Извадок од романот „Манастир Фуентерабија“ на Јагода Михајловска-Георгиева.
Нејзиниот огненоцрвен фустан спуштен од градите до стапалата, лелеав и широк, повеќе ѝ го оцртуваше телото отколку што ѝ го покриваше. При секое движење се преобликуваше, преземајќи им ја формата на нозете, бедрата, колковите, или половината. Рацете и рамењата голи. Густите суканици прибрани со цр- вена панделка, лежерно префрлени настрана. Насмеано му пријде, со усни премачкани исто така црвено.
– Си се гледам вечерва убава, не мислиш така? – заводливо ја поткрена главата. – А ти, ништо да речеш.
– Освен што те нагрдува црнава богомолка – му се залепи погледот врз тетовираниот инсект.
Грозната глава и пипалата се подаваа од под фустанот кон разголениот грб. Не можеше да ги истави очите, а толку го тревожеше.
– Ајде прашај, знам дека си љубопитен – го подбуцна.
– Не сум.
– Си, ама одбиваш да чуеш.
– Ме плаши.
– Зошто? – си ја помилува со раката одзади. – Тој инсект е безопасен за луѓето.
– Не и за нејзиниот машки род. Да му ја откинеш главата на својот љубен и да го изедеш…
– Го познавам тој порив, сигурно ќе речеш умоболен, а не е. Во наплив на страстна љубов и јас имам посакано да можам Ирмак да го проголтам, да стане неразделен дел од мене засекогаш.
Како јас што копнеам за вечен спој на нашите души со Небесна, го разнесе таа мисла.
– Но, за право, подобро таа него да го убие отколку тој да ја напушти – напнато се закикоти. – Само за такво нешто треба да се биде многу храбар.
– Уште поголема храброст е потребна за да го напуштиме саканиот.
– Ништо поразлично убиството од самоубиството – ја одврза панделката, ги подзатресе суканиците и пак ги собра. – Ти одбра самоубиство, така?
– Моето заминување од манастирот беше чин на љубов кон Небесна – гледаше вземи небаре си ги брои чекорите – за да не му нанесувам зло како богомолката.
– Или страв тој да не те повреди, престанувајќи да те сака.
– Од сѐ најмногу се плашев јас да не го отсакам.
– Патетично.
– За мене нема поголема Божја казна од таа.
– Не почнувај пак со Бог, штом го споменеш се онерасположуваш, батали го веќе еднаш.
– Да може така…
– Биди упорен, ослободи се од него, олесни си. Нели си летач? Штом веќе си полетал, продолжи, летај! – си ги рашири рацете.
– Нара, прости, не си ми достоен соговорник на овие теми, те молам престани.
– Престанувам – се повлече за да не го налути. – А ние ќе прошетаме, или… Онаму продаваат варена пченка, млеко бела, шеќерна.
– Половина грб ти покрива тетоважава – тој наново со очите во богомолката. – Колку ли убоди биле потребни? Сигурно многу те болело.
– Камо да ме болеше.
– Значи, ти намерно си посегнала по болката, телесната – му беше познато тоа, зар еднаш во манастирот… Не сакаше сега таму да навраќа, си ја сопре мислата.
– Без никаква анестезија, му реков на тој што ме тетовираше. Голема богомолка бараш, се обиде да ме разубеди, ќе потрае, многу ќе боли, не будали се. Ај терај работа како што јас ти кажувам!, му свикав. Кога заврши ме праша, од што си создадена? Зарем е можно да не почувствуваш никаква болка, ни усни да прегризеш, ни со заби да скрцкаш, ништо. Но жива ли си ти вооп- што? Не сум, реков, му платив прекумерно и си отидов. Тоа беше оној ден кога чув дека Ирмак ме напуштил.
– За безгласни вресоци ми зборуваш, за суви солзи што не мо- жат да протечат, за тоа ли?
– Да – ѝ олесни што ја разбира. – Имав потреба од силна про- тивболка, како противотров за змии. Телесна болка. Да може барем за миг да ме ослободи од душевната, макар вресокот да го исфрлам од себе, солза да исцедам, ама не ми успеа. Телово бесчувствително, ја изгубило врската со душата, и тие разделени. Попусто богомолката, никаква корист од неа. Или и ова го знаеш од себе? Сѐ ли така знаеш, чуден Летачу?
Ги поткрена рамењата, ни да одрече ни да потврди.
Еден човек ги пресретна, средовечен, со пријатно лице, пана- ма шапка на главата, живи очи.
– Простете, госпоѓице што ви го прекинувам муабетот, добро вечер, млад господине – ја поткрена учтиво шапката. – Само да ве поздравам, утре се враќам дома. Прекрасна е вашава девојка – се сврте кон Летачот – блазе ви што сте со неа. Да знаете колку ми помогна! Благодарен сум ви засекогаш – ѝ ја стегна срдечно раката на Нара. И на Летачот. Замина.
– Тоа е оној моронот што ти го споменав. Му починал Џими, најдобриот пријател, пред заедно да допатуваат овде на одмор. Солзи лееше како мало дете.
– Ужасна несреќа го снашла. На кој начин успеа да му помогнеш?
– Како и на сите други. Го слушав. Сум ти кажала, на луѓето им е потребно само некој да ги ислуша. А тој негов Џими, ми откри дури пред да се разделиме, папагал бил. Одвај се воздржав да не му сврескам, знаеш ли, човеку, за што се плаче, мене ли ми кажуваш за напуштања? Душава ми ја разболе со твојот Џими, и онака ми е кревка деновиве, ај сиктер да не те гледам. Ми дојде дури и бакшишот што ми го остави да му го фрлам в лице.
– Кога ни умре и последното зајаче во манастирот, а многубројни беа и некоја болештина ги беше зафатила, немаше кој од браќата што не се расплака – се нажали. – Бесчувствителноста е грев пред Господа.
– Добро, добро, најдов јас пак кому да кажувам. Ич не ме чуди за вас, поинаква сорта сте вие духовниците. На вашиот Бог му се поплакувате, така? А тој за сѐ има разбирање. Е, јас немам разбирање и сочувственост за сенешто и за секого, жалам, не сум бог, иста сум како сите други.
– Што дека духовници, и ним им е потребно човечко суштество да ги сослуша – се сневесели, смуртено помислувајќи, Небесна ми велеше само на Бога му се исповедам, Летачу. А јас, пак, ништо не му премолчував. – Кажи ми, Нара, бидува ли двајца што се сакаат да имаат тајни еден пред друг? Каква љубов е тоа?
– Таква – одмавна мрзоволно со рака.
– Да сме ти и јас во љубовно заедништво, зошто не би можел сосема да ти ја отворам душата?
– Зашто не си ми клиент – здодевност ѝ се провлече низ гласот, не ја прикри. Ја нагласи со рамнодушна воздишка.
– И тие се луѓе како нас.
– Аман, човеку разбери – стануваше нестрплива – да, луѓе се, ама меѓу мене и нив нема емоции што би не поврзувале, не сме блиски. Што би рекол ти, воопшто не сме се ни сретнале. Тоа го олеснува доверувањето тајни. Вистинската средба се усложнува.
– Би требало да е обратно – се повлече. – Ти додевам, прости.
-Ми додеваш, простено – го потчукна помирливо по грбот.
Потоа си купија варени пченки, млечно бели, врели. Чекореа еден крај друг зафатени со џвакање на меките зрна и преџвакување на тврдите мисли. Веќе излезени од градот, се спуштија на плажата кон притаеното мастило на големата вода.
– Многу се повлекол ноќва – таа го заврза во јазол фустанот над едното колено, па си ги собу сандалите.
– Каде заминува океанот кога е осека?
– Нагоре, привлечен од месечината – загази босонога врз пе- сокот податлив за нејзините стапала, измазнет од водата на пов- лекување. Тргна кон длабокото црно.
Летачот ни да се помести, вџашен од сопственото неприсуст- во во тој огромен, испразнет простор… Како да ме снема… а оваа чудна девојка, што бара натаму?
-Чудовиште подмолно! – одеднаш, со ништо ненајавен, нејзиниот викот одметнат од молкот, продорен крик на ноќна птица.
– Непостојан никаквецу, те има, па те нема! – нејзината рака, затегната струна, го зафучи во мракот изглоданиот кочан од пченката. – Пак ќе доаѓаш и пак ќе си одиш, ненаситен еден!
-Смири се Нара, зошто толку се разгневи? – одземен, запре во получекор.-Никогаш не му е доволно од заминувања и враќања – се сврте кон него, поразена – му се може.
– Па, океан е – рече тој, несигурен во значењето на зборовите, во себе самиот, во неа несигурен… Нетокму е, или мене умот ми бега… во сѐ несигурен. Поместен.
– Ирмак, и тој така доаѓаше и заминуваше, со него убиствена плима, зад него смртоносна осека. Погледни ја оваа пустош на плажава, што сѐ не исфрлил – малодушно се обѕрна околу себе – кутрите животинки, океанот ги усмртува тие што му се најприврзани. Како мене Ирмак секојпат кога ќе си отидеше. Ќе му ја вра- там рибава – зграби една што се прпелкаше облепена со песок
– можеби ќе преживее – забрза кон темниот амбис.
Се стрча по неа, еден помрачен миг е доволен човек да си го одземе животот, зар многу треба? Зазбивтан ја стаса, веќе загазена во водата.
– А ти, исто како оној пат на насипот, пак се преплаши да не скокнам во океанот, а? – му се потсмеа. – Да можело тоа тукутака, половина свет ќе се исподавеше досега!
– Понекогаш е потешко да се живее отколку… –
ја грабна за рака да ја извлече што подалеку на суво.
На мртовечки студениот песок обајцата седнаа, обессилени.
Како да не е истата од пред малку, таа одненадеж се протегна како мачка, па се испружи погрбечки со рацете под главата.
Од црното небо пороен дожд од ѕвезди.
Нејзиниот глас се лизна низ песокот кон водата.
– Станав жена таа ноќ – го погоди откинато парченце од гласот. – Истиве овие соѕвездија над нас, тие никогаш не се менуваат, само многу пониско спуштени, така е во пустината. Лежевме еден крај друг. Ѕвезди капеа, крупни, како сега, се истури небото. Песокот мраз. Тебе ти студи, рече Ирмак, испружи се врз моево тело, топло е. Од друго треперев, не ми студеше, какво студење!