Луѓе без минато (извадок)

Извадок од романот „Луѓе без минато“ на Ивица Челиковиќ.

9

Никому повеќе не му беше јасно дали Милован најпосле почна да го прифаќа ужасот на новата стварност, и што всушност беше тоа што за него сега беше, или можеше да биде вистина. Дали можеше да престане да се замајува создавајќи привид околу себе, да се соочи со своите илузии и барем малку да се подготви да жртвува нешто од претходниот живот – за некаква нејасна иднина?

Имаше денови кога излегуваше рано наутро и го немаше дури до доцна навечер. Првин кажуваше дека ќе оди да види што би можел да помогне околу расчистувањето на улиците, евакуацијата на ранетите, или дека ќе стои во ред за хуманитарната помош од Црвениот крст. Но кога ќе се вратеше дома седнуваше истоштен во кујната, избегнувајќи ги погледите вперени во него. Како дете кое со молчење наивно се обидува да скрие нешто.

– Опасно е надвор, каде одиш по цели денови? – го прашуваше Вера, обидувајќи се малку да го орасположи и да му ги измасира рамената и грбот.

– Да, знам.

– Среќаваш ли некого?

– Не, никого… никој не ми треба повеќе.

– Никој… Како така?… Па зарем и ние сме никој?

– Не го реков тоа.

– Не будали се.

– Да, баш така… веројатно сум веќе луд.

Едно утро Милена слушна гласови, викање во ходникот, неколку ката под нив. Ја отвори вратата и го слушна Милован како се расправа со некого. Го позна гласот на Фарук, кој живееше во соседната зграда и често се појавуваше меѓу станбените блокови, водејќи група во униформи со беретки. Се зборуваше дека поради вооружени разбојништва и трговија со дрога бил долгогодишен затвореник, а го пуштиле на слобода по избувнувањето на војната.

Викањето во ходникот престана и набрзо потоа Милован ја отвори вратата и влезе целиот задишан и испотен. Силно кашлаше и одвај отиде до кујната. За малку ќе паднеше доколку не се фатеше за масата. Милена му помогна да седне и му донесе чаша вода.

– Што се случи, зошто се расправаш со оној лудак?… Па тој ќе те убие, око нема да му трепне.

Милован ѝ ја турна раката настрана кога сакаше да му го избрише челото со марамче. Мирно ја погледна и рече:

– Какво расправање? Само му реков дека вистинска војска не се однесува така. Држењето на офицерот треба секогаш да служи за пример.

– Те слушнав како викаш.

– Тие се дереа, проклети говеда, не јас… Го видов и Џемал… само ја подотвори вратата, ја покажа главата и веднаш затвори.

– Па ти навистина не си токму! Свесен ли си што правиш? Сега и Џемал ти е крив, и тој ти стана непријател.

– Да.

– Немој така, не греши душа.

– Да… грешам… Кој друг ако не јас?

Во тој момент се слушна силно удирање на вратата. Се слушна како некој ја фати кваката и се обиде да отвори, но беше заклучено.
Милена се двоумеше неколку секунди, но се созеде и тргна полека кон ходникот да отвори. Пред вратата стоеја тројца мажи во униформи, со кренати пушки пред себе.

– Што не го отворате ова дувло? – рече Фарук, кој прв влезе внатре.

Милена не изусти ни збор. Целата се тресеше и се тргна малку настрана да направи место за да влезат и другите двајца. Фарук го виде Милован и тргна кон кујната со вперена пушка кон него. Застана и викна:

– Станувај и излегувај надвор, веднаш!

Милован не реагираше, не мрдна ни со еден дел од телото. Не го ни крена погледот кон натрапникот што му се закануваше во неговиот сопствен дом. Помисли на пиштолот и за миг се покаја што претходно не отиде да го земе од регалот во дневната соба. Но и да стигнеше да го направи тоа, дали воопшто ќе можеше да смени нешто во своја полза?

– Станувај, стоко четничка! Немој да ме тераш уште еднаш да повторам!

Милован стана полека и ја фати кошулата префрлена преку столот, но Фарук му ја истргна од раката со цевката од автоматската пушка и ја фрли на мијалникот.

Без многу премислување, Милован тргна пред него. Подзастана во ходникот да ги обуе чевлите, но и тоа не му беше дозволено. Почна да слегува по скалите бос, по чорапи, и со маица на прерамки.
Кога излегоа надвор пред зградата, кон нив тргна едно комбе и застана пред влезот. Од возилото излезе висок брадосан војник, со темни мустаќи и веѓи, и ја отвори задната врата. Но Фарук му рече да ја затвори. Тогаш се слушна силна експлозија од граната. Тресна во еден балкон во приземјето на зградата од другата страна на улицата. Парчиња малтер се разлетаа наоколу, паѓајќи како град врз покривот на комбето. Тоа уште повеќе го разгневи Фарук, кој го истурка Милован до ѕидот на зградата, а потоа се врати кај другите. Изгледаше како да се подготвуваат да го стрелаат. Милован се подисправи гледајќи во нив, а потоа го спушти погледот, како да се помири со судбината и како да е подготвен за најлошото.

Неочекувано, на улицата се појави еден воен џип. Помина крај униформираната построена група, но запре и се врати. Од џипот излезе офицер на босанската армија со чин поручник и праша што се случува. Фарук се обиде да му објасни дека заробиле Србин кој, како што рече, малтретирал луѓе во населбата и им се заканувал со пиштол. Поручникот го ислуша и побара да го види пиштолот, но Фарук му рече дека не нашле оружје кај заробеникот.

– Не смеете да им пресудувате на луѓето вака на улица.

Фарук не одговори веднаш. Ја вртеше главата лево- десно, не можеше да скрие дека критиката што ја слушна му падна тешко. Ја симна капата и ја стутка меѓу рацете. Мораше да каже нешто.

– Тој е само еден обичен четник со окрвавени раце… не заслужил ништо дру… – почна, но не успеа да ја изговори докрај реченицата. Повторно се слушна експлозија, овој пат од проектил што падна на стотина метри оддалеченост, на паркиралиштето крај раскрсницата меѓу станбените блокови.

И зборовите на поручникот не можеа да се слушнат, се распрснаа придушени и неразбирливи од силниот татнеж на детонацијата што сите ги заглуши.

Поручникот се доближи до Милован, кој стоеше млитав и подгрбавен до ѕидот. Изгледаше дека во секој миг ќе се струполи на бетонот.

– Каде живееш?

Милован го крена погледот кон офицерот, но ништо не рече, само ја подиспружи раката и со голем напор покажа кон влезот на зградата.

– Бегај веднаш одовде – процеди низ заби поручникот и му го сврти грбот. Потоа одмавна со рацете и му рече на Фарук да појде со него, а на другите да се тргнат оттаму и да се засолнат некаде.

Милован стоеше уште малку и ги следеше со поглед поручникот и Фарук кои одеа кон џипот. Одвај успеа да ја отвори влезната врата во зградата. Влечкајќи го раскрвавеното стапало што го повреди згазнувајќи на остра скршеница од тула, успеа да се добере до скалите. Лифтовите веќе неколку месеци не работеа. Лека- полека, успеа некако да се искачи до седмиот кат.

Кога влезе дома, ја виде Вера која ѝ помагаше на мајка си да се соземе од шокот што го доживеа од насилниот упад на Фарук и неговата група.

– Жив сум… а можеби и не – рече и се обиде да се насмевне стоејќи збунет на вратата, како да не знаеше дали да затвори зад себе, или да го тргне стапалото од крвавата дамка што се направи на паркетот и повторно да излезе во ходникот. Како да тонеше во црна дупка. Каде всушност беше пред малку? Од каде се врати?

Тогаш го послужи среќата. Нешто повторно му даде надеж дека животот продолжува да наоѓа нови патишта, па дури и кога несигурно баланисира по тенка жица.

Но не помина многу време кога во близина на стадионот Грбавица, кај улицата Милутин Драшковиќ, беше погоден во нога од снајперски куршум. Го однесоа во болницата Кошево, му беше укажана помош, но истиот ден со неколку гранати беше погодено болничкото одделение каде што лежеше.

Го преживеа и тоа.

Неколку недели подоцна почина во сон, најверојатно од инфаркт. Милена залудно се обидуваше да го разбуди утрото. Прстите ѝ се здрвија кога му ја стави раката на студеното чело, под кое од очите како сѐ уште да му трепкаше мала животна светлина. Полека згасната.

Го погребаа на православните гробишта Првомајска. Како темна сенка крај гробот стоеше и Џемал. Неговото широко лице беше тврдо и здрвено, ниту најмал мускул не можеше да затрепери. Човечка судбина, проклето едноставна и постојано повторувана, е да не може да го разбере насилството што се крие зад невидливите ѕидови во лажната леснотија на секојдневното живеење. Секој можеше да ја премине границата, но и да застане и да размисли дали од другата страна може да има и враќање.

– Твојот татко беше чесен човек – ѝ рече Џемал на Вера, откако успеа малку да ја смири раката што силно му се тресеше, за да фрли грст земја во гробот.

– Ти благодарам… И тој можеби ќе ги слушне твоите зборови.

– Знаеше да ја цени човештината, имаше добро срце.

– Да, таков беше… Но како веќе да му одмиле живот – рече Вера и го фати Џемал за раката, која и понатаму му се тресеше.

Џемал го сврти погледот. Но не беше човек што се обидува да ги скрие солзите.

– Не му остана многу време да се сеќава на убавите нешта – прошепоти Вера.

– Но не го напушта овој свет како човек без минато, тоа ќе го следи… И него и нас – рече Џемал ставајќи ја раката во џебот од капутот. Потоа тргна и без да се сврти, додаде:

– Би сакал да ми веруваш, драго мое дете… знам дека е така.

Погребот помина мирно, без плачење, само со тивки солзи. Вера со тешки маки и по долго убедување успеа да ја одврати мајка си од тоа да му ја облече униформата. Татко ѝ тоа никогаш не би го посакал. Но Милена секогаш зборуваше дека толку убаво му стои офицерската униформа. Зошто да не ја носи и на тоа свое последно патување, ослободен од страдањата што му ги приреди животот? Вера мораше да ја скрие и неговата офицерска капа. Но затоа, претпазливо, внимавајќи никој да не ја забележи, успеа во сандакот да ја стави фотографијата со маршалот од Батајница. Тоа беше нешто што сигурно и самиот би го избрал. Таквите спомени можеше да ги понесе во новите простори, на преминот меѓу двата света.

Во тој миг ништо не се слушаше. Тешка тишина го покриваше заборавот, грешната и столчена беспомошност, и самотноста на глувото време погребано во бескрајниот молк.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *