Мртвите знаат најдобро (извадок)

Извадок од романот „Мртвите знаат најдобро“ на Владо Јаневски.

ПИСАТЕЛИТЕ ГИ ИЗМИСЛУВААТ НАЈГОЛЕМИТЕ ЛАГИ

Фуриозо беше исцрпен од поминатиот ден кога се паркира кај ладилникот. Паркингот беше заграден со висок ѕид и металната влезна врата од улицата беше затворена. Наоколу немаше паркирано други автомобили, сите вработени од ладилникот си беа заминати дома.

Фуриозо го отвори багажникот за да го извади безживотното тело на Нозоми, автостоперката која ја собра на пат за Каруачи. Нејзиното тело требаше да биде стуткано под црн најлон врз кој имаше букет црвени рози.

„Писателите ги измислуваат најголемите лаги“, му рече таа додека се запознаваа.

„Ако е така, тогаш јас сум писател“, ѝ рече тој.

На Фуриозо му се вртеа низ глава делови од дијалогот со Нозоми додека го држеше нејзиниот букет в раце. Не знаеше што да прави со него. Му се чинеше ќе му биде полесно да се справи со телото на Нозоми одошто со букетот. Понекогаш го фаќаше паника од цвеќиња. Уште од мал се плашеше од нив. „Сигурно има латинско име и за тој вид на страв“, си рече. На крајот отиде на рецепција и таму најде празна вазна во која ги стави розите. Му олесни, како тежок товар да му падна од грбот. Тоа што ќе следуваше понатаму требаше да биде далеку полесно за него – требаше да се погрижи Нозоми да си го најде своето привремено место во еден сандак во ладилникот.

Фуриозо ја задави Нозоми со свои раце откако ја силуваше. Сега имаше намера да го суреди нејзиното тело во ладилникот и да си замине дома. Беше сигурен дека потоа ќе падне преморен в кревет и ќе заспие како заклан. Му требаше длабок сон, утре го очекуваше напорен ден. Додека се враќаше назад кон автомобилот за да го подигне нејзиното тело, целата епизода со Нозоми повторно му се вртеше во главата.

Букетот црвени рози беше првото нешто што му падна в очи додека возеше кон Каруачи. Девојката застаната покрај патот го крена букетот високо кога го забележа автомобилот како се приближува. Отпрвин Фуриозо си помисли дека се работи за некоја девојка што се обидува да продаде цвеќе покрај патот. Но кога забави забележа дека, освен букетот црвени рози, околу девојката немаше други цвеќиња. Кога поминуваше покрај неа таа се насмевна и мавташе со рацете јасно давајќи му на знаење дека ѝ треба превоз.

„Застани“, му рече Мерилин Монро седната до него. „Јас ќе се преместам на задното седиште, ќе му правам друштво на господинот Ајнштајн.“

Ајнштајн беше задлабочен во својата теорија на свеста. Само се помести на крајот на задното седиште колку да ѝ направи место на Мерилин.

„Си мислев дека спиеш“, му рече таа.

„Работам“, ѝ рече тој. „Мислам дека свеста е составена од ситни честички слични на фотони кои се движат како мали пакувања на енергија, но и како бранови.“

„Свестони?“ праша Мерилин.

„Молам?“

„Претпоставувам дека честичките на свеста се викаат свестони.“

„Зборуваш глупости, подобро ќе ти биде да си молчиш“, Ајнштајн ги преврти очите и реши веќе да не си го губи времето со неа.

Мерилин не му се налути на научникот, науката отсекогаш ѝ беше здодевна. „Јас се сместив, можеш да ѝ застанеш на девојката“, му рече на Фуриозо.

Тој ја послуша и запре.

„До каде?“ ја праша девојката низ отворениот прозорец.

„До градот“ му рече таа.

„Влегувајте, ако имате некаков багаж ставете го во задниот дел“, ѝ рече.

„Немам ништо, само букетов.“

„Убав букет.“

„Благодарам.“

„Не сум знаел дека тука имало цвеќара. Ми се чинеше дека овој дел од патот е мошне пуст.“

„Точно, нема цвеќара“, му рече таа.

„Што ќе прави една убава девојка како вас во градот?“

„Ќе отворам цвеќара, со многу цвеќиња со кои ќе го разубавам светот на секој што ќе влезе во неа“, девојката очигледно им беше посветена на цвеќињата бидејќи потоа не престана да зборува за нив со неверојатна жар и восхитеност.

Фуриозо отпрвин со внимание ја слушаше, но по извесно време неговиот мозок се давеше во море од безброј цвеќиња. Девојката како да го знаеше латинското име на секој вид цвеќе на светот. Додека ја слушаше, безброј имиња му влегоа од едното и му излегоа од другото уво. Одеднаш таа запре и го погледна како на главата да му застанал голем инсект.

„Сте се загледале во мене како на главата да имам нешто. Пајак?“

„Се плашам од пајаци“, се стресе таа.

„Исто и јас. Се плашам и од тоа колку многу знаете за цвеќињата.“

Таа се насмевна, имаше ред убави бели заби. „Јас сум Нозоми.“

„Цвеќарка?“

„Да и не, сè уште немам цвеќара.“

„Гледам дека веќе ја имате, во вашата глава.“

„Колку би било убаво ако еден ден нема да биде само во мојата глава.“

„Сигурен сум дека ќе успеете, со такво енциклопедиско знаење за цвеќињата ќе заработите многу пари.“

„Не сакам да се збогатам, сакам да подарувам цвеќиња.“

„Да подарувате?“

„Ви се допаѓаат црвениве рози?“

„Убави се, не би имал ништо против ако ми подарите една роза.“ Фуриозо дотогаш успешно ја прикриваше својата фобија од цвеќиња.

„Ви го подарувам целиот букет.“

„Целиот, зошто?“

„Ви реков, сакам да подарувам, а сега имам и причина повеќе, затоа што вие сте добар човек.“

Овој пат Фуриозо се насмевна кога се замисли како добар човек.

„Сакам кога луѓето се смеат, вие имате убава насмевка“, му рече таа. „Впрочем, секој што се смее изгледа поубаво. Насмевката го разубавува лицето на човека.“

„Јас сум Фуриозо.“

Тоа утро Фуриозо не се брзаше, имаше слободен ден по неколкуте напорни денови помагајќи во бизнисот на татко му Шикамото.

„Денес си слободен, прави што ќе правиш, но утре сакам да те видам во мојата канцеларија во ладилникот“, му рече Шикамото на телефон.

Фуриозо беше десна рака на Шикамото. Му се допаѓаше работата, добро се заработуваше. Пред да ја забележи девојката покрај патот си размислуваше за сето она што го сработил по налог на татко си. Шикамото беше задоволен од него, имаше обичај да му каже на својот син дека е природно надарен.

„Уште еден си легнал на мразот. Браво. Тоа не се учи на училиште“, му велеше Шикамото кога Фуриозо ќе му се јавеше дека успешно ја завршил задачата и е на пат кон ладилникот.

„Колку убав свет“, рече Нозоми седната на седиштето покрај него.

„Навистина е убав“, рече Фуриозо.

„Јас ви изнакажав толку многу работи за мене и за моите цвеќиња, а вие мудро си молчите“, таа се заврте кон него во исчекување да ѝ каже нешто повеќе.

„Молчам? Интересно, нели? До пред малку ниту знаев дека постоите, а сега, по толку кратко време, ми се чини дека покрај мене веќе не седи некоја непозната девојка. Ќе ми биде драго ако наскоро успеете да ја отворите вашата прва цвеќарница.“

„А вие?“

„Јас?“

„Не ми кажавте со што се занимавате.“

Фуриозо гледаше во патот пред себе, почна да истура силен дожд. Видливоста се намали. Ги вклучи бришачите, се слушаше како завлекуваат по стаклото додека автомобилот јуреше напред.

„Со што се занимавам? Баш за тоа си размислував пред да ве видам како стоите покрај патот. Тешко е да се каже прецизно…“

„Да погодувам?“

„Мислите дека е толку лесно?“

„Не, но мислам дека ги познавам луѓето, особено таквите како вас.“

Фуриозо ја погледна како да сакаше да се увери дали Нозоми е од оние што можат да ти ги прочитаат мислите.

„Вие сте слободен човек, некој што размислува со своја глава. Погодувам?“

„Слободен, да – барем досега не сум завршил в затвор и – да, човек сум, и имам глава во која се врти по некоја мисла.“

„Тогаш е јасно како ден.“

„Како ваков, дождлив?“

„Не, како убав сончев ден, јасно е дека сте некој што се занимава со творештво, сликар или поверојатно писател. Погодувам?“

„Ќе морам да запрам, барем додека не помине невремево“, рече Фуриозо и даде сигнал за скршнување. Покрај патот имаше мотел и комплекс од неколку продавници и бензинска пумпа. „Ако немате ништо против можеме да се напиеме по едно кафе.“

„Не ми одговоривте дали погодив со што се занимавате“, го потсети Нозоми додека го пиеја кафето.

„Како би знаеле дека не ви кажувам лаги?“

„Значи сепак сте писател. Писателите ги измислуваат најголемите лаги.“

„Ако е така тогаш јас сум писател. Се предавам.“ Фуриозо ги крена рацете.

„Знаев“, рече таа.

„Тогаш треба да знаете и дека ми го разубавивте попладнево. Ве водам на ручек, јас честам.“

На Нозоми отпрвин ѝ беше непријатно да искористи и ручек од човекот кој беше толку љубезен кон неа и веќе се чувствуваше должна што не ја остави на дождот покрај патот, туку запре и наскоро ќе ја однесе во градот. Но, Фуриозо беше упорен и на крајот таа се согласи.

Фуриозо го повика келнерот и го замоли да им го донесе менито. Ручекот помина во пријатна атмосфера, овој пат и двајцата се расприкажаа, Нозоми притоа неколкупати ја допре раката на Фуриозо. Се возбуди кога таа му ја позеде дланката и му рече дека таму гледа дека во неговиот живот ќе се случат некои позитивни промени и една убава жена ќе му стане животен сопатник. Тој ја помилува по косата.

„Имате убава коса“, ѝ рече.

„Повеќе ја сакав кога ми беше долга.“

„Куса коса убаво ви стои, повеќе доаѓа до израз вашата млечно бела кожа и виткиот врат.“

Надвор невремето не престануваше. Ветрот и дождот стануваа сè посилни.

Фуриозо ѝ го помилува вратот и ја бакна. Нозоми не се противеше.

„Невремево изгледа не знае да престане“, Фуриозо погледна надвор. „Ако сакате можеме да најмиме соба, колку да почекаме да преврне.“

Таа го погледна и кимна потврдно.

Набрзо беа во една соба на крајот од ходникот. Таа уште од вратата му се нафрли и почна да го бакнува. Одеднаш запре, како да почувствува дека отишла предалеку, се повлече на другата страна на креветот и му рече дека не може да продолжи. Но Фуриозо не можеше да запре, тогаш се случи најстрашното и сè се заврши за десетина минути.

„Јас ова не можам да го гледам, дури и ако знам дека сум само плод на твојата фантазија“, рече Мерилин и ги покри очите.

Ајнштајн цело време гледаше низ прозорецот и ако на заминување Мерилин силно не го повлечеше за ракавот, веројатно уште ќе беше таму.

Фуриозо го завитка безживотното тело на Нозоми во еден чаршаф и кога немаше никој во ходникот успеа незабележано да го изнесе од мотелот. Од силниот ветер и дожд видливоста беше многу намалена. Фуриозо го искористи тоа и го смести нејзиното тело во багажникот.

Кога пристигна во ладилникот, откако му најде место на букетот црвени рози, Фуриозо се врати кај својот автомобил на паркингот, повторно го отвори багажникот и се пресегна да го тргне црниот најлон со кој беше покриено телото на Нозоми. Оттаму изрипа црна мачка. Го фати паника кога забележа дека го нема телото.

„Тука нешто не е во ред“, си рече додека ја гледаше мачката како заврте еден круг околу неговите нозе и веднаш потоа исчезна во мракот. Фуриозо неколкупати го пребара багажникот, го крена и задното седиште, погледна и под автомобилот, но од Нозоми немаше ни трага. Сè што најде беше една црна тетратка. Ја забележа кај Нозоми додека таа седеше покрај него во автомобилот. Тогаш се сети дека ја праша за тетратката. Нозоми му рече дека кога ќе стигне во Каруачи има намера да почне да пишува дневник.

„Неверојатно, зарем твојата несреќна пријателка се претворила во црна мачка? Знак за црна магија“, рече Мерилин.

„По ѓаволите, те молам замолкни. Најмалку сакам да си имам работа со црна магија и слични измислици“, негодуваше Фуриозо додека се вртеше наоколу.

Фуриозо убаво се сеќаваше што се случи во собата во мотелот. Сигурен беше дека целата епизода со автостоперката не му се причинуваше бидејќи, освен што беше уморен, немаше испиено ни капка алкохол. Остана подзинат кога го отвори нејзиниот дневник. Таму пишуваше:

„Штотуку стигнав во Каруачи. Не сум веќе она што бев, но верувам дека сонот сепак ќе ми се оствари и ќе отворам своја цвеќара.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *