Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште) (извадок)

Извадок од книгата „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ на Дијана Петрова.

       На часовите кои се држеа на реката престанав да присустувам кога се роди  Страшимир. Бев мирна оти знаев дека оставив други учителки кои со посветеност ќе го водат почнатото дело додека јас отсуствувам. Посебна гордост на душата ми даваа моите Јанинка и Трајанка кои од мрзеливи ученички, се сторија посветени учителки.

   Морав да дадам повеќе време на тоа мало бебе цицалче, кое уште не беше свесно за времето и што сѐ ни носи тоа. Морав да одделам време од моето време и за Димитар, кој по напуштањето на работата во Охрид имаше сè поизгубен и позагрижен поглед. Знаев што значи за него учителската работа, оти иста страст делевме кон неа и чувствував вина што го натерав да го примаме при нас Виктор Иванович Григорвич и гласините и несреќите кои почнаа со неговото доаѓање.

      Сè уште не знам како дошло до тоа Димитар да ја напушти работата во Охрид. Султана ми раскажа како турскиот везир со посебна покана и придружба го однел Димитар на разговор, на кој му ги покажал испишаните листови од часовите што ги давав на Виктор. Му ги фрлил в лице хартиите омекнати од плунката која ја исфрлал при викањето. Димитар ниту се одбранил, ниту збор кажал – ги собрал само листовите и си ги донел дома, кажувајќи само на мајка му. Занесот околу книгата која сакавме да ја направиме, желбата сите женски деца да ги подучиме и неизмерната љубов која и двете ја чувствуваме кон Димитар, нè зближи со мајка Султана, затоа таа ми ја довери причината за вознемиреноста кај Димитар. Беше успеала да земе и еден од испишаните листови од Димитар, за да ми го покаже, да ѝ потврдам дали навистина тоа се буквите на Виктор оти на ниту на една не ни беше јасно како тие стигнале до турскиот везир. До главата не дозволувавме да ни допре мислата дека Виктор самиот му ги дал, или, уште пострашната, дека самиот му ги однел.

 испуштање на в (чоек, жиот, зборои итн.), на х (дуот, Орид), на д (создаит) и слично.

ф наместо х (успеф)

мек изговор на ќ и на њ (брајка, стаине)

шч (шчо, опшч)

стр, здр во сите случаи (стред, здрел, праздна)

 цки наместо ски (македонцки, балканцки)

т во трето лице еднина сегашно време (требит, мислит, значит)

        Во периодот додека работев со Виктор и го учев на некои правила и одлики на нашиот јазик, го запознав добро. Ја видов неговата желба и љубов кон културата, јазикот, знаењето, не само кон нашиот, туку кон сите јазици. Ги препознав веднаш неговите букви и уште не разбирав како тие негови листови стигнале до властите. Не сакав да верувам дека Виктор сакал да ни наштети и дека ја злоупотребил довербата, љубовта и домот што му ги дадовме, си ги раскажувавме взамено најдлабоките тајни и стравови, јадевме од ист леб и пиевме од исто вино.

    Кога се договоривме со Виктор за часовите, Димитар беше многу исплашен. Бев и јас, но повеќе ме плашеше мислата дека ќе се роди уште едно дете, а ние немаме ништо. Не сакав да барам од татко ми бидејќи можев и сакав да работам и да заработувам. Сумата што неделно ја земав од Виктор беше поголема од таа што Димитар ја земаше од неговото учителствување во Охрид. Часовите врвеа лесно бидејќи Виктор брзо запамтуваше. Освен тоа, сè уште подучував и две машки дечиња. Наскоро Виктор почна да зборува на нашки со нас и да учи да ги пее песните што мајка Султана му ги кажуваше. Беше воодушевен од стиховите, посебно од приказната дека се пренесувани од колено на колено преку жените. Беше воодушевен од храброста, но најмногу од таинственоста на нашите жени, од нивната сезнајност, мудрост и истрајност, од нивната желба имињата да им се сретнуваат по книги и весници, од нивната желба да знаат и да го променат светот или барем разумот на светот. Затоа Виктор беше запознаен со сè што се случуваше со нашето училиште.

      Се збилиживме и го засакавме како наш побратим. Додека јас ги подготвував Јанинка и Трајанка за училиштето, Виктор и Димитар долго разговараа, затворени во собата која Димитар ми ја отстапи мене за работа. Ми раскажуваше потоа Димитар за што разговарале, за тоа дека нè канел во Русија, го канел најмалиот брат на Димитар – Константин, да учи на рускиот универзитет. Му нудеше на Димитар и поубава и поплатена работа, но Димитар не ја прифати оти му велеше дека од вистинското учителствување не се богати џебот, а душата. Излегуваше често на прошетки покрај реката и езерото, застануваше во спокој кој му го даваше езерото и му ги изоструваше мислите и постојано носеше хартии со себеси на кои постојано запишуваше нешто. Можеби на некое од тие запишувања, некоја од хартиите му паднала и така стигнала до властите.

      Дека престојува кај нас, брзо се расчу и по чаршијата и сè повеќе луѓе почнаа да нè поздравуваат, оти луѓето беа наслушнале дека Виктор е голем, важен и учен човек. Неколку пати кога ќе купував риба, ми даваa многу повеќе риба, за истите пари. Дури татко ми, кој беше мераклија на учењето и учените луѓе, го покани Виктор на вечера. На вечерата бевме и јас и Димитар и, откако се зедовме со Димитар, првпат го слушнав татко ми да разговара така убаво со него. Присуството на Виктор како да донесе некое поубаво расположение кај сите нас и поголема сигурност.

     На вечерата кај татко ми, се договоривме дека кога ќе се породам, Виктор ќе остане уште еден месец или два како гостин во татковата куќа. Татко ми требаше да го рашета по своите имоти по сите краишта на земјата, така Виктор, кој веќе беше вљубен во нашинството, ќе можеше одблиску да ги види работите за кои му раскажувавме. Татко ми не знаеше за песните кои требаше да ги собереме во книга. А не можеше ниту да претпостави за работата која неговата ќерка почна во најголема тајност да ја врши.

       Кога ми дојде време за пораѓање, Виктор ни соопшти дека ќе замине. Му се појавила некоја неодложна и важна работа и мора многу брзо да се врати на својот универзитет. Тоа што последните денови изгледаше почуден од обично го препишав на мојата состојба, која секој ден ми стануваше сè потешка.

      Замина набрзина, воопшто не споменувајќи ја работата која почнавме да ја работиме, а која секој ден стануваше поголема и посериозна, ниту давајќи ни некакви совети или насоки за понатаму. Како сето ова што беше почнало да се случува, сосема да му се беше избришало од главата од некоја виша сила.

       Работата со запишувањето на песните одеше потешко отколку што очекувавме. Прво, бидејќи почнаа секој ден да се пријавуваат нови ученички, учењето писмо одеше бавно; потоа се појави проблемот како да се запишуваат песните бидејќи немавме доволно хартија и мастило за сите, а сите не ни смееја да ја носат дома за некој да не ја најде и да се посомнева; на реката немавме како да ги запишуваме песните оти секој што ќе поминеше ќе се зачудеше што прават перачките испоседнати на земја. Но ни една од овие причини не нè поколеба, туку уште повеќе ни ја зголеми желбата да сториме сè, дури и невозможни работи, за да ја исполниме идејата. Сега сакавме не само песните да ги запишеме, сакавме да запишеме и некои приказни и верувања, сакавме да запишеме и детски песнички – игранки, кои мајките им ги кажуваа на децата. Затоа, јас, мајка Султана, Јанинка и Трајанка, како главни создавачи, членови и помагачи на Тајното женско училиште, донесовме одлука да одиме полека. Прво да ги научиме сите да читаат и пишуваат. Ако го поминат успешно тој дел, кој мајка Султана и јас го проверувавме, да им ја довериме задачата на запишување оти требаше да се запишуваат песни не само од ученичките, туку требаше и од други жени кои ниту знаеја да пишуваат, ниту мислеа да учат да го прават тоа. Некои беа воодушевени, некои не ја разбираа потребата од тоа оти тие песни со векови опстојувале на овие краишта и нема како да бидат заборавени, затоа немаше потреба да бидат запишувани, затоа што и досега се наоѓало начин за нивното опстојување.

    Во такви случаи кога жените преморени ќе попуштеа со желбата, мајка Султана ќе им донесше некои од весниците што ги имавме дома, ќе им покажеше некои статии и текстови под кои се сретнуваа само машки имиња, никаде не се сретнуваа женски, па затоа ќе почнеше да им зборува за тоа дека заслугата што песните постојат неколку векови е женска, заслугата што постои и живее светот е женска, затоа жените заслужуваат почесто да ги сретнуваат своите имиња по книги, весници и списанија. Тогаш, некои од жените ќе се охрабреа, но некои ќе се исплашеа и ќе прекинеа со часовите, обврзани сепак да ја чуваат тајната.

     Часовите одеа и тешко и лесно. Најтешко беше тоа што повеќето жени не можеа секој ден да доаѓаат на реката бидејќи имаа други работи во куќата, најчесто доаѓаа само по еднаш неделно. Со таа брзина и тие букви што ќе ги научеа, спречени од купот работа што ги чекаше дома да ги повторат – брзо ги забораваа. Затоа најважно ми беше да им ја држам желбата будна, за да не се откажат, и често смислував приказни за храбри женски ликови кои со многу труд и работа го прославиле со некое херојство своето име и род. Поради тоа што не доаѓаа истите жени секој ден, се случуваше забуна до кај сме стигнале со лекциите и тој ден часот беше изгубен. Но ниту една од овие работи не ме спречи мене, ниту Султана, ниту Јанинка, ниту Трајанка, да продолжиме со работата и да продолжиме да мечтаеме.

     Навечер, кога ќе се соберевме сите и кога децата веќе ќе спиеја, раскажувавме за денот што изминал и до каде сме напреднале со учењето букви, додека песните кои чекаа да бидат запишаи ни стоеја некаде над главите, чекајќи да се отелотоворат во зборови втиснати на хартија, која ќе им ја загарантира нивната вечност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *