Куќата со жолта фасада (извадок)

Извадок од романот „Куќата со жолта фасада“ на Билјана Мартиновска.

„Одам да те најдам сега…

 Oдам да те најдам сега…“

Нејзиниот глас одекнуваше во воздухот и ме принуди да ги отворам очите. Сонцето веќе ги имаше распослало своите зраци низ мојот прозорец, но некако мрзеливо се превртував во креветот без некоја посебна волја да станам.

– Колку пати во денот женава го бара тој што ѝ треба – си помислив – и кој е тој што толку ја измачува?

Веќе неколку месеци како живеам овде, а нејзиниот глас скоро секое утро ме растревожува. Не само заради зборовите кои излегуваат од нејзината уста, туку заради тагата во нејзиниот глас. Поради очајот и безнадежноста во нејзиното трагање по оној кој ѝ е потребен.  Има нешто што ѝ дава сила да го прави тоа секој ден, по неколку пати.

Не знам ни која е таа жена. Знам само дека живее во жолтата куќа на крајот од мојата улица. Куќата чија фасада почнала веќе да се рони околу прозорците, како и неа да ја измачуваше животот на луѓето кои живееја внатре.

Никого не сум видела со неа освен една девојка која честопати ја води под рака на прошетка. Не зборуваат ништо. Само мирно се движат по улицата и прават кратки прошетки покрај бреговите на реката.

Би сакала да бев поинаква и да не ме погодуваа туѓите судбини. Ама таков човек тешко се менува ако така е скован. Ако така научил да живее низ годините и не умее поинаку.


И тоа утро ја слушнав како поминува покрај мојот стан, па веднаш скокнав од креветот и излегов на балконот да видам во кој правец се движи мојата мистериозна сосетка.

Знаев дека во куќата е девојката која честопати беше со неа навечер, зошто минатата ноќ ја здогледав на терасата од нивната куќа кога се враќав дома доцна во ноќта.

Девојката ми изгледаше сосема здраво и пристојно. Сакав да помогнам. Можеби сакав да си помогнам себеси. Не од некоја себична причина, не заради секојдневните утрински будења и нејзините очајнички обиди да го најде оној што го бара, туку заради потребата да подадам рака, да дадам мало парче душа на таквите на кои тоа им е потребно. Длабоко во себе се убедував дека не е моја работа и дека треба да ја оставам жената да си го живее животот онака како што таа смета дека треба. Ама еден друг дел од мене, многу посилен од оној првиот, не ме оставаше мирна и веќе наредното утро се најдов пред нивната врата.

Па што ќе биде нека биде.


Стоев пред жолтата, дрвена врата и неколку пати се премислував во обидот да заѕвонам на ѕвончето или да се откажам од лудата идеја.

После неколку минути сепак заѕвонив.

Кога девојката ми ја отвори вратата, стоевме така неколку секунди без да кажеме збор.

– Повелете, Ви требаше некој? – љубезно ме праша.

– Извинете – ѝ реков – може да поразговараме малку?

– Секако, влезете –  ми отстапи простор за да влезам низ вратата.

Тие живееја на првиот кат од куќата, а на другиот не сум видела да има некој воопшто. Кога влегов во тесниот ходник, забележав дека од левата страна е кујната, а право низ ходникот се влегуваше во дневниот престој. Девојката со десната рака ми покажа каде да влезам и јас се најдов тука до неа, во еден простор кој го исполнуваше духот на минатото.

Собата беше скромно наместена, но во неа владееше беспрекорна чистота и ред. Сѐ беше на свое место, како никој да не живее тука. Како штотуку да се вратиле неговите станари по долго отсуство.

Седнав во фотелјата која беше покрај прозорецот и за миг забележав дека оттука најубаво се гледа реката која постојано брза некаде во своето корито. Каков антагонизам на животот меѓу овие ѕидови. Овде како сѐ да застанало. Фотографиите кои беа врамени на полиците во орманчето беа од некое друго време, а сепак толку вклопени во амбиентот, што без нив просторот не би го имал тој дух. Како минатото да беше заробено некаде меѓу тие рамки, а единствената слобода која му беше дадена на споменот кој лебдеше низ воздухот, беше просторијата во која тие се наоѓаа и никаде подалеку.

– Како можам да Ви помогнам – прва ми се обрати девојката со црни очи, кои блескаа со неверојатен сјај на утринското сонце.

Си го прочистив грлото и се претставив. Имав чувство дека вреди да се обидам. Искреноста најчесто е најдобриот пат до нечие срце.

– Секое утро ме буди гласот на жената која живее овде – изустив.

– Мајка ми – рече девојката.

– Вие сте нејзина ќерка? – изненадено извикав.

– Јас сум Уна – ми подаде рака девојката.

Ѝ подадов рака со насмевка, на која ми возврати со ведрина во погледот.

Седна на другата фотелја спроти мене и ме праша каде живеам. Кога ѝ објаснив беше изненадена дека не знам дека тие две се мајка и ќерка.

– Целата улица знае – рече.

– Но, јас штотуку се доселив овде – ѝ реков – и не комуницирам многу со соседите. Студентка сум и не ми е потребна голема блискост со никого. Доволно ми е што за неколку месеци ги знам речиси сите овде и имам еден пријателски поздрав со нив. Немам време за ништо повеќе.

– Зошто сте овде? – ме праша.

– Можам ли некако да помогнам? – ѝ одговорив на прашањето со прашање.

– Во врска со мајка ми? За жал не. Се обидовме на секој можен начин, но таа одбива да соработува. Нејзиниот живот е ова – и со рацете покажа на сѐ околу нас.

– Јас не знам ништо за вас, навистина – како да сакав да се оправдам за моето доаѓање тука – но, нешто во мене болно одекнува со секое ново будење и слушање на нејзиниот глас. Затоа сум овде, а не бев ни подготвена да ме дочекате со ваква вест.

– Има нешто во Вас – ми рече – нешто што ми кажува дека треба да Ви верувам.

– Тогаш зошто не преминеме на ти? – ја замолив.

– Со задоволство ќе ти се обраќам по име – со насмевка ми одговори.

И од тој миг, за мене се отвори нова врата во животот. Не само вратата на едно ново, чисто и искрено пријателство кое целиот живот го посакував, туку и нови видици и хоризонти во животот за кои никогаш не верував дека ќе ги достигнам.

1

Моето име е Ева.

Тоа е единственото нешто што низ годиниве никогаш не се променило кај мене. А ги имам доста. Тешки се и полни со животни сокови, кои имале секаков вкус. Некои повеќе, некои помалку слатки, а некои толку горчливи што вкусот с уште им го чувствувам на јазикот.

Со секоја клетка од моето тело живеев. Се борев. И љубев, и горев.

Оној кој никогаш не изгорел, не живеел вистински.

А мојот живот како да почна тоа лето кога имав седумнаесет години…

Тој ден како сонцето да беше најсветло и најсилно.

Кога сите мои пријателки се одлучија за одмор на црногорското приморје, јас одлучив да заминам во Турција, на бреговите на Средоземното Море, каде целото семејство одлучи да оди за прв пат. Посакав да бидам со семејството, иако веќе бев на прагот на своите осумнаесет години и имав слобода да одам со своето друштво на одмор. Но, не се двоумев при изборот овој пат. Иако бев меланхолична и романтична по природа, секогаш имав точно зацртани цели во својата глава и цврста волја за нивно остварување. Како единствено дете на своите родители, воопшто не бев разгалена и суетна. Имав изграден круг на пријатели со кои секогаш бев пријател. Искреноста е доблест, така ми зборуваше татко ми. Тој беше човек кој целиот свој живот ги имаше истите пријатели. Откако знам за себе, истите луѓе доаѓаа кај него на парче муабет и чашка ракија, кое мајка ми задолжително ќе го збогатеше со некакво мезе. Низ годините само неколкумина беа нови пријателства стекнати по различни основи, но старите никогаш не ги растури.

Јас растев во малку поинаков свет од неговиот. Беше многу лесно да стекнеш нови пријатели и ги имав многу, навистина. Иако денес не можам да се пофалам дека ги имам сѐ уште. Во реалниот живот е поинаку, отколку во виртуелниот свет. Нема копче за додавање и отстранување на пријателот и ако дојде оној момент кога навистина ќе сакаш да го отстраниш од својот живот, тогаш е потребно нешто повеќе од само еден клик.

Не можеш да созрееш ако не ги искусиш животните лекции на своја кожа. Невозможно е да се научи од туѓата болка, ако истата не си ја почувствувал врз својот грб. Може да се извлече поука, да се биде претпазлив во слична ситуација, ама дали воопшто може да се заштитиме од болката само заради тоа што сме ја гледале отстрана? Колку пати сум слушала дека паметните учеле од туѓи грешки, колку пати сум ги увидела туѓите грешни постапки, а пак сум посакала само да помогнам, да ублажам болка, да утешам, без да сакам тоа да го искористам во своја полза. Научив колку е болно да очекуваш сите да се еднакво искрени како што си ти со нив, да очекуваш да ти биде вратено со иста мера како што си се дал себеси. Низ годините научив – среќна сум само кога не очекувам ништо од другите. Никогаш.

Затоа оној дел од себе кој беше премногу искрен и полн со очекувања за исто таква искреност од другата страна, го замолчив и најчесто одбирав зборови за својот личен живот пред сите.

Кога им ја соопштив желбата да одам со нив на одмор, моите не се изненадија многу. Дури ми се чини и се израдуваа што ќе бидам со нив во следните две недели, иако на почетокот на летниот распуст имав желба да се вработам како и претходните две лета.

Во мене имаше некоја силна возбуда, немир кој извираше од срцето без никаква посебна причина тој ден. Возбудата од првото патување со авион, восхитувачките глетки од висините доцна во ноќта само ја надополнија таквата возбуда и веќе ѝ бев предадена на магијата која со себе ја носи Медитеранот.

На пријавување во хотелот сфатив дека недостасува мојот црвен ранец. За миг почнав да паничам дека останал на аеродромот, но премотувајќи го филмот во својата глава, се сетив дека го сместив во автобусот за превоз до хотелот. 

– Мора да е тука некаде – си мислев.

Главниот менаџер на рецепција веднаш се ангажираше околу тоа. Но, не требаше да се чека долго.

– Ова мора да е Ваше – ми се обрати длабок машки глас на нашиот јазик.

Пред мене стоеше високо младо момче со црна коса и како јаглен црни очи.

– Благодарам – изустив.

– Јас сум Виктор – изговори момчето.

– Ева – тивко прошепотив – но како знаевте…? – зачудено прашав, персирајќи го.

– Имам око за убави работи – ми намигна тој, се заврте и замина.

– Ви должам услуга – со насмевка возвратив.

– Не ветувај ништо додека не си сигурна дека можеш да го исполниш. Ѓуршурус , Ева! – ми довикна на турски.               
Зборот го научив во авионот од малиот речник на турски зборови што беше оставен пред сечие седиште.

И пред да сфатам што ми се случува, тој исчезна од мојот видик.

– Кое е момчево? Како не го забележав во авионот? Како знаеше дека ранецот ми припаѓа мене? Интересен дечко! – заклучив на крај и се насмевнав во себе. Одлучив да не губам повеќе време во хотелското лоби, туку да се подготвам за сите возбудувања што следат за време на одморот.

Се сместивме во нашата соба, која имаше поглед на морето и прекрасно уредениот парк со зеленило и цвеќиња низ него. Набрзина си ја променив облеката и веќе наредниот миг бев на пат кон морското синило и плажите кои повикуваа.

Како да лебдев во воздухот газејќи по патката која водеше до хотелската плажа, целосно опиена од мирисот на леандрите кој се ширеше наоколу. Независна и возбудлива во својата природа, сакав целосно да ги впијам сите убавини кои ми допираа и до најситните клетки. Моите родители се согласија да дојдам со нив, а нивната либералност и рационалност во поглед на моите години, го направија нашиот заеднички одмор да биде вистински компромис. Имав слобода да се движам наоколу во хотелскиот комплекс во кој постоеше совршена организација на работите и многу мала беше веројатноста од искрснување на било каков проблем.

Тиркизното море ме пречека со својата смиреност, а песочната плажа се протегаше во недоглед. Го поздравив утрото крај морето и со поглед барав најсоодветно место каде ќе можам да се препуштам на летните уживања.

А тој веќе беше таму.

Сонцето блескаше во неговата коса, а неговите очи одеднаш се задржаа на моите за момент. Почувствував како го губам тлото под нозете, дланките почнаа да ми се препотуваат, а некоја необично силна топлина ми изби на лицето. Не можев да го одвојам својот поглед од него. Му кренав рака, но продолжив да се движам низ плажата, свртувајќи го погледот кон лежалката во која се сместив.

И одеднаш, одморот беше поинаков.

За кратко време се приближив кон барот во кој се нудеа различни коктели, кои повикуваа да бидат вкусени уште веднаш, но сепак се одлучив за ладно кафе кое требаше да ме освежи дополнително и да ми даде побистар поглед на светот околу. Она што пред малку ми се случи беше реално. Во своите седумнаесет години никогаш досега не сум почувствувала таков земјотрес. Таква лавина од чувства кои дојдоа од никаде. „Но, што си замислуваш, девојко?!“ – веднаш почнав самокритички кон себе. Како да сакав уште на самиот почеток да ја згазам надежта за нешто посебно во текот на летниот одмор на кој бев со родителите, а не да лудувам со пријателките сосема далеку од нив. Сакав да се убедам себеси, дека такво нешто има само на филм. Љубов која се случува на прв поглед, никој досега не ми кажал дека му се случила. Тоа го имаше во романите со кои пораснав. Само Николас Спаркс пишува за таква љубов во своите романи. Тој пишува за вонвременски љубови кои не му се случуваат секому. Тој пишува за чуда во љубовта!

А зарем нема секој право да верува во чуда? Зарем оние на кои им се случуваат чуда се посебни, однапред предодредени личности кои имаат апсолутно право на тоа? Зошто секогаш кога ќе запознаев некого го имав тоа чувство во себе, ни самата не можев да си објаснам. Како никој, никогаш да ја немаше таа моќ на „погодување“ на вистинското место. Бев навистина млада, прерано беше да се зборува за било какви минати искуства на ова поле, но скоро сите мои другарки веќе имаа за што да зборуваат и на кого потајно да се надеваат. Можеби она што го гледав од бракот на моите родители, ми даваше за право да верувам дека само таков партнер каков што има мојата мајка може да ме усреќи мене. Или можеби во себе го идеализирав татко ми, кој не само што ми влеваше самопочит и верба во самата себе, туку беше и човек на кој секогаш можев да сметам. Не постоеја табуа меѓу мене и моите родители и сметав дека сум привилегирана поради тоа. 

Додека го пиев своето ладно кафе како мраз, над мене се појави сенка. До мене стоеше тој, човекот кој се појави како херој на почетокот на мојот летен одмор. Седна на празното столче до мене и се загледа во мене без да каже збор. Толку црни очи немав видено  никогаш. Како во рамка да му беше заграден ирисот на окото за да биде уште повпечатлив, а со секој поглед на него како да си прикован за местото и не можеш да гледаш на друга страна, ниту пак си способен да зборуваш. Ме праша колку е часот, колку да започне разговор, а јас само ја подигнав својата рака и му го покажав времето на својот рачен часовник, гледајќи го и понатаму во очи. Тој не се ни обиде да погледне во часовникот, туку само ми се заблагодари, не тргајќи го погледот од мене.

– Ти должам кафе – реков.

– Не должиш ништо – одговори тој, сѐ уште не одлепувајќи ги своите очи од мене.

– Единствено што ми должиш е разговор, зошто неверојатно сум љубопитен да слушнам која е причината за заборавеноста на една ваква прекрасна девојка, која однадвор изгледа строго – го приближи своето лице до моето – но, сигурен сум дека оклопот не ти е толку цврст.

– Навистина? Немој да си премногу сигурен во ништо. Чувството на разочараност може долго да трае. На крајот на денот, сите имаме оклоп. Тоа нѐ штити од светот.

– Зарем е потребно да се штитиш од светот, малечка? – со сериозен поглед ме запраша.

– Мораш да се штитиш сам, зошто другите се премногу зафатени штитејќи се себеси и своите интереси – веднаш одговорив и се завртев кон него со прашање:

– А ти, освен што во слободно време спасуваш изгубени предмети и им ги враќаш на сопствениците, кој си ти всушност?

Виктор тогаш се насмеа, покажувајќи ги своите бели заби, кои блескаа како на рекламен спот. Очигледно беше дека му е забавно и дека друштвото му годи. Кога почна да зборува за себе, сфатив колку неговиот глас звучи пријатно и секој негов збор како најубава музичка нота се лепеше за моите уши. За миг се фатив себеси како ги затворам очите само за да уживам во неговиот глас, а тој токму тогаш престана да зборува:

– Уморна си. Можеби е време да те испратам до собата.

– Не , воопшто. Само го впивам моментот во себе. Продолжи те молам.

Виктор се насмевна повеќе за себе и продолжи да зборува. Неговиот живот беше толку возбудлив и интересен што и двајцата не забележавме дека ноќта веќе се распослала на морскиот брег и создала магија од светлината на ѕвездите кои се пресликуваа во мирните води. Месечината беше млада, само еден срп се оцртуваше на небесната шир и со ѕвездите до неа наликуваа на знамето на земјата во која се наоѓавме. Земјата во која се раѓаше нешто посебно, нешто возбудливо и уникатно, нешто што само младешкото срце може да го почувствува на тој начин и да му се предаде целосно.

– Само една порака до моите за да им кажам дека сум во близина – реков, барајќи го својот мобилен телефон низ ташничката.

– Не сакам од прв ден да помислат дека ми е здодевно со нив и дека ги одбегнувам.

– Имам чувство како да поминаа само петнаесетина минути – рече тој со насмевка – зарем веќе е толку доцна? Морам да се подготвам за вечерашната програма!

Разликата во години меѓу нас не беше никаков јаз. Напротив, беше само шанса за Виктор да се покаже во најдобро светло пред мене. Седум години пред мене го видел сонцето, знаеше да се пошегува, па мора да знае повеќе. Искуството беше на негова страна, во секој случај, но тоа како да ми беше предизвик за да поминувам што повеќе време со него.

Кога вечерта во доцните часови се разделивме, сонот никако не ми доаѓаше на очите. Неверојатно беше како ми се случи Виктор токму овде. Како него да го барав сето тоа време, како него да го чекав сите тие години, како некоја волшебна сила да проструи и за миг успеа да ме освои. Дали беше ова љубов на прв поглед? Велат дека таквата љубов е само почетен занес, дека она што при првиот впечаток жената го помислува за мажот кој го запознава, е само илузија за тоа кој е всушност тој. Првиот впечаток не може да биде реален. Но, она што цел ден како чувство ме обземаше и ми создаваше пријатна топлина во душата, беше нешто повеќе од тоа.

Беше толку мил, толку привлечен. Дури и во сета таа река од луѓе во кујната за време на појадокот, неговиот лик зрачеше со некој посебен шарм. Не мора секогаш да си гласен за да те чујат, а не мора ни да си присутен за да те видат. Некогаш е важно твоето отсуство да е токму она што недостига. А кога тој беше отсутен од просторијата во која со поглед се трудев да го најдам, некоја тага ми го стегаше срцето. А штом ќе ни се вкрстеа погледите, неговиот поглед и насмевката на неговото лице, ја огреваа целата просторија. Се разбиравме со поглед, премолчено. Зборови ни беа погледите, преку нив комунициравме кога не постоеше друга можност.

Виктор беше вработен во хотелот, како аниматор за време на вечерните часови. Веќе неколку години работел во различни хотели на турската ривиера, но таа година за прв пат беше вработен тука каде што престојувавме. За своите дваесет и пет години имаше одлични комуникациски вештини, неверојатен шарм и зрелост заради што оставаше впечаток на многу повозрасна личност, отколку што беше навистина. Токму заради природата на неговиот ангажман во хотелот, тој беше многу внимателен во контактот со гостите. – Најважно ми е да стекнам почит кај моите работодавачи, но секако и кај гостите кои ги анимирам – често знаеше да ми каже. – Мене не ми се многу важни парите кои ги заработувам, не ми е потребно многу во животот. Имам сѐ што ми треба овде, само сакам да сум среќен и да се чувам понастрана од стресни ситуации. Задоволен сум од својот живот досега и не би сакал да останам на едно место постојано. Сѐ уште сум млад за да се случи тоа – зборуваше тој со став на личност која знае што сака од животот.

Уште од првиот ден бев опиена од него. Како убавината со која бев опкружена да не беше доволна за да се чувствувам како да сум во некоја друга димензија, уште и жарчето кое почна да гори некаде длабоко во мене од првиот ден, сѐ повеќе пламтеше и стануваше врело како песокот кој го газеа моите стапала, како сонцето кое силно блескаше во сиот свој сјај сакајќи да го продолжи денот со сите негови убавини. Море, сонце, песок, дружење, возбуда и адреналин во текот на денот, а во вечерните часови забава која ја водеше тимот за анимација. Бев среќна кога тој беше пред моите очи, тажна кога ќе го изгубев од вид, насмеана кога погледот ми беше упатен само мене, љубоморна кога беше наменет за некој друг. И така до бескрај. Заробена бев од неговите црни очи, потонав во нивниот волшебен сјај и посакав тука да останам. Окована во црните пранги на тој мистериозен поглед. Засекогаш.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *