Единаесет жени (извадок)

Извадок од романот „Единаесет жени“ на Снежана Младеновска Анѓелков.

Даринка
Тетка Даринка беше првата жена во маало што возеше автомобил. Бела „Застава 101“, гордоста на нашата држава. Работеше во судот и беше пријателка на правдата, така барем таа велеше за себе. Секој работен ден во 16 часот го паркираше „сто-кецот“ на пола метар од клупата на која што седевме и лижевме „гринго“ или „витамин Це“, кој ние децата нагалено си го викавме „витаминце“. Излегувајќи од автомобилот до нас допираше мирисот на Франција, како што велеше таа кога ќе ја прашавме каков парфем користи, помешан со дим од цела кутија „Лорд“. Во раката постојано држеше кеса во која се наѕираа мали пакетчиња со логото на „Краш“.
– Охо-хо, каролинки, – си замислувавме и гласно коментиравме.
– Е не, киселина да ви распара желудник. Мајките ваши, знаат ли што јадете?
– Знаат, – во еден глас одговаравме.
– Знаат, ама ништо не преземаат. Роди ме мајко и фрли ме на буниште.
Такви се вашите мајки.
Големината на тие зборови не ја разбиравме, мислевме дека е некоја шега, а не навреда за нашите мајки, кои, рака на срце, премногу се грижеа за нас. Секогаш се наоѓаше по некој родител да нé набљудува, само оддалеку, за да не ни пречи во играта. Таа практика оддеднаш се појави, најверојатно по онаа случка со цигарите, кога чичко Драган сурово ѝ стави крај на нашата страст.
Еднаш ја видовме тетка Даринка како излезе со цигарата од својот автомобил. Беше многу возбудена, најверојатно поради некој судски спор. Земајќи ја кесата со пакетчиња од „Краш“, цигарата ѝ падна меѓу предните седишта. Таа брзо ја крена и ја исфрли од автомобилот. Ние и тогаш си седевме на клупата, а цигарчето само си се дотркала до нас. Беше примамливо, со остатоци од кафеав кармин, и многу убаво мирисаше. На Франција! Ја почекавме тетка Даринка да си замине, а потоа му се нафрливме на цигарчето. Јас имав чест најмногу да пушам затоа што над мене била извршена голема неправда од страна на моите родители како непушачи. Сите останати, повлекле по дим-два од цигарите на своите татковци. Тој момент беше величествен, го означи почетокот на еден нов живот: „во потрага по недопушени цигари“. Собиравме сè што ќе ни се најде пред очи, а што може да се допуши, дури и оние кафеавите КД- куса домашна пура. Ги пушевме и оние цигари со изџвакани филтри, а притоа ги имитиравме луѓето кои биле сопственици на недопушената цигара. Сето тоа го правевме зад гаражите, далеку од очите на возрасните.
Непредвидена случка го прекрати тој наш боемски живот. Татко ѝ на Галичанката забележал дека му исчезнуваат цигари од кутијата, па затоа почнал да ги брои, а Галичанката толку се навлекла на цигарите, не толку да ги пуши, туку да ги земе незабележително, што претерала со својата активност. Ја фатил, и со ремен го убил ѓаволот во неа. Галичанката тогаш многу го замрази чичко Драган. Стана многу претпазлива, а и ние останатите, бидејќи се исплашивме да не бидеме накодошени кај нашите родители.
Од балконот на тетка Даринка често се слушаа звуци од вистински клавир. Многу сакав да ја видам тетка Даринка како доаѓа дома по напорниот ден и седнува зад клавирот, опуштајќи се со нотите на „Месечевата соната“. Сакав и јас да свирам, но мама не ми дозволуваше. Од нејзината преголема претпазливост, останав во темнина. Мислам дека за сè е виновен наставникот Борче, кој приватно држеше часови по музика во својот дом. Беше обвинет за злоупотреба на деца.
Тетка Даринка особено ги сакаше таквите судски процеси каде може да се изживува над обвинетите, особено ако станува збор за мажи кои направиле прекршок над деца. Така било и со случајот на Милан од зградата Це 5, за кој подоцна зборуваа сите соседи. Не беше многу возрасен, можеби имаше околу триесетина години, кога ја нападна Метка од Словенија во влезот од зградата. Покажувајќи ѝ го глушецот истетовиран на десната надлактица, ја попречил да се симне по скалите, потоа ја повлекол во подрумот и ја силувал. Метка за кусо време се исели од нашето маало, најверојатно родителите ја вратија во Словенија, а Милан се здобил со дебела казна во Идризово, за која лично се залагала тетка Даринка. Потполно ја разбиравме нејзината потреба за калории од „Краш“ и смирувачки ноти од Бетовен. Еднаш со Галичанката, под изговор да ни даде вода, се качивме кај неа дома. Влеговме во ходникот и почнавме да разгледуваме наоколу. Од кујната се појави тетка Даринка со две чаши вода во рацете. Додека полека ја пропуштавме водата низ грло, успеавме да ја видиме како во спалната се раскомотува. Си го соблече фустанот под кој имаше чипкан комбинезон и се наметна со плишан црвен домашен фустан. Потоа отиде во трпезаријата и од кристалниот сад кој беше на стаклената масичка веднаш до клавирот, ни донесе две чоколатциња, замоткани во сини хартиички со снегулки.
– Ледени коцки,- се израдувавме со Галичанката.
– Да, да, ледени на собна температура, – се насмеа тетка Даринка и се закашла од густиот секрет во грлото од цигарите, – земете си, оти дома тешко дека некој ќе ви купи вакво задоволство.
– Ни купуваат, како не ни купуваат. Па од каде ќе знаевме што се, – се подналути Галичанката.
– Ајде сега марш, сакам да се одморам, – рече тетка Даринка затворајќи ја со тресок вратата зад нас.
Отидовме надвор и решивме повеќе никогаш да не одиме кај неа по вода. И не само тоа, таа заслужуваше поголема казна – да не ја поздравуваме на улица кога ќе помине. Се вртевме со грб кон неа кога доаѓаше со „сто-кецот“.
– Мочли мали. Тоа ми е „благодарам“ што ве хранам и појам секој ден.
– Ако сме ние мочли, ти си крава. Среќа што немаш деца, оти сигурно ќе беа најнесреќните деца на светот.
Ете што направи „Династија“ од мене: брзоплето дете на кое јазикот му зборува пред мислата. Отровни зборови кои ги сее во воздухот, а кои како вирус јадат сè пред себе.Тоа беа само три секунди во кои ја изгубив контролата врз говорот, токму како Кристл кога ѝ се обрати на Алексис минатиот понеделник. Алексис ја тресна вратата зад себе и замина, а тетка Даринка со солзи во очите тргна кон мене и толку силно ме повлече за косата зад увото што ме поткрена од земја, а целиот прамен ѝ остана во рака. Не пуштив ни глас, а чувствував болка што ми допираше до ножните палци. Галичанката ѝ се нафрли и почна со клоци да ја удира по нозете, а тетка Даринка свртувајќи се, толку силно ја тресна со раката по устата, што кутрото девојче падна удирајќи ја главата во браникот од „сто-кецот“.
Почна крв да се слева по маичката со Мапетите, омилената на Галичанката, правејќи дамка токму врз Кермит. Писок се слушна дури до вселената. Сите излегоа на прозорците и балконите да видат што се случило. Тетка Даринка пребледе. Почна да го крева девојчето кое падна во бесознание. Ја сврте на страна и почна да ѝ чепка во устата.
– Гледаш ли што направи, безобразнице? Гледаш ли?
Со искри во очите ми се обрати тетка Даринка, ставајќи го товарот на целиот немил настан на моите плеќи. Почнав да плачам со крикот на сите деца-жртви на злоупотреба од возрасните. „Ваква ли си ти заштитничка на децата“, си помислив.
– Разбуди ја сега Галичанката, што чекаш, – хистерично се развикав на тетка Даринка, на која рацете ѝ се тресеа колку од тежината на Галичанката, толку од стравот што ја обзеде заради пената која се појави низ устата на Галичанката, при што почна целата да се тресе. Отрчав да ги викнам чичко Драган или тетка Розе. Ја оставив Галичанката со ѓаволот. Чичко Драган преку мене прескокна и веднаш се најде до своето чедо. Го зеде во раце и го стави во автомобилот. Јас останав да набљудувам од ѕирките на влезот. Сè беше како во магла, од солзите ништо не можев да гледам. Липав без глас и се молев мигот да помине. Посакав да сум голема и повеќе да не чувствувам болка од која ми се стега срцето.
Омилената клупа на која лижевме „гринго“ и „витамин Це“, повеќе не ни беше омилена. Не ја користевме извесно време, а со тоа ја отстапивме на бабите што си плетеа миленциња. Галичанката не ја бев видела долго време, сè до она попладне кога ми свирна од прозорецот на кујната.
– Ќе излезеш надвор да си играме? – ја прашав.
– Не смеам, треба да се одморам, – тивко ми одговори.
– Знаеш што ѝ направив на тетка Даринка? Ѝ ја изгребав регистерската табличка со монета. Не смее повеќе да нè пипне, – се пофалив за одмаздата.
– Каде беше ти, кога ми се слоши? – сериозно ме праша Галичанката, – зошто ме остави со тетка Даринка? Зошто не ми помогна?
– Сакав да ти помогнам, ама не можев. Не знаев како. Затоа го викнав татко ти. Ама ти ветувам дека друг пат ќе ти помогнам.
Галичанката ме гледаше како да не ми верува, впрочем од тој настан само така и гледаше кога зборуваше со некого.
– Сега ќе излезеш надвор да си играме? – инсистирав.
Останавме надвор до доцна. Во воздухот како за момент да го почувствувавме мирисот на Франција помешан со димот од една цела кутија „Лорд“. Се погледнавме, а пред нас како да прелета смртта.
Оттогаш Галичанката неколкупати добиваше епилептични напади, дури и на училиште. Јас никогаш не бев во близина за да ѝ помогнам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *