Извадок од збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ на Ирена Јурчева.
Третиот камен
…по мачниот и неизвесен Бел Пат
Се сеќавам како многу одамна, во мојата младост, во една долга и мразовита зима која траеше дури три години, во нашата област се прошири треска за тие пусти камења. Постарите велеа дека секој од нас треба да си го најде својот камен, и без тоа ја немаше честа да бидеш прифатен во заедницата. Освен тие ретки камења, како да не постоеше друга смисла и цел во животот.
Секој месец, во најсветлата и најсветата ноќ, на полна месечина, облечени со крзна, и натоварени со храна и вода, во големи групи ќе тргневме кон пештерата со камењата. Со санки влечени од кучиња стасувавме до Српест Рид, па оттаму по еден превој стасувавме до Златна Пештера. Таму цели три дена престојувавме во шатори.
Дотаму се одеше едно деноноќие, по мачниот и неизвесен Бел Пат. Насекаде демнеа волци, и најсилните меѓу нас наоружани одеа на чело и на опашката на колоната составена од неолку млади на прагот на возрасната доба, и по еден возрасен претставник од сите три кланови на наштата област.
Потребно беше да се помине тој испит, тешкиот пат и изборот на вистинскиот камен, за да ја почувствуваш радоста на сите твои блиски. Уште како дете, нешто од градите ти ечи да тргнеш, да го најдеш тој твој камен, да го грабнеш и засекогаш да го задржиш.
Ние младите тогаш немавме глас. Немавме ни избор. Малку имаше млади и деца на светот, и нѐ чуваа како ретки бисери. Правевме сѐ што ќе ни кажат возрасните.
Велеа, најди си го својот камен, и ќе имаш среќа и благослов дури и во овие последни времиња. Да, некаков си благослов во краткиот мизерен живот. Впрочем поинаков живот и не познававме. Велеа дека тој камен-мелем ќе те благослови со плодност, ќе имаш многудетно семејство кое ќе те крепи во последните години од твојот живот. Најважно од сѐ, ќе учествуваш во големата мисија дадена уште од искона – повторно да се наполни Земјата во ова последно време-невреме, во овој урнат свет во којшто осамнуваа не денови, ами ноќи, и сончевата светлина беше врховното блаженсто, па сите ја чекавме таа животворна сила со отворени дланки кон небото. Од слабото Сонце многу малку добивавме и познававме, од тоа што ни останало како убавина и живот.
Кога одевме во Српест Рид, ние младите бевме придружувани со највештите од клановите, и со часови баравме камења во темната пештера. Прво еден копаше, додека оние кои требаше да изберат камења чекаа и гледаа. Сите молчеа во исчекување кога некој од нас требаше да избере камен. Најдените камења постепено заблескуваа на светлината од факлите, па ги чистевме од земјата од нашите растреперени раце од возбуда. Тоа беа драги камења во најубави бои.
Долго се чуваше еден обред во секој од клановите. Тој камен треба да го држиш во дланките и да го донесеш до дома, а оние од заедницата кои те придружуваа пееја песни. Треба да се постави над домашното огниште како најголема светиња, како нешто за кое сме родени и створени. Велеа дека ти го бираш каменот, но и самиот тој те бира. Не знам како, но подоцна се уверив во тоа. Но не секој од нас знаеше да бира, и не секој беше избиран од каменот што ќе го најде. Каменот со сурова жештина ќе ни ги изгореше дланките, или подоцна, во нашиот домови од него ќе се ширеше отров.
Некому нежни, некому груби бои – на секому според судбината.
Третиот камен II
Нам ни останува да го напипуваме патот низ белата густа магла
Најстарите меѓу нас чиишто прабаби и прадедовци се родиле во претходниот свет, на работ на идниот, пред да настапи Големиот Мрак, во вечерите нѐ собираа покрај огновите за да ни го раскажуваат она што ним им го раскажувалe. Ни раскажуваа вистински приказни за тоа што било и веќе не е, за она што се пренесува од поколение на поколение. Најмудрите меѓу нас ги учеа и толкуваа писмата од Книгите, и од нив нѐ описменуваа.
Понекогаш ни дозволуваа внимателно да ги допираме и да ги разлистуваме Книгите. Тоа беа чудни книги – секоја започнуваше со четири броеви еднододруго. Изгледа порано таков им бил начинот на сметање на времето.
Велат дека неколку владетели од царствата на претходниот свет наредиле да се соберат и скријат семиња од сите растенија на светот, драги камења и што ли уште не! Златен Срп е рид чијашто пештера некогаш била тајно складиште за сето ова. Луѓето од дамнина предвиделе дека ќе настапи Мрачната Доба и благовремено собрале од секое зрно и камче, кои ќе послужат за обнова на идните поколенија, во некое друго време. Во утробата на ридот зачувале и слики, ракотворби и книги. Сѐ што во тој свет тогаш било вредно, ретко и свето. Предците мислеле на нас.
Пештерата беше затворена со огромна железна порта, направена пред многу години со мајсторствата на нашите предци, но не знаеме како и кога била повторно отворена. Оваа пештера со децении е чувана од силна стража на нашите кланови. Можеби има тајни премини кои водат до подземен свет кадешто луѓето живеат, творат и се размножуваат.
Ете таму беа скриени камењата и кристалите што ги баравме во младоста. Каква моќ имаа тие остануваше да видиме во текот на нашите кратки животи. Велеа дека секој од нив делувал со исцелителна моќ на човекот; нешто за умот, друго за телото, трето за душата. Во нив беше зачувана убавината на некој минат свет. Но и најавуваа иден и поубав свет.
Се раскажува дека во претходниот век за оваа пештера се воделе војни. Се верувало дека токму овде лежи некој неоткриен камен. Камен кој дава светлина и топлина, а не се потрошува. Камен кој ја има издржливоста и моќта на огнот, воздухот и водата заедно. Камен што требало да ги замени сите потрошливи горива за нивните машини. Сместена во далечен предел, оваа пештера беше опкружена од непроодни шуми, кои сега се уништени од големите војни. Нашите предци биле номади, стасале дотука и останале, покрај Трите Извори. А ние, денес, се надевавме на подолг ден, повеќе светлина и подолг век. Се надевавме на живот во новородените деца. Нам ни останува да го напипуваме патот низ белата густа магла.
Третиот камен III
Мека бела светлина како мелем за очите, божествена во својот бавен и свечен продор.
Како ќе знаеш дека тој камен е токму за тебе? Старите ни велеа, ти ќе го избереш, но и тој тебе ќе те избере. Едноставно ќе знаеш, без многу размислување. Во раната младост најдов еден камен-пелин. Го викаа крвав камен, бидејќи пилата со која каменот се режел станувала црвена како крв. Тоа го знаеме зашто ни беше читано од Книгите. Неброени вечери поминувавме покрај огновите, кога Раскажувачката нѐ поучуваше за исцелителната моќ на камењата кои ги бараме и нѐ бараат.
Со голема радост го однесов дома тој црн драг камен. Целото племе ме придружуваше со весели песни по патот кон дома. Го поставив над огништето, но не видов никаков благослов од него, освен моето полетно срце неуморно од надеж. По неколку месеци почна да шири неподнослива реа, да ме измачува со главоболки и да ми ја бранува душата со лоши мисли. Со тешко срце некако се натерав да го закопам во дворот.
Кога дораснав во памет и тело, го најдов каменот пелин-сладок. Тоа беше нежно зелен хризопрас, како пролетна трева. Долго го нарекував каменот на мојот живот. Отпрвин ми беше толку драг. Кога го држев во рацете, како да ме милуваше топлина. Но откако го поставив над огништето, нешто се промени. Често го држев во раце, го милував, му зборував, но тој сѐ повеќе ме гореше. Болката во главата и душата ми беше посилна и подлабока од онаа од првиот, каменот-пелин. И понатмау го држев, зашто ми беше мошне драг, па се навикнав на печењето и главоболките. Лошите мисли што ги поттикнуваше каменот, ми станаа обично секојдневие. Тој камен, којшто го нарекував пелин-сладок, ми направи длабоки лузни на дланките коишто и ден денес ги имам, за да ми бидат потсетник за него. Долго плачев над местото кадешто е закопан, под прозорецот до одајата во која спиев.
Велеа дека ти си ја сносиш вината ако те одмине благословот, а каменот ти донесе некакво зло или несреќа. Тоа значи нешто не чинело во твојот избор. Што знаев јас во младешкиот занес, освен да се докажам пред целата заедница? Кој можеше да ми каже дека моите благослови се предодредени за некое друго време? Или можеби сѐ што посакувам нема да дојде наеднаш? Можеби треба да се распореди низ животот, или ќе се појави токму кога желбата е најгорлива, а очајот е најдлабок?
Пред да настапи третиот камен во мојот живот, сосема загубив надеж. Јас не го барав. Самиот ми дојде однекаде. Ме сретна неочекувано и ненадејно, уште додека го оплакував вториот камен, на границата на мојата младост и средното доба, кога го поднесував презирот на целата заедница. Останав меѓу оние малкумина кои не само што немаа камења на огништето, туку и избрале погрешни камења и ги закопале.
Еден студен јануари, во најсветата ноќ на полна месечина, ми беше наредено да тргнам кон Српест рид со голема група од помлади момчиња и девојки. Иако веќе навлегував во средна возраст, во очите на сите нив бев дете. Сега имав подзаборавено како се бараат тие пусти камења. Се помирив со презирот од мојата заедница, но не и со мојата огнена желба за камен која одамна ме тиштеше и притискаше. Си реков, или ќе го најдам најдоброто, или нема да најдам ништо. И онака векот сега е многу краток. Сѐ уште ме водеа и крепеа мојата наивност и верба дека ќе го најдам тоа што го барам. Таа студена јануарска ноќ насетував како ми се приближуваше вистинскиот камен.
Го видов како ѕирка во земјата. Како секој околу мене да знаеше во тој миг дека тоа што е мое ми се приближува. Сите престанаа да копаат и да бараат кога забележаа како во тој миг се здрвив на местото кадешто стоев. Се наведнав и го зедов во рацете и уште веднаш почувствував како отворената рана во мене почна да се залечува. Како да го држев најмоќниот лек на светот. Не му пречеа моите лузни од претходниот камен. Беше како мил и нежен гулаб во моите раце. Не го вознемируваа моите лузни. Тој беше мојот камен-мелем.
Тоа беше Месечев камен, нежен и моќен, кои ги раѓаше сите бои на светлината. Ни читаа од Книгите дека белата светлина се расејува во сите бои од спектарот. Сега го видов тоа! Мека бела светлина како мелем за очите, божествена во својот бавен и свечен продор. Нешто кое те не заслепува. Нешто кое полека влегува низ твоите зеници. Нешто кое било во тебе уште пред да го сретнеш и запознаеш. Го запознаваш, а како цел живот да си го познавал!
Ми донесе благослови во изобилие. Стоеше над моето огниште, а од него се ширеше благомирисен темјан преку целиот мој живот. Зрелоста ми беше поубава и поисполнета од младоста. Вредеше долгото чекање за најдоброто. Сакав да ме најде, и ме најде. Го најдов и јас него.