Расказ од збирката „Раскази кои немаат намера тоа да бидат“ на Андреа Јанковски.
ЈАС СУМ ЖЕНА
Фокализација 1
Откривам дека во својата најдлабока суштина, јас сум извор. Но, сè уште не сум се сторила извор. Јас, сè уште не извирам, и немам свое течение. Наместо вода да потече од мене, јас сум замрзнат извор. Моето постоење е попусто! Јас сум извор исполнет со мраз. За мразот да се стори вода, треба низ мене да помине страст. Таа страст и таа вода за мене се исто – копнеж што чекам да ме исполни.
ТАА:
Влегувам во собата и го наоѓам како лежи. Лежи, а погледот му е вперен низ прозорецот, и ниту да ме погледне – тој е речиси вкочанет. Често го наоѓам така. Му седнувам во скутот, гледам во неговите очи и тој гледа во моите, и знае, оти дошло време по течението тек да тече. Му ги предавам усните – студени како извор, тој ги подзема, студ чувствуваме и со мраз го потстудуваме. Тој не може да го истрпи студенилото, па ги одделува своите усни – од моите. Тргнува по телесната географија на моето тело – вода да бара!
Почнува да ме гризе, а гризе како мраз да гризе, кој од студ таков се сторил – а вода бил. И почнува со својата страст повторно вода да го стори. Јас почнувам да се виткам и напукнувам, како мраз што напукнува. А, чувствувам дека него тоа го возбудува, го возбудува – мојата возбуденост. И сè повеќе ја чувствувам водата во мене и се загревам од него, јас мраз изворски, што сакам вода да видам, да потече, да ме успокои.
И си го слушам гласот како пискотливо излегува од мене – и тој студен! Веќе е сосема мој, тој го знае сето она што ми треба. Сè посигурно водата ја создава во мене, а јас сè погласно врескам – од убаво! Сега ми е посветен само мене, друго нешто во овој момент за него не постои и затоа ми е убаво. Ме соблекува и влегува во мене, јас врескам од дното на студенилото и страста навлегува и ме исполнува целата, тече како вода по својот тек што тече. Тој тече, место прави за мојата вода, за својата сила. И чувствувам како страста навлегува до дното, до крајот, зашто и течението има некаде свој крај, како и тој во мене. Јас веќе не врескам, рамномерно пискам, без престан – да знае, оти ми е убаво! Тој со смисла ме полни и сила подзема, сила за со најголемата страст – сета вода да ме стори. Јас излудувам, вода ќе видам и чувствувам како ме водени во коритото и веќе двајцата – тек и течение се сторивме!
ПОТОА:
Секогаш кога почнуваат да потекуваат миговите по крајот, сум во некоја чудна состојба, некаква – натсостојба. И исти такви чудни, надмисли ми се точкаат, помисли што не се мои, што никогаш не сум ги помислила. Но, ете ги сега, без свесно да ги повикам, се точкаат во мојата глава, исто како овие микроскопски точки пот, што чувствувам дека се создале по моево тело. Вода!
Големата вода, онаа непресушлива вода што само извира и преизвира, сета вода што постои. Таа вода чува една од моите тајни, која можеби потсвесно сум избегнувала да ја одгатнувам. И еве ја сега, самата се разгатнува, за да ја намали или можеби да ја зголеми смислата на моето постоење – да ме потсети за семинливото. На големото сè, во кое е сето – што е! И како да можам да го наслушам, како ми говори изворот во мене кој веќе е вода, па ми вели: Јас извирам, ти се раѓаш и двете сме немале свест и свет за себе и ете нè наеднаш нè има во светот и за себе. И веќе не останува ниту момент за нас, јас течам, ти живееш, без запирање. И за двете е започнато нашето постоење, постоење на нашето движење, движење низ нашето пресушување!
И двете фрламе само кус поглед на секоја страна, на секое место, јас низ своето течение, ти низ својот живот. И нема ништо во она понатаму ниту во она засекогаш – сè останува во ова – сега!
Секогаш и двете сме заглавени во тоа сега, кое не е ниту иднина, ниту минато, кое е премногу кусо и премногу долго – кое е ништо и сè! И двете бараме смисла за нашиот тек и живот и не ја наоѓаме – зашто нема смисла за нашето постоење, постоењето не бара смисла – тоа веќе е смисла – што е!
ЈАС СУМ МАЖ
Фокализација 2
Некаде околу средината на моето тело е моето срце. Но, во самиот центар на моето тело стои жар. Јас по својата суштина сум жар и мојот копнеж е да бидам оган, сакам да горам, ако јас со овој жар во средето не горам, моето постоење губи смисла.
За да бидам оган, треба да ме распламти страста, оној воздух, она негово постојано движење, е таа страст, која е нужна за јас да горам!
ТОЈ:
Влегува и ме прекинува во размислувањето. Ми седнува во скут. Полека ми го фаќа погледот и со него присилно ме наведува на неа. Прифаќам. Ми го прекинува мојот имагинарен свет и ме вовлекува во нов, вистински. За разлика од моите замислени светови на овој свет на страста лесно се препуштам. Чувствувам зошто е дојдена, да си поигрува, бара игра – од жар – да правиме оган. Ги земам нејзините усни, кои имаат вкус што буди страст, во очите пламенчето, го гледам таму е, а го чувствувам на твоите усни.
Твојот здив за мене е страст што ме разгорува, тој е желбата за љубов. И веќе пламенот почнува да расте, моите усни се насекаде по твоето тело и чувствувам дека те боли љубовта, дека е пресилна како што е пресилен огнот. Речиси целото твое тело е обележано со мојата страст.
Секој оган се распалува од жарче. Го дишам целото твое тело, а твоето битие е престорено во дразба.
Целата се концентрираш на моите надразнувања и се виткаш како во оган да гориш. Пресилна е твојата воздишка, ти живееш за ова сега. Те гризам онолку колку што ти треба, онаму каде што сакаш, ти веќе почнуваш да викаш, благо, нискофреквентно, губиш контрола, те излудува играта или јас? Почнувам да те соблекувам, ти сè повеќе гориш од страст, се впиваш во моето тело, искри искриш, зашто оган сакаш да видиш. Те чувствувам дека ме посакуваш, доаѓаш и ме наседнуваш и почнуваш да гориш. Веќе сум длабоко во тебе, се потсилуваме за најголемиот оган и ете го најсветлиот оган, којшто трае само миг. Веќе ја чувствувам оросеноста на нашите тела, пенетрираме уште на еден начин, преку нашите пори, преку нашата пот, која е страста што испарува од нашите изгорени тела. Но, секогаш овој оган остава неколку капки, некаква влажност за и самиот да се самоизгаси.
ПОТОА:
Ја галам со моето спокојство, чувствувајќи ја нејзината задишаност, што ете, полека добива спокоен ритам. Палам цигара. Во блесокот го погледнувам нејзиното лице, кое е речиси вкочането, во некаков полугрч, сигурно како израз на нејзините мисли. Навистина жестоко е убава. Го гледам врвот на цигарата во слабо осветлената соба, гледам во жарта со вулканска боја. Го гледам чадот и тој гори во своите чудни и волшебни линии, тој е согорен воздух, како нашата – веќе согорена страст, а секоја страст е малечок оган, кој постојано нè гори, некогаш повеќе некогаш помалку, не зависи од самото оганче, зависи од воздухот на страста. Оти онаму кај што го нема тој воздух на страста, нема ни оган. А тој е насекаде и сè гори.
И веќе станувам жарот од цигарата и не само што можам да бидам жарот, туку можам да мислам како него, па мислам: заедно гориме, секој на својот начин, низ нашиот сопствен почеток и крај. Штом живееш, мора да гориш, зашто животот е страст. Секое вдишување е една најмала страст. Со првото вдишување си пламнал, со последното ќе изгаснеш.
Ја допушувам цигарата и чувствувам студ.