Денот на црвот (извадок)

Извадок од романот „Денот на црвот“ на Симона Јованоска.

Сѐ се случи многу брзо. Започна во една необично мрачна ноќ, стуткана и фрлена како наметка врз заспаниот град. Ноќ под чии фустани преспиваат скитници, бездомници и постојано незадоволни филозофи, кои вечно за нешто негодуваат, а најчесто за системот што самите го измислија. Можеше само да се претпостави бремето носено отаде изгревот во тивката рефлексија на бескрајното небесно море врз површината на застоените вирови. Расфрлани низ асфалтот, полни густа свиленикава текстура во која се раствораат зраците подготвувајќи се за првото утринско матине. Како срце на пресно заљубени, еден тротоарен кратер беше исполнет со дождовни останки што ноќта ги истурила во љубовен порој со громогласна завршница. Кората на дрвјата сѐ уште беше влажна, а над улицата лебдеа жолтеникаво-виолетови бензински испарувања. Тоа беше асфалтна есен, есенски ден надвор од сите годишни времиња, каков што можат да создадат само градовите со својата специфична магија. Облаците ноќта се ослободиле од тешките дождовни кнедли со големо олеснување. Тие, како небесен брод што тоне, ги исфрлиле на земјата во обид да се спасат. Така го најавуваа крајот на септември и се закануваа со мрачното расположение на длабоката есен. Никој не зборуваше гласно за доба како оваа. Доба што најчесто започнува во мислите на луѓето жедни за зло, а завршува како ѓубре под тепих од фино предиво.

Утрото дојде тивко, носејќи разденување мирно како совест. Срамежливо се отсликуваше во вировите што од време на време затреперуваа во ритамот на големото будење, совршено сраснати со приказните на градските луѓе несвесни за чуда. Со чудата треба да се внимава. Во еден момент од земјата внимателно се ослободи еден голем и мек дождовен црв. Тоа утро црвот, со целиот ентузијазам познат на неговата природа, успеа да излезе за да го протегне своето меко тело низ калливиот рај и да го нахрани со деликатесите на калта. Простодушен и одбивен каков што беше, превиткувајќи се, пробиваше пат низ тревата стежната од влага. Херојски на грбот ја износи почвата, внимателно отползи до десниот раб на тротоарот и колку што е долг се протегна во првиот гнасен вир. Црвот не беше многу амбициозен и така долги години ја оправдуваше својата летаргија. Но, имаше педигре на кое беше особено горд и често го прераскажуваше пред помладите генерации. Имено, пред неколку години некој негов далечен роднина, кој копал во руската област Тверска, случајно и без лоша намера завршил во чинијата со салата на гувернерот, на свечен ручек во познат ресторан во Кремљ. По настанот, гувернерот на својот блог и на социјалните медиуми се пожалил дека нашол црв во салатата на ручекот во Кремљ и со гадење изложил неколку фотографии од глистата што ползи по чинијата покрај остатокот од храната. Пропустот бил проследен со политички мотиви и длабоки извинувања од персоналот, искрено згрозен од мекотелецот, кој надалеку се прославил со настанот, инаку егзекутиран уште во истиот момент. Но, неговиот далечен прстенест роднина добро го познаваше сложениот свет на црвите под земјата и уште поопасен надвор над земјата, што го правеше нелогично горд на својот вид. Свет на ризици, предизвици и ситни задоволства, кои како голема експлозија раѓаат вселени како оваа, па нив колку што можеше се трудеше да ги избегнува, и одново да ги прераскажува од чиста суета. Луѓето, ако воопшто може да се рече, имаа необични чувства кон црвите; од една страна, на прва асоцијација тие претставуваа едноставност. Прости организми без видлива убавина ниту возвишена цел, на самото дно од синџирот на исхрана, целосно изоставени од поетските стихови и прозните пасуси. Од друга страна, синџирот беше круг, а таму црвот беше отелотворение на основните човечки стравови. Неговата едноставност го правеше лесно приспособлив, вечен непосакуван потстанар во неудобниот тесен соживот. На црвот, како симбол на длабока земја и мрак, му беа припишувани стравотни особини во отсуство на верувања за задгробен живот и апсолутен крај. Таму, одвратен и гладен, чекаше неговото височество – црвот, стрвен за тела во распаѓање како свој конечен десерт. Постоеше т.н. непопуларен култ кон ликот и делото на црвите лишени од херојски подвизи вредни за паметење. Истовремено, можеби неправедно, им беа доделувани споредни и улоги на вечни негативци во големата слика на животинскиот свет. Штом ќе паднеше дожд, тие излегуваа од голготата на чекање, во кокетен занес ја покажуваа голотијата на меките тела и причината за нивното постоење.Големиот и мек дождовен црв весело се превиткуваше во земјата, која му будеше само најубави спомени. Во него секогаш одново заживуваше подзаборавената среќа од далечни искуства на проста радост. Низ главата му се вртеа зборовите на татко му: „Да си невидлив не е порок, туку начин на живот“, и самиот на моменти забораваше каков е, колкав е и од каде доаѓа. Во тие мигови заборавајќи на сѐ, ништо не беше поважно од неизвесниот вкус среќа што секому понекогаш му го должеше животот. Макотрпно ископаните тунели, длабоките и плитки подземни тури, гнилежот на тревите, мирисот на влага, неправилните грутки земја и топлината што го милува по должината на телото додека пенетрира низ неа – сѐ добиваше конечна смисла. Да си црв не беше гламурозно, но таквиот живот беше ослободен од големи притисоци. Не постоеја стеги ниту нереални очекувања, и токму затоа црвите научија среќата да ја бараат и да ја пронајдат во калта. А потаму уште едно вирче, парче орнамент формиран во асфалтот, мала аномалија на тротоарот исполнета со дождовница како базен во хотел со пет ѕвезди. Како единствена понуда на природата што не можеш да ја одбиеш зашто си ја чекал на момент да те оддалечи од долгиот мрак на црвливиот живот. Црвите беа самотни како волците во степите, кај нив немаше простор за емотивни испади. Облагородени со љубов кон себеси, ѝ даваа да ги води кон светлото на крајот од дестинацијата низ неизвесноста на тесните тунели. Без срам и изговори уживаа во своето сопствено неугледно друштво, целосно предвидливо и единствено извесно меѓу изненадувањата сместени во мракот. Никогаш целосно не успеаја да му ја простат „Степскиот волк“ на Хесе, за којашто беа уверени дека се однесува на нив и требаше да носи поинаков наслов, поблизок до суштината, суров и недопадлив, кој не води сметка за кроткото читателско срце.

Еднаш се обидоа да испратат петиција за адаптирана верзија наменета за подземјето, но бидејќи беа неамбициозни по природа, петицијата не успеа да собере доволно потписи и иницијативата неславно згасна. Обземен од исконската убавина на калливата вода, од нежниот притисок врз телото, пилингот од ровката текстура на калта, но и поради тоа што немаше очи, црвот воопшто не ја забележа раскрилената чавка што слета до него и одлучно го приклешти со канџите во зенитот од врвното уживање. Потоа, уште поодлучно, одлета кон небото носејќи го во непознат правец.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *