од Земјата. Сега се влечкавме по улиците плачејќи, но наместо солзи, ни течеа мали поточиња вулканска лава од очите која ни оставаше лузни, кои без вода не можевме да ги зацелиме.

Прво, ми беше жал за човештвото кое беше свесно за своето страдање од неправдата која самото си ја нанесе. Сè додека не  здогледав една голема и величествена куќа.

Величественоста траеше додека не ѝ се доближив. Куќата мирисаше како да беше музеј на гомна од диносауруси и поради настојувањето да се задржи автентичноста, ја оградиле со огромни и тешки огради, да не може мирисот никаде да излезе. Поради мојата љубопитност  и наклонетоста кон преувеличување, посакав да влезам во таа куќа и да узнаам од каде доаѓаше тој тежок мирис. На вратата ме запре висок и убаво граден човек, со очи чиј што поглед во некои други времиња окови би растопувал.

Ми рече дека за жал, не смеам да влезам, притоа насмевнувајќи ми се со насмевка која ме натера за миг да помислам дека рајските порти ми се отвараат, додека острината на мирисот уште повеќе не се засили.

Мојата зборливост беше заробена од неговата совршеност, така што бев препуштен сам на себе и несакајќи тој да замине, го кажав првото нешто што ми надојде за кажување.

„Овде мириса“, му реков и дури тогаш го размислив кажаното.

Моето очекување првпат беше изневерено. Убавоградениот, зеленоок, широконасмевнат  до солзи човек, со гордост го потврди кажаното.

„Смрди многу, нели?“ со насмевка потврди како никој одамна да му немаше кажано ваков убав комплимент.

Ме изненади неговата реакција, но сакајќи да ја задржам насмевката на неговото лице, повторно и јас потврдив.

„Одамна никој не ни го рекол тоа“, ми рече и си ја собра насмевката.                

„Откако почнавме да се натпреваруваме, луѓето го кажуваат тоа само ако им платиме, а сите веќе се  потплатени и не знаеш на кој да даваш“, рече и извади неколку банкноти да ми ги даде.

Тоа што не ги земав веднаш парите, сигурно го натера да сфати дека не знам за што зборува. Пред да почне да ми објаснува, ми ја отвори железната порта и ми рече дека можам да влезам. 

Беше запрепастувачки.

Човек ниту во најлошиот момент, во најлошата фантазија, во најпроколнатиот час не би го помислил тоа што јас го видов  тука. Откако ме внесе, ми рече дека посебно задоволство би му претставувало  ако оставам и јас мој дел овде.

Дури тогаш забележав, (пред тоа сигурно поради заслепеноста од погледот и насмевката не сум забележал) дека човекот немаше лузни под очите.

„А ти не плачеш?“ го прашав вцрвенувајќи се од вулканската лава која ми доаѓаше во образите. Ми раскажа дека плаче. Сите во таа куќа плачат, не може да не плачат, со тоа светот живее сега, во тоа сме сите исти. Но по тоа што сме сите исти, по тоа и највеќе се разликуваме.

Раскажувајќи ми почна да го трие делот под очите и лузните почнаа да се познаваат. „Ги криеме со златен прав“ – ми објасни. „Бидејќи сите плачеме, моравме да пронајдеме начин да се разликуваме во тоа. Плачењето не можеме да го запреме. Доцна е веќе. Ама затоа можеме да направиме да се разликува. Мораме да се разликуваме богатите од сиромашните, а веќе во сè заедно се извалкавме,  на нас ни го оставивте само златото, а немаме каде да го потрошиме. Не е сè минливо, златото не е. И еве, му најдовме место. Ние плачеме во определено време и после плачењето ќе ги покриеме лузните со златен прав. Боли ама во тоа е убавината, само така знаеме дека сме богати оти само така можеме да го почувствуваме  богатството.“

„А зошто вака мириса?“-  го прашав извлекувајќи се од приказната за златото.

„Не мириса, смрди “- рече веќе спремен да ми раскаже нова приказна, беше очигледно дека одамна не зборувал.

„Сите натпревари, сите достигнувања, сите изуми, сѐ истрошивме“ – почна да објаснува – „досадно е така да се живее, а на нас животот ни беше во тоа, постојано да се натпреваруваме и некој да предизвикуваме. Сега се натпреваруваме со тоа што не остана, поточно,  со тоа што останавме ние да создаваме. Се натпреваруваме чии гомна повеќе смрдат. И порано  ни беше страст црвоугодието, но сега тоа ни е смисла. Јадеме за да сереме. Сереме за да се натпреваруваме. Чиј мирис најдалеку ќе се чувствува, тој победува. Еднаш годишно се  одбира победник и тој е наречен Гомнар на годината. Да, знам апсурдно е, ама не е помалку апсурдно од бирањето најбогат човек на годината. И парите смрдат ама порано се срамевме да зборуваме за смрдеата. Парите се посрамни. Гомната се природни. Кога веќе ги имаме, зошто да не ги искористиме. Да го користевме само тоа што ние го создававме, земјата немаше да пресуши.“, направи пауза да земе здив и да си ги покрие лузните под очите, кои ги отскри да ми ги покаже мене. Извади мало ковчеже и од него зема малку ситен прав и со навикната прецизност ги покри лузните. Изгледа не сакаше да стои до мене ваков, сакаше да не бидеме исти, а тоа што и на двајцата ни се познаваа лузните му предизвикуваше срам, толку силен како што беше силна  смрдеата со која што тие се гордееја.

„Ама за тоа вие сте криви, ние богатите не“, продолжи да раскажува,  „оти ние само користевме, не создавме. Што ќе ни понудивте, тоа ќе искористувавме. Сега не ни требате, ништо не искористуваме. За гласањето еднаш годишно си  плаќаме…“

Не можев ни да чекам да заврши, тргнав по улицата, но веќе сè ми мирисаше, до секоја куќа забележував мало купче гомна. Тие со големите купишта не можев да ги видам оти беа заградени за да си го зачуваа мирисот.             

Тие малите, иако знаеја дека нема ни да учествуваат во натпреварот за најголем гомнар, сепак си правеа.  Сакаа  во сѐ да се доближуваат до богатите.

Се гушев од смрдеа а вода немаше…

Се разбудив изморен, како да бев  послужен да јадам од сите специфичности од мојот сон. Неа пак ја немаше во креветот. Вчера требаше да ѝ се јави адвокатот за да ја извести за моето барање за развод. Не знам како да реагирам оти и таа не реагира никако. Уште не зборуваме.

Погледнав низ прозорецот за да им дадам свежина на моите мисли. Глетката од прозорецот ме замисли во тоа дали атмосферата во сонот можеше да ми понуди повеќе свежина отколку свежината во реалноста, која требаше да ни понуди олеснување после кошмарен сон.

Луѓето и световите се натпреваруваа во тоа кој прв ќе пронајде живот на некоја нова планета. Ние овде си ги знаевме способностите и да не си предизвикуваме дополнително разочарување, не се ни надевавме, ниту обидувавме да бараме живот на друга планета. Иновативноста која природно беше вградена во нас, ама во погрешен дел од мозокот нè претставуваше пред светот. Да не нè заборави.

И како што ни беше невозможно нам да откриеме живот на друга планета, така ни беше возможно условите на неживот од друга непозната планета, да си ги донесеме кај нас.

Да  ја видеше првпат сликата која се отвори пред мене, некој што не е од овде, ќе почнеше да вришти дека надвор се случува инвазија од вонземјани. Или ќе го чувствуваше апсурдот кој го чувствував јас во сонот.

И беше инвазија на вонземјани бидејќи овоземјани не би дозволиле тоа да се случи. Преку прозорецот можев да видам мали луѓенца со покриени лица од што нивната маленкост изгледаше вознемирувачки. Лицата им беа покриени на сите.  Го отворив прозорецот за да ја дознаам причината односно да ја видам одблиску грозоморијата.  Навистина луѓето личеа на мали вонземјани како од фантазијата на некое дете. Им се познаваа само очите, нив ги оставаа отскриени за да може да им се гледа страдањето во нив.

Во воздухот можеше да се почувствува свежина толку, колку во сонот што можеше. Единствената разлика беше тоа што во очите на овие овоземни вонземјани, не се забележуваше вината за таа смрдливост.

Затоа гордо ја држеа главата кренато, покажувајќи ги своите маски. Сите беа на улица и богатите и сиромашните и пак само по тоа што за сите беше исто, се разликуваа. Се разликуваа по маските, со кои се лажеа дека ја отстрануваат смрдеата од воздухот и своите бели до невисност дробови ги полнеа со свеж воздух.

Беше многу тажно да се гледа како евтаназијата која сами си ја приготвивме, сакавме да ја одложиме со тие грозоморни маски. Да можеше некој да направи целокупна слика на градот и луѓето со маските, од жал ќе посакавме да го наполниме телото со смрдливиот воздух и сè да заврши тука. Гушејќи се во смрдеата која сами ја создадовме,  а не знаевме да ја избришеме.

Така сигурно се чувствува и Бог, немоќен да ја избрише грешката што го создаде човекот.

Се вратив повторно во кревет, мирисот на гомна ми беше поприроден. А цигарата со хашиш ми беше потребна, за разговорот кој сакав да го почнам со неа кога ќе се врати.

Ѝ земав стан, ѝ го изнајмив станот во истата зграда. Ако веќе се разведуваме и не зборуваме, нормално би било да не живееме заедно. Можев да се преселам и јас, ништо не ме задржуваше овде освен огромната библиотека книги кои немаше шанса да ги пренесам, немав ни желба. Сакам само тивко да се разделиме, нечујно дури за нас двајца.  Сè ќе биде исто, освен тоа што и ќе заспивам во празен кревет, нема само да се будам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *