Меѓата на светот (извадок)

Извадок од книгата „Меѓата на светот“ на Митко Маџунков.

Бесмртност

Трошноста најпосле беше победена. Се враќавме на Земјата од Ѕвездата на смртта. Се исполни токму оној сон кој во еден одамнешен живот самиот го навестив: дека по истекот на сите песоци од земните часовници, отелотворениот дух самиот ќе се сети на некогашната прататковина, па гонет од копнежот или просто љубопитство, ќе почне да го пресоздава одамна исчезнатиот свет во кој е роден. Банална операција, која некогаш личеше на налудничаво пелтечење. Духот заробен во каменот го памети ударот на чеканот, и, поминувајќи го патот на своето раѓање во спротивна насока, лесно може да дојде до создателот. Допирајќи го својот извор, духот без потешкотии може од развеаните трошки да ја создаде суштествената слика на минатото од која, по аналогија и со помош на пробуденото сеќавање, пак може да биде изграден и населен истиот оној одамна стивнат свет, како некој вид жива играчка на природата или музеј во кој сме истовремено и набљудувачи и набљудувани.

Се враќаме, значи – ние кои бевме отелотворение на сопствените идеи, желби и стремежи – во своите тела, и со нив во своите стари живеалишта – како ѕвезден дожд паѓавме во некогашниот живот.

Додека се нуркав низ синевината на атмосферата, не си спомнував за животот поминат на Ѕвездата на смртта освен како за престој под песочните океани, и можеби затоа кај мене толку беше изразена страста кон светлината, сонцето, старите места. Ме обзеде неизмерна возбуда додека се качував на Ридот. Под неговите висови светкаше она темно езеро за кое само јас знаев дека е расадник на животот и кое сѐ уште го чуваше во себе ликот на вселената. Па сепак, наоколу по грмушките, клечеа луѓе и жени и вршеа нужда.

Ми беше несфатливо, но еден човек (кој не си спомнуваше за поранешниот живот) сакаше да се врати на Ѕвездата на смртта. Животот беше тргнал по своето некогашно (или можеби ново?) течење уште пред да забележиме дека сме тука.

– Колку време помина откако се вративме? се прашавме првиот ден.

– Вечност, вечност!

– А колку време престојувавме на Ѕвездата на смртта?

– Вечност, вечност?
„Јас се вратив одонде за три месеци“, рече еден млад човек.

„Како?“

„Преку врски“, одговори момчето со глас кој ни беше однекаде познат, и кој изгледа го обезвреднуваше нашиот пат до самите себе.

– Изгледа? Тебе отсекогаш нешто ти изгледаше! Ти си воопшто полн мудри идеи!

Бргу се навикнав на стариот ред, па сепак не можев да се изначудам како да не се сите замаени од волшепството на боите и светлината и растењето и минливоста, па ни зачудени пред простиот факт дека времето на стравот и смртта засекогаш останаа зад нас.

Благодарност

Научив од вас сѐ.

Око ако имаш што гледа горе: ќе ти го ископам. Уво ако имаш со обетка златна: ќе ти го сечам. Прст ако имаш со затворен прстен: и него ќе го скастрам. И кутрето ќе ти летне ако не ведне глава.

Дуќан си имал: ќе го ограбам. Килим си имал: дома ќе си го однесам. Ќерка чесна си имал: ќе ја обесчестам. Прав си бил: крив ќе те направам. Умен си бил: луд ќе те сторам. Чест бараш – срам ќе најдеш.

Зашто, нема место на светов за нас обајцата.

Научив од вас сѐ.

За срамот што еднаш сум го јал – стопати ќе те засрамам. Вошки ме цицале – јас тебе ќе те смукнам. Посран си ме видел – на глава ќе ти се посерам. За школо не ме бивало – даскал ќе ти бидам. Фурна си имал – фабрика ќе имам. Магаре си имал – ергели ќе имам. Секоја вечер над софра ќе ти седам и акал ќе ти солам: да сфатиш дека нема место за нас обајцата.

Научив од вас сѐ.

Како умот в рало се впрега. Од сето знаење, доста било да молчиш, со глава важно да кимаш. Нема победа без здрав стомак: кој паѓа од шише ракија, кому од кафе срцето му бие, кого од луто газ го пече – за таков нема место на светов. На секој генерал илјада учени глави – тие нека му го најдат џуапот на сѐ,  а јас ќе го наместам чаркот под нивната бука. Како кучиња ќе се радуваат што ги клоцам в муцка – нивна нека биде славата, мој ќе биде ќарот: за двајца нема место на светов.

Научив од вас сѐ.

Од страв страв да нема. Што и да се случи, исто ќе ми биде – смртта е горе и смртта е долу: гол газ од казна не се плаши. Мудроста се учи до третиот месец: од кражба кој бега, ни за лага не е; да лаже кој не знае, за арамилак не е. Нема да нема: има да има – нема тоа да не може. Правдата да се истенчи и да се скине; мудроста ќе олцне, бацијата ќе боцне. Грдоста убост да се стори, умот подлост, чувството злост. Таму каде што го нема Господ, сѐ е дозволено, вели мудрецот, а каде што е дозволено сѐ – сѐ е можно. На светов нема место за две вистини.

Од вас научив сѐ: нека ви е вечна слава и фала!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *