Томислав Османли

Томислав ОсманлиТомислав Османли (Битола, 1956) е писател, колумнист, есеист, драматург и теоретичар на медиуми. Диломирал право на Правниот факултет во Скопје, четири децении работи како новинар, уредник во доменот на културата и уметностa, а уште подолго време се занимава со уметничко творештво.

Автор е на дваесет и четири книги: проза, теорија, публицистика, драмски текстови, сценарија. Неговата студија „Филмот и политичкото” (1981) е првата македонска теоретска книга посветена на Седмата уметност, a „Стрип, запис со човечки лик” (1987, 2002) првата македонска теоретска книга посветена на Деветтата уметност. Неговата прва збирка раскази, „Пеперутката на детството“ излезе во 1993 год., во издание на Мисла. Книгата јудео-балкански раскази и новели „Светилка за Ханука“ (2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Романот „Дваесет и првиот“ беше прогласен за Роман на годината за 2009, а потоа и избран за македонски претставник во книжевниот натпревар за наградата „Балканика“. Во 2022 во издание на ВиГ Зеница излезе неговиот мултимедијален роман „Столб што пее“.

Играниот филм „Ангели на отпад” (Angels of the Dumps, 1995) работен според неговото оригинално сценарио, беше прикажуван на меѓународните фестивали во Каиро, Сан Диего, Белград, Пула, Подгорица, Рим; а, посебно, на специјална, дводневна програма на Американскиот филмски институт (AFI) во Националната кино сала на Кенеди центарот во Вашингтон, САД.

Неговата пиеса „Двајца во Еден“ (Тwo in Eden) 1998 беше поставена на сцената на театарот Јоhn W. Gainse во Њупорт, Вирџинија, а потоа селектирана и прикажана на театарскиот Blue Ridge Festival во Ричмонд, Вирџинија, САД.

Со книгата драмски текстови „Ѕвездите над Скопје” (The Stars over Skopje), заедно со 12 други балкански книжевници, беше воведен во Литературниот годишник на „Encyclopaedia Britannica“ за 2001. година.

Прозните текстoви му се објавувани во книги и списанија во странство, на англиски, француски, српски, руски, грчки, хрватски, полски, Ладино (јудео-шпански), Иврит (хебрејски), арапски, рoмaнски, бугарски…

Бил члан на редакциите на списанијата: „Ideje“ (Белград), „Погледи“, „Разгледи“, „Teatarski glasnik“, „Културен живот“, како и на ПЕН списанието „Macedоnian review“. Литературни, како и текстови од теоријата на филмот, стрипот и театарот, објавувал во речиси сите македонски и повеќе поранешни југословенски списанија.

Добитник на бројни награди во сите домени со кои се занимава.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Член на македонскиот ПЕН клуб, повеќе пати избиран во неговата Управа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *