Јадица (извадок)

Извадок од романот „Јадица“ на Владимир Плавевски.

ТАПКАР

Билетарницата беше затворена. Талкав очаен околу киното опкружен со орда депримирани љубители на филмови. Застанав пред замандалените излезни порти, слушав музика и упорно чекав. Чкрипливо се раскрилија кино портите и ме заплисна топол, застоен воздух. Толпата извираше од темнината, подмижувајќи од надворешната светлина. Го забележив соседот Илчо. Ги бришеше окалките.
„Како филмот?“
„Грч. Младичот се заљубува во курва“, пелтечеше сѐ уште занесен од доживувањето.
„Како завршува?“, продолжив упорно. Околу мене веќе се насобраа љубопитници.
„Гледај го!“, ми одврати, ги избриша очите со мрсулосано шамиче, ги намести окалките врз ситното носе и нѐ одмина.
Понастрана од билетарницата стоеше Тафо, момче со кадрава коса, со мајмунско чело во кое беа спикани очи кои шаркаа лево-десно. Беше облечен во драп кошула со маслосан околувратник, сиви панталони и излитени чевли.
Тафо беше тапкар. Кога билетите во кино-билетарницата беа распродадени, билети продаваше тој, но по двојно, тројно повисока цена. Беше здодевно дрдорлив. Му пријдов. Морав да го слушам, со пуста надеж небаре ќе ми продаде билет.
„Кај си, бе татин син? Акаш околу киново? Ако, ако. Море, џабе акаш. Нема бегање од гомнарскиов живот! Нема! Само низ капиџик. Знаеш каде има капиџик?“
Завртив одречно со главата.
„Не знаеш?! Овде! Киново е капиџик на твојот живот!“
Го слушав со подотворена уста.
„Што има ново? Татко ти е чауш, знаеш.“
„Умрел Сталин.“
Го здроби догорчето од цигарата со петицата, стави цигара во аголот од устата а чкорчето го запали од топукот.
„Требаше многу порано. Многу порано.“
„‘Подобро некогаш, отколку никогаш’, велеше еден мој воспитувач.“
„Џабе арчиш мозок во школо. Филмовите се најдобра школа. А јас сум ти професор. Знаеш зошто? Нема филм што не сум го гледал стопати! Аааа! Татко ми работеше на каса во кино. Секогаш седев во прв ред. Кога седнав да го гледам ‘Пастир Костја’, дојде Црцул Грајфер, киноператерот, седна до мене, гледа, гледа и ми кажува: ‘Татко ти умрел на Голи Оток’.“
Ја фрли цигарата недопушена, зема друга и ја стави во спротивниот агол на устата.
„Беше за Сталин. Си го сакаше. Ама, не збореше околу. Го наклеветил брат му оти му должел пари.“
„Ај шитни ми билет.“
„Имаш пари?!“, ме праша гледајќи внимателно преку мене.
Извадив пари од џебот. Тафо заврте одречно со главата.
„Шетај татин син. Немаш доволно пари да го гледаш Виторио Гасман во ‘Сонуван рај’“, одврати сурово.
Пред киното веќе имаше многу народ, но билети немаше ни за лек. Тафо ја подисправи крагната, ја зачешла косата наназад, ги стави рацете во џебовите и се мушна во луѓето. Толпата џагореше. Тафо пријде кон маж со жена и ги праша дали сакаат билети.
Тие што имаа билет, не му обрнуваа внимание, но страдалниците без билет бараа билети. Тафо кажуваше трипати повисока цена. Некои веднаш го одминуваа. Но, ако не заминуваа, стоеја колебливо и размислуваа. Тафо итро им дофрлаше: „Ваков филм не сте гледале во живот!“. Секој вистински филмски вљубеник со жена крај себе и со доволно пари во паричникот се кршеше во себе. Тафо го стрелаше со заверенички поглед и сиреч се премислил, праваше чекор наназад. Купувачот запаѓаше во агонија. И, токму кога Тафо како ќе заминеше од нив, купувачот заговорнички ќе ги покажеше парите. Тафо му ги земаше од рака, молскавично ги броеше, му даваше билети и купувачот, пресреќен и задоволен, со жената под рака спокојно заминуваше кон влезот на киното.
Се влечкав по него како кутре додека тапкаше, со пуст копнеж дека можеби ќе се смилува и ќе ми продаде билет по реална вредност. Всушност, калкулирав со уште една можност. Кога ќе почне филмот, ако тапкарот не ги продаде билетите, за да не загуби, молскавично ги распродаваше по вистинска цена.
Одеднаш, Тафо в рака ми тутна грст билети и почна да бега. По него се зададоа двајца цивили. Зад нив трчаа тројца полицајци со пендреци во рацете. Екна завивање на сирена и пред мене, со силно чкрипење, застана марица. Тафо бегаше меѓу луѓето. Едниот агент го грабна за кошулата. Му се нафрли и вториот агент. Тафо преташе и пцуеше. Најкрупниот полицаец со пендрекот го удри по глава. Тафо се струполи како покосен. Не се мрдна. Од носот му џрџаше темна крв. Џагорот на толпата полека стивна и настапи молк. Ечеа само чекорите на тепачите. Полицајците грубо го дигнаа, како партал го фрлија во марицата и брзо заминаа.
Имав билети! Брзо ги преброив. Ги туткав билетите в џеб и не знаев што да правам со нив. Филмот ќе започне по пет минути. Го опчекорив вирчето крв и застанав пред влезот. Луѓето влегуваа во киното. Билетарот им ги кинеше билетите.
Некој ме праша: „Имаш билети?“.
Му одговорив заговорнички: „Аха!“
,Ај, шитни ми“, молеше.
„Аха!“
„Колку?“, одврати.
Колкава цена да кажев? Молчев. Нервозно тапкав во место.
„Колку билети сакаш?“
„Два. За женската и за мене.“
Кажав двојна цена. Ме погледна и веднаш ми даде пари. Ги брцнав длабоко в џеб и му ги дадов билетите. Веднаш ми пријде друг страдалник. Молскавично ги распродадов сите билети. Билетарот соопштува дека филмот започнал и јас брзо влегов во киното, растреперен седнав на моето седиште со рацете пикнати во џебовите преполни пари.
Филмот почна. Трештеше музиката, се појави натписог „Сонуван рај“ но јас место филмот, го гледав Тафо како удира во толпата, паѓа на црниот бетон, вреска сиреч го колат, го дробат со црни пендреци, од него прска крв и нѐ полева нас, безбилетарците што коленичиме пред другарот Цеко. Цеко нѐ шутира со нозе, му приоѓа на тапкарот, го подигнува и го фрла во металното утробие на марицата. Бегав и се треснав во тараби од билети. Тарабите ме обвиткуваа, ме жареа.
Гледачот до мене ме мушна болно со лакт. Се свестив. Бев жива вода. На екранот убавецот Виторио Гасман ја бакнуваше преубавата Жералдина Брукс. Блесна натписот „фине“. Гледачите стануваа од дрвените седишта што трескаа заглувно. Не се помрднав од местото. Излегов последен од кино салата. Се пулев околу себе. Пред киното немаше полиција. Тивко ромонеше ситен дождец што ја раскиснал крвта на Тафо.
Во темнината, наводенет до гола кожа, дојдов пред раскапана куќа со трошна ограда. Зацапав по каллива патека. Во дворот дете шлапкаше во кал. Од куќата изнедри стара жена забрадена со шамија, а од внатрешноста ме заплусна одбивен мирис на манџа. Брцав в џеб и ѝ подадов куп банкноти.
„Татино синче?!“
Зад мене стоеше Тафо со цигарата во аголот на раскрварената уста и со раце во џебовите. Ја префрли цигарата во другиот агол на устата.
„Мамо, оди дома!“, грубо, со зарипнат глас свика кон жената. Таа, небаре веда ја погоди, скоро отскокна од мене и лута, се втурна во куќата трескајќи ја силно вратата. Детето застана до Тафо.
„Бате“, кажа молежливо.
„Тоде, оди дома!“, му нареди.
Детето го погледна, се сврти и скокајќи од нога на нога, повторувајќи брзо: „Пак го мавале! Пак го мавале!“, влезе во куќата.
„Добри луѓе има само во филмовите“, гласот му стана
тивок.
„Ти си лош?“, го прашав.
„Така велат комунистиве оти татко ми умрел на Голи Оток! Не ми даваат ни да учам ни да работам оти татко ми бил вмровец. И, од што да живеам? Ај, оди си дома, татино синче“, кажа тивко.
Молчев.
„Разбираш?“
„Не.“
„Не разбираш оти татко ти Цеко е на чело на тие што не ми даваат да живеам како човек оти татко ми бил вмровец“, тивко, одвај чујно зборуваше за да го слушнам само јас.
„Цеко не ми е татко.“
„Па што ти е Цеко?“, се исчуди Тафо.
„Ништо. Мајка ми, уф, мајка ми, со татко ми, Марко ме посвоија од Домот за, кхм, деца без родители. Мајка ми, кхм, се премажи за Цеко“, кажував со плачлив глас. Никогаш на никого не сум кажал оти сум посвоен.
„Ништо не си разбрал од животот, домец!“
„Не сум домец!“
„Кога ќе те смачка животот, сѐ ќе разбереш комунистички копиљ“, ми дувна чур од цигарата в лице.
Му ги подадов парите. Ги зеде, брзо ги изброи и ми врати половина од целата сума.
„Твои се, комунистички копиљ. Те честам за Сталин… Што умрел!“
Тафо ја плукна цигарата од аголот на усната, ги вовре рацете во џебовите и веднаш влезе во куќата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *