Билјана Мартиновска е родена во струшкото село Драслајца, во 1977 година. Основно образование завршува во родното село, а гимназија во Струга. Дипломира на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, но внатрешниот порив за завршување на факултетот кој отсекогаш ѝ бил предизвик го исполнува подоцна со станување дипломиран професор по македонски и англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола.
Личност со зацртани цели во животот, која никогаш не се откажува од своите соништа. Посветена мајка и сопруга, со огромна љубов кон својата професија.
Читањето книги за неа е богатење на духот, а пишувањето нејзина огромна страст. Пишувањето го развива како хоби уште од мали нозе, за подоцна да стане дел од нејзиниот секојдневен живот и начин на изразување на себеси. Пишува за сѐ она што ѝ ја допира душата во текот на секојдневното битисување.
Учествувала на повеќе литературни конкурси низ нашата држава.
Своето прво литературно дело го издава во 2016 год. под наслов „Точка на враќање“. Во овој свој автобиографски роман инспирирана, односно мотивирана од едно лично искуство, таа пишува за себе и своите стравови после преживеаната несреќа. „Пишувањето за тој немил настан беше своевидна катарза за мојата личност, а поттикната од позитивните критики на сите оние кои го прочитаа романот, продолжив и понатаму да творам. Влегувањето во тој свет за мене значи богатење на сопствената духовност, не само како автор, туку и како личност“, вели авторката.
Романот „Куќата со жолта фасада“ е нејзино второ авторско дело. Романот е инспириран од вистински настани, а е резултат на повеќегодишно истражување и консултации со стручни лица од областа на медицината и психологијата.