Дваесет и првиот (извадок)

Извадок од романот „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли.

11.

Во втренченото барање на тајниот влез во подоброто утре, професорот Климент Кавај не остануваше на делникот, туку се движеше низ времето, споредуваше со минатото, одеше напред кон некоја неизвесна, а секако подобра иднина, кон едно светло време во кое оваа земја ќе ги живее деновите на склад и спокој. Во една книга што му ја беше дал неговиот стар пријател и колега од факултетот за архитектура и кој му беше другар од младоста, за нивното родно место Кавај го најде записот: „Јас нема да испуштам да забележам уште еден натпис што го нема кај другите патописци, а кој може да биде навистина интересен. Тој се наоѓа на еден камен што е пронајден во урнатините на црквата Св. Варвара и кој, навистина, нецелосно, гласи: ΑΓΑΘΗ ΤΥΧΗ ΛΥΧΝΕΙΔΙΩΝ“, што во превод значеше: „Добрата (но и чистата, чедната) среќа на Охриѓаните“ и што за професорот Кавај сега добиваше пошироко значење и смисла на благослов, но и предвидување, вдлабено во камен за да трае за вечни времиња… Се возбуди кога одново се врати на тој текст. За него тој звучеше како магична формула, сега му се стори и како клуч кон решавањето на загатката за изгубените добрина и благосостојба што веќе непрекинато го мореше.

До душа и години наназад, кога прв пат го прочита тој натпис, Климент Кавај, необјасниво, силно се возбуди. Заедно со Анастасија и со Маја, тогаш пет-шестгодишно девојче исчешлано со патец на средина и слатки прцлиња фатени со ластичиња, отпатуваа за Охрид. Останаа неколку дена во испрашената таткова куќа и почнаа да го бараат каменот со вечниот
благослов. Се загледуваа по дворовите на црквите, ги разгледуваа камен по камен оградите од старите куќи на горниот град, влегуваа во некои дворови кај што мислеа дека каменот можел да биде вграден, но каменот на благословот не го најдоа.

Со тек на времето тој камен во неговата свест почна да добива речиси алхемиски, магиски, дури митски својства. Неговата опседнатост со каменот ΑΓΑΘΗ ΤΥΧΗ ΛΥΧΝΕΙΔΙΩΝ, откако заврши студии и се вооружи со широки и цврсти знаења, Маја го прочита целиот текст на патописецот, и на татко ѝ му укажа и на другите текстови.

– Гледај – му рече таа со својствената иронија на која, обично, Кавај се смееше припишувајќи ѝ ја на очигледната духовитост и досетливост на неговата умна ќерка – Гледај што пишува нешто понапред во текстот на твојот волшебен камен…

– Метафизичен камен, поточно – ја исправи, овој пат сосем сериозно професорот Кавај, не забележувајќи ја иронијата во нејзиното укажување.

– Како и да е. Слушај што пишува: „Постои еден нов камен – вели нашиот
патописец – пронајден сега (1892 год.) во месец јули, во куќата на Христо
Савин. На него се наоѓа овој запис:

ΙΟΥΛΙΟΥ ΘΗΙΓΟ

ΝΟC ΠΟΠΛΙω ΕΡΟΝ

ΠΝω Τω ΠΑΤΡω

ω ΚΑΤΑ ΤΟΝ Θ. ΟΡ

ΚΙCΜΟΝ ΤΗC ΔΙΑΔΗ

ΚΗC ΤΟΝ ΒωΜΟΝ

ΕCΤΙCΑΝ ΚΑΙ ΤΑ ΘΕΙ

Α ΑΥΤω ΕΠΟΙΗΣΑΝ

– Добро. И што со тоа?
– Разбра за што станува збор, нели?
– Не сосем. Се спомнува некој Јулиј Теигон Поплиј…
– …којшто по светата заклетва дадена врз Библијата, го поставил олтарот и во него ги направил реликвиите.
– Значи се работи за втемелување храм. Фасцинантно. На тоа до сега не обрнав внимание.
– Тато. Тоа е друг камен, поразличен од „твојот“. А има и трет. Еве што вели патописецот понатаму: „Има, вели уште еден камен во куќата на Андроник Пармак, а кого патописците некако не го забележале. Натписот на него не е целосен, туку само ова:

ΚΑΙΠΙΩΝ ΔΡΥΑΝΤΟΣ

ΤΗ ΠΑΤΡΙΔΙ _ _ _ _ _.

Овој натпис е интересен, пишува патописецот, по тоа што носи име кое се споменува на уште еден камен, според кој Хан донесол многу вистинити заклучоци за историјата на градот Охрид.“ Станува збор за инскрипцијата што се однесува на некаква понада на Кајпион синот Дријантов кон татковината. Ете – и дури потоа пишува за твојот камен со благословот.

– Фасцинантно…

– Напротив, ништо особено. Такви камења во Македонија ќе најдеш каде и да копнеш. Археолошки ситници.

– Некои дреболии – дискретно ја исправи професорот со точниот, литературен поим ќерката – во науката се покажуваат како магистрални откритија, драга моја. Не смееме да потценуваме ниту еден факт – зазеде до некаде дистанциран и малку надмен став професорот Кавај.

Не сакајќи да му ја расипува и натаму илузијата, Маја шумно го бакна во образот, рече едно значајно „секако професоре“, и замина на средба со Гордан.

– Освен тоа – подзастана и се сврте на вратата од работната соба на татко ѝ – мораме да го имаме предвид и авторот на записите. Името на господинот Алкибијад Нуша не дава преголем научен кредибилитет, нели професоре?

– Што сакаш да кажеш со тоа? – студено рече татко ѝ кој отсекогаш го презираше научниот позитивизам, сметајќи дека вистинскиот научник, како и вистинскиот мислител, секогаш треба кон заумното да остави барем една порта во прагматичниот ѕид во кој науката по правило се обѕидува.

– Ништо. Само да те потсетам дека автор на ова писание е Бранислав Нушиќ, комедиограф – спокојно му го истури Маја својот студен прагматичен туш в лице.

– Тоа е исклучително сериозно пишуван патопис – рече тврдо професорот и тенденциозно и акрибично додаде – верувам дека тоа можеш и самата да го потврдиш, имајќи ја предвид целината на книгата „Покрај бреговите на Охридското Езеро. Белешки од 1892 година“.

– Да не излезе некој негов сериозен каламбур со записите на изгубените камења, професоре? – рече Маја без намера да биде саркастична.

– Господе боже, со тонот ме потсетуваш на оние сомничавци и безверници што како полноглавци во бара се намножија на нашиот факултет… – рече татко ѝ искрено налутен, ги стави очилата и се наведна над листот врз кој работеше пишувајќи со уреден ракопис врз големите шпартани листови, на рака со молив.

– Точно е дека на факултетот е фатена опасна жабокречина, ама што имам јас со тоа…

– Немате ни научен занес ни сон. Тоа нам ни беше и јастие и питие…

– Од кај тогаш толку полноглавци? Не произведовте доволно научни штркови. А што се однесува до нас, ние се храниме со луѓе, пиеме кеш – се насмевна Маја, не можејќи да го скрие потсмевот кон анахроните резони на татко ѝ – Такво е сега времето и сè е можно.

– …се собиравме и дискутиравме за нашите научни дилеми, се смеевме искрено без задна мисла… – не ја слушаше тој, продолжувајќи да пишува.

– Денес твоите бивши магистранти и докторанти исто се заедно: се кикотат како хиени собрани по засмрдените кабинети врз домашна ракија и колбаси со праз испратени од нивните отепани села, мезат професори со градски педигреа и се подготвуваат да ги сварат заедно со колбасот и ракијата во своите здрави селски желудци, без оглед што токму тие професори им ги отворија портите на дигестивната научна кариера…

– Маја, те молам не претерувај! – рече со смирувачки тон Кавај.

– Жал ми е, тато, своите сопствени канибали сами ги создадовте. Полноглавците за кои зборуваш се множат во барите што вие ги допуштивте. Од жал и социјалистичка солидарност. Не сакам да звучи патетично, ама, знаеш… сенката на Нушиќ се смее од ќошето на секоја наша глупост.

– Ова се однесува и на мене? – запре со пишувањето Кавај.

– И на секој наш претеран занес, професоре – рече Маја, му дофрли едно брзо „те сакам“ и ја спрашти низ влезната врата.

Кавај се исправи на наслонот од работната столица, ги извади очилата, ги спушти врз ракописот и ги протри заморените очи. „Во право е“, си рече. Не можеше да појми како ова општество создадено од поетска носталгија, од сон и од занес, толку длабоко заринка во суровиот прагматизам. Тој беше расчистил со идејата дека тука некаде во блиската сегашност ќе се појави навестувачкиот знак, само треба да се препознае, и творечките сили да се насочат по патот што тој бездруго мал и едвај препознатлив знак ќе го навести. Треба да се биде внимателен и да се продолжи опсервацијата и поврзувањето на светлите точки од минатото со оние од сегашноста; така ќе се трасира патеката кон новата, благородна и навестувачка иднина, мислеше професорот Кавај, за првпат палејќи го во себе кандилцето на надежта дека не е сè изгубено и дека може да се осветли оваа добра питома земја и да се пронајде изворот на злото, големата удолница по која се лизгаше, до сега стравуваше, во една длабока и подземна стерна без дно.

Беше тоа една прекувременска потрага што професорот Климент Кавај го преокупираше апсолутно, повеќе од секој социолошки, лингвистички, семантички проект, повеќе од неговите дотогашни истражувања, некои привршени, а некои оставени за некое друго време… и повеќе од професионалната судбина на Маја, неговата ќерка единица којашто тргна по
негови стапки, но не во значенската лингвистика, како него, туку на студиите по јужнословенска книжевност. За разлика од порано кога во тие студии се бараа матици и мостови, сега повеќе се занимаваа со меѓите помеѓу литературите на јужнословенските народи што ја сочинуваа поранешната федерација, пред неполна деценија распадната во војна, крвопролевања и омраза што трае. За магистратура, Маја предложи теза од книжевноста на романтизмот што неа особено ја интересираше, а за која, сите знаци укажуваа, дека едноставно не е време. „Тоа е сигурно идеалистичката семка на Каваи“, си објаснуваше самата себе си, секогаш кога тоа ќе ѝ паднеше на памет.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *