Излезе сејачот да сее (извадок)

Извадок од романот „Излезе сејачот да сее“ на Паскал Гилевски.

Во кафеаната на писателите

Во тој момент заѕвони телефонот на Конески.

– Коце е, рече Блаже. Нè вика кај Почу и Јоле. Ти однеси ја шпалтата и врати се тука. Ќе одиме заедно.

Излегов надвор, на улицата, и тогаш почувствував дека на рамената како да имам една пријатна тежина, едно скапоцено бреме, како и тој самиот кога излегол од Марковиот манастир.

И восторжен, одејќи бодро накај печатницата ги рецитирав, гласно, стиховите на неговата бесмртна песна, поради што гавесто се вртеа минувачите:

              Во светов, на бескрајниот фронт,

              му дале и нему сектор,

              да крепи, да брани…

Кога се вратив по десетина минути, Блаже ме чекаше на влезот од Шкаперда.

– Можеби е добро што нè поканува секретарот на Друштвото, рече Блаже одејќи накај гостилницата на уметниците, се надевам добро ќе поминеме. Зашто, ќе ти кажам една тајна: имено, МАНУ уште немаме буџет за такви бенефиции. Но бидејќи ги завршивме сите општествени работи, останува да те прашам дали си го прочитал мојот есеј за Личеноски во „Разгледи“?

– Сега сакав да зборуваме за тој прекрасен есеј, но кога ќе се напиеме по една чашка, зашто грлото денес ми се исуши од возбуди и горештини.

– И јас сакав да го предложам истото – рече Блаже и одеднаш брбна да се смее, да се кикоти. Сега поради него се вртеа минувачите. Затоа и јас почнав да се кикотам. Да ја споделиме вината.

– Да видиме каква програма има за нас нашиот секретар. Зашто и тој знае да биде тавминџија.

Коце Солунски нè чекаше на прагот од гостилницата.

– Ја резервирав најдобрата маса за нас…

Седнавме на масата под стариот жилест чинар.

– Имам еден предлог, рече Блаже, да го викнеме и Митрев. Во 1954 година Митрев му ја отвори ретроспективната изложба на Лазар Личеноски во Уметничката галерија во Скопје.

– Одлична идеја, рече Коце и стана да му телефонира.

По половина час стигна Димитар Митрев, нечешлан, зашто и немаше коса за чешлање и веднаш порача чаша виски.

– О, тука е и мојот роднокраец, и автор на неколку бележити ликовни есеи што излегоа под мое редакторство. Блаже не знам дали си читал негови есеи, но знам дека Славко и Старделов се скараа поради изнесениот став на филозофот Шпенглер дека ако Карузо не бил пејач, ќе станел голем поет или сликар. Славко му се спротивстави на Стардел со тезата на Херберт Рид дека сите уметности имаат ист корен, што се совпаѓа со ставот на Шенглер.

Блаже тука се насмеа громко и се напи од чашата со пиво, а Митрев ми рече:

– Но едно големо изненадување беше пред неколку дена кога бев во Прага, на еден фестивал, и таму беше еден од најголемите бугарски поети Атанас Далчев, роден во Солун, кој не знам дали поради староста или роднокрајството, но неколку пати те поздрави, велејќи да те поздравам, како „роднокраец“. Неговиот брат, Георги Далчев е автор на статуата на Гоце Делчев во скопскиот парк.

Митрев ја пиеше втората чашка, пак се врати на Шпенглер и на Стардел, но дојде келнерот и му рече дека телефонираа од дома, има гости… да оди веднаш.

– Штета, рече дедеагачот, а убаво ќе ми беше да го поминам попладнево во вакво елитно друштво… А ти, обраќајќи ми се мене, деновиве донеси ми есеј за новиот број на „Современост“. Гледај да му се допадне на Славко, а Стардел нека почека.

Кога си замина Митрев, Блаже изрази жалење:

– Штета што си отиде, ќе слушневме уште многу занимливи нешта.

– Јас, реков, баш сакав да му припомнам за еден случај со еден наш поет кој сакаше да се запише на факултет, но немаше свидетелство од средно школо. Па решивме неколку негови другари да му помогнеме. Јас како најблизок со него се зафатив сериозно со работата. Прво отидов кај Коле Чашуле и му ја кажав маката, како на човек кој ги знае црнилата на народот, но авторот на „Вејка на ветрот“ ми рече дека не стои многу добро со Митрев кој е ректор на универзитетот, но сепак ми даде едно писулче на кое напиша: „Другар Митрев, помогнете му на нашиот млад колега“ и јас отидов кај Митрев, му го дадов писулчето и му кажав што е проблемот, но Митрев ми рече дека тоа не е во неговите ингеренции, туку да одам кај Гане Тодоровски, тој е член на таа комисија што решава такви проблеми. Но пред да излезам од вратата и Митрев ме праша дали имам некоја песна од поетот-работник да ја прочита. Јас немав при себе, но надвор ме чекаа тројца колеги и им реков што бара Митрев, па седнавме сите и наврапито склепавме една песна. Се вратив кај Митрев и му го дадов листот со склепаната песна. Митрев ја прочита навчас и рече: „Бреј, па ова е модернистичка, но не е лоша, ако е модернистичка. Сепак оди кај Гане да не го испуштиш!“ Отидов кај кабинетот на Гане, но напразно тропав, никој не отвораше. Слегов долу и влегов во бифето. Таму го видов Гане опколен со тројца– четворица млади поети, и му ја кажав маката. Гане рече да го почекам да ги испие трите пива и ќе одиме ќе видиме што да сториме за мојот случај. Кога најпосле останавме сами и му кажав за кого се работи, тој удри со раката по масата и рече: „Бреј, па јас сум му кум на младиов поет! Ќе свршиме работа, но прво да го најдеме и да му кажам што треба да направи.“ Го најдовме. Тој да ти работел како шеф во бифето на Инвалидски, па веднаш почнавме со предавањата. Не требаше многу знаење, требаше да научи да прави разлика меѓу Иво Андриќ и Крлежа, и меѓу Крлежа и Балзак, односно, меѓу нашиот Рацин и Мајаковски и меѓу Мајаковски и грчкиот поет Костас Варналис. Нашиот колега работник-поет требаше ова да го научи во рок од два месеца. А бидејќи беше многу топло, требаше да се испијат многу пива. Важно успешно ја завршивме работата, и нашиот колега го заврши факултетот пред сите нас. А тој, на шега ни велеше: „Кој има да плати за пиво, ќе добие диплома и од Сорбона. Ако запне!“    

– И сега, enfin, да позборуваме за Лазар Личеноски, за списанието „Разгледи“ октомвриски број, 71 година. Во тој број е објавен еден прекрасен и пресен есеј за еден од родоначалниците на современото или подобро речено, на модерното македонско сликарство. Мене пет години ми беше професор, од него научив многу и од класичните сликарски техники и од модерните опити, како и посебно на носители на новите појави кои се карактеристични за новите времиња. Кога ќе се прочита есејот на Блаже Конески за Личеноски, за чудо секој ќе добие впечаток дека авторот на текстот и уметникот за кого е напишан есејот се толку слични, што доволно е да се заменат имињата, разликата е во тоа што едниот е сликар, другиот поет, писател, што одговара на тезата на познатиот историчар на уметноста Херберт Рид, за истоветноста на уметничките родови. Конески иако се оградува на почетокот дека не е компетентен да зборува професионално за сликарството, сепак, тој пишува одличен есеј, и како прво, потпирајќи се врз своите литературни опити знае да ги одбере оние критички пасуси што ги имаат напишано врвни југословенски професионалци во тоа време, како Јован Бијелиќ, Тодор Манојловиќ, Вељко Петровиќ, или Пјер Крижаниќ. На пример го цитира Бијелиќ со една мошне значајна оцена дека „нашата ликовна уметност, нашето сликарство во Личеноски добива една нова позитивна вредност, а нашата одлична и најмлада генерација се зголеми со уште еден силен член“. Тоа е цитат од врвен уметник кој во Париз бил студент на Де Кирико, уметник со светско реноме. Потоа го потенцира напишаното во 1933 година од страна на Растко Петровиќ дека Личеноски е импресиониран од Пикасо, но и од дисциплината на иконописот и синтезата на формите. Но она, што е за нас важно е тоа дека Конески дава и своја оценка, која не се однесува за професионалната, техничка страна, туку за уметничката природа. И Конески заклучува дека „лириката е негово царство и нешто што е во самата атмосфера на народната приказна, како сè што успеало да се преточи во приказна“.

Ете, ова е тоа што може да се однесува колку за Личеноски, толку и за самиот Конески. И тоа е валидно за есејот на Конески.

Во жожорливата кафеана, под стариот јавор, Блаже Конески ме слушаше со напрегнато внимание, разбираше што сакам да кажам, дека го открив она што е оригинално во есејот, а Коце беше опуштен, со прстите тихо мрдаше врз масата, како што правеше често Славко Јаневски, но уживаше во нашата несекојдневна средба, тоа можеше да го почувствува, со восхитување, како кога во Унгарија јас зборував со унгарските писатели, тој не разбираше ништо, но знаеше дека е важно што сме во една таква интелектуална конверзација. Во есејот за првиот македонски сликар што влезе во кругот на врвните тогашни југословенски сликари, на Конески не му избега од предвид напишаното од Пјер Крижаниќ во 1939 година дека уметничката вредност на Личеноски може да му се припише на влијанието на „вродената зографска смисла“.  

Кажувајќи го ова („вродена зографска смисла“), со особена потенцираност, значително додадов:

– Впрочем, кога некој ќе ја пишува историјата на македонската уметност, неизоставно ќе треба да го земе предвид дотичниот есеј на Блаже Конески, како битна категорија за естетската суштина на предметот што се однесува за елементарноста на естетичкиот феномен.

Подзапрев, зедов здив, се напив неколку голтки вино од мојата чашка, и реков:

– Убавината на есејот за кој зборуваме се состои токму во едноставноста, длабоката простост, па ако сакате и филозофија, впрочем како што Конески со стиховна материја ја искажа веќе во песната „Везилка“.

Блаже Конески беше, тоа го почувствував, презадоволен, како да не очекуваше такво сублимно анализирање на неговиот есеј и тоа во една кафеанска атмосфера.

И речиси срамежливо, речиси извинувачки, со благ тон рече:

– Јас, всушност, не знам како се осмелив да пишувам за сликарството, за една деликатна материја што не ми е стручност. Но ме ослободува од грижа на совеста тоа што јас направив еден вид книжевен портрет на еден уметник. А тоа би била една форма што ми дава можност сепак во ликот на тој уметник да откријам некои елементи што не можат да ги видат и најдобрите познавачи на неговата уметност. Би рекол дека тоа е извесно белетристичко доживување на ликовната материја, како што, на пример, забележуваме кај Андриќ во книжевниот портрет за сликарот Гоја.

Потоа Блаже, небаре олеснително, гледајќи проник-
ливо во нас, како да сака да види дали успеа да ни го објасни она што сакаше да ни го каже, па едноставно рече:   

– Благодарам, многу добро ги откри суштинските белези што сакав да ги внесам во есејот, дури твоето искажување ми се виде и побогато и поинтересно, поинвентивно, мислам со мене би се согласил и Личеноски да беше жив, меѓу нас. Дури ми е жал што Митрев не остана, а беше принуден да си оди, но мислам тој најдобро би ја разбрал оваа неконвенционална елаборација на една мошне сериозна уметничка материја. Сигурно Митрев би ти дал десетка, што ретко ја дава, а и јас би ти дал повеќе од десетка. Добро е, има речено некој, дека понекогаш големи работи се кажуваат во кафеани или во обични собири. И Петефи во една песна што си ја препеал ти, напишал: „Видов срца почисти во крчми мрачни / отколку што видов пред олтари зрачни.“

Тогаш се јави Коце:

– Иако не изгледаше така, но јас многу внимателно слушав, и се восхитував дека и кај нас, па дури и во кафеана може да се води конверзација на високо ниво. Другари и пријатели мои, вистински се гордеам што присуствував на една таква суптилна средба… но едно нешто ми пречеше, и се сврте кон мене, тоа што цело време сè уште го персираш Блажета.

– Браво Коце. И јас сакав да го кажам истото.

Па се сврте кон мене:

– Отсега натаму ќе ми зборуваш на „ти“. Се разбравме? Така подобро ќе се разбираме. Дури и Превер има една песна, впрочем, што ти си ја превел, во која вели:

            „Си спомнуваш ли Барбара

            Не лути се што ти се обраќам на „ти“

            Зашто јас му се обраќам така

            На секој што го сакам…“

– Ама тоа не доаѓа предвид… – реков јас, дури некако и засрамен.

– Готово, рече Блаже небаре со лут тон.– Најпосле ние сме колеги во неколку дејности. Јас посебно го ценам преведувањето на поезија. Зашто нашиот јазик, тоа го имам акцентирано повеќе пати, еднаш и во Лешок кога ми беше врачена наградата Кирил Пејчиновиќ, и тоа токму од твои раце, нашиот јазик најмногу се кове во ковачницата на преведувањето. И она што можам да го наречам сладост на родниот јазик, особено го имам почувствувано кога ми успеваа некои поетски преводи. Како што се моите преводи од Хајне, конкретно неговото „Лирско интермецо“.

И ми ја подаде раката. Неговото ракување, не знам зошто за миг ме потсети на неговата потресна поема „Ракување“.

Коце ја крена чашата со вино:

– Да наздравиме. Во името на трајно другарство.

Веќе се свечери и во кафеаната почна да набујува бучавата и да надоаѓаат нови гости.

На една подалечна маса седнаа неколку писатели, Гане,Анте, Варошлија, Петре Андреевски, Мето Фотев, Божин Павловски и Ташко Георгиевски.

Но ние веќе станавме да си одиме, а моравме да поминеме покрај масата каде што седнаа писателите, кои до еден станаа да се поздрават, особено со Блаже. Гане, како најопитен, нè покани да седнеме со нив, но Блаже Конески се извини, веќе не можел да остане. Тогаш Гане се сврте кон мене и ме фати за раката:

– Но ти мора да останеш, имам нешто важно да ти кажам.

Јас се поздравив со Блаже Конески и со Коце Солунски, и седнав на масата на тукушто седнатите писатели.

Божин ме праша:

– Дали е во ред со Блаже Конески за онаа работа?

Му одговорив потврдно.

– Тогаш јас честам!– просто извика Божин. – Тоа е многу важна работа.

– Што е? Што е? – извикаа сите.

Божин кој ја знаеше нашата тајна, а и многу ни помогна во реализацијата, им кажа во што е работата и го викна келнерот. Порача да донесе сè што имаше готово и ракија, како за почеток.

Гане Тодоровски за мене направи место до него и веднаш ми рече:

– Решивме ти да дојдеш на поетскиот фестивал на крајот од август во Струга и, како полиглот, ќе бидеш одговорен за странските гости. Оваа година ќе дојдат педесетина странци од сите меридијани. Од утре секој ден ќе доаѓаш во Друштвото на писателите, за да го организираме подобро поетскиот фестивал во чест на браќата Миладиновци.

Божин, како самоназначен спонзор на масата ја крена чашата со црвено вино и наздрави:

– Оваа здравица нека биде за новата стихозбирка на Гане, „Горчливи голтки непремолк“, со желба неговите горчливи голтки овде да станат слатки.

Сите ги кренавме полните чаши и се напивме, честитајќи му на Гане, кој веќе се растабаши како поетски бег.

Славко Нинов, артистот, кој дојде малку подоцна, се напи една добра голтка ракија и почна да рецитира наизуст неколку песни од новата стихозбирка.

Небичас, веќе околу полноќ во гостилницата влегоа поетите Радован и Јован Котески и бидејќи немаше место на главната маса, келнерот им донесе екстра столови да седат отстрана, но сепак со нас. Бидејќи тие помислија дека се одржува некоја кафеанска литературна вечер, откога Нинов заврши еден блок од стихозбирката на Гане, двајцата изрецитираа по две песни, со што стекнаа право да се напијат од заедничката софра.

Половината ноќ веќе ја имавме прегазено и кафеаната полека-полека се празнеше.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *