Некој бил тука (извадок)

Извадок од романот „Некој бил тука“ на Николина Андова-Шопова.

Мајка ми беше убедена дека татко ми го убија цигарите, иако докторите рекоа дека ракот на белите дробови е болест што може да биде предизвикана и од други фактори. „Ако те видам некогаш со цигара… тешко тебе!“, ме предупредуваше, а мене ми звучеше и тажно и смешно тоа што, за разлика од татко ми, не можеше да ме заплаши со конкретна казна, бидејќи беше премногу кротка и мека за да смисли такво нешто, а камоли да ја изговори или спроведе. „Тешко тебе“ беше најстрашната закана што кога било ми ја упатила, дури и кога ќе направев нешто за кое вистински заслужував да бидам укорен. Не бев навикнат на слободата што ја имав откако татко ми замина, и сето она што копнеев да го правам а што ми беше забрането, не ми ја носеше очекуваната радост и задоволство и брзо ми здосадуваше. Си ставав на образите и вратот од мирисот од стаклената зелена шишарка, без потоа да го мијам и тријам лицето со сапун и вода од страв дека ќе ме надушка и ќе ми ги зацрвени од болка. Ги отворав картонските кафеави папки што ги носеше на работа, а кои не смеев да ги допирам, седев до доцна во ноќта и гледав телевизија на неговата фотелја со далечинското во левата рака како што правеше и тој, и пцуев како него ако некое од копчињата пропаднеше во дупчето или не работеше.

„Маму ти твоју… кај се напика… А, еве го!“, ќе го извлечеше сивото копче со ноктот на малиот прст, кој мислам дека го раснеше само за тоа. Повремено го одлепував кафеавиот дебел слој селотејп што го прицврстуваше долниот дел на далечинското, и ставав нов, со гордост како да вршам којзнае каква мајсторија. Пред да заспијам, ми се враќаа сцени од филмовите што ги гледав до доцна навечер, не дека сосем ги разбирав туку дека и тој го правеше тоа. Сликите од Папијон во самица кога изгладнет ја лови бубашвабата, или селската будала Мајкл кога ја влече ногата по песокот во „Рајановата ќерка“ ми кружеа низ свеста измешани со секвенци од погребот и од мувите на ѕидот. Си легнував на долниот кат од креветчето и заспивав со запалено светло, но и тоа некако не ми годеше за долго, па само по неколку вечери се вратив на горното креветче и рано го гасев светлото. Ги соголував стебленцата од папратите со само едно лизгање на раката, и знаев дека мајка ми ќе се преправа дека не ги забелажала тенките голи гранчиња што стрчеа во зеленилото. Со фломастер ќе чкртнев нешто по цврстите листови на фикусот или ќе го напишев своето име меѓу жилите на адамот, само затоа што никој не ме спречуваше во тоа. Низ дворот шлапав со неговите гумени влечки под кои се беа напикале ситни камчиња и прскав со цревото високо по дрвјата. По навика ги читав лектирите и учев во кујната или во дневната како што правев и порано за да бидам виден, иако немаше кој да ме забележи. Мајка ми по цел ден беше на работа, се враќаше уморна и се интересираше само за тоа дали и што сум јадел. Редовно проверуваше дали сум го изел сендвичот што секое утро ми го подготвуваше за на училиште и ми го виткаше во сино-бели пластични кеси на кои пишуваше „mleko“, а кои ги чуваше свиткани во ластичиња за во нив да пакува месо во фрижидерот за длабоко замрзнување. Готвеше леќа со многу лук и лути тенки колбавчиња со праз, бидејќи тоа беше омиленото јадење на татко ми. Остануваше по цело тенџере зашто ни јас ни мајка ми не јадевме лук, но таа упорно го готвеше истиот ручек секој понеделник, како кога татко ми беше жив. Неговиот мантил висеше на закачалката зад влезната врата, и одвреме-навреме го переше на рака, го пеглаше и повторно го закачуваше зад вратата. Ја прашав зошто постојано го пере мантилот кога веќе никој не го носи, и таа, цедејќи ги ракавите над леѓенот, ми рече: „Можеби нешто го полазало… пајак, стоногалка, сешто ни влага во куќава“. Кутијата со неколку цигари што останаа неиспушени ја поместуваше само кога бришеше прашина, и потоа повторно ја ставаше до вазната на масичката. Чекав да најдам погоден момент и да ѝ го спомнам она што Емил ми го имаше кажано за тетка му, и да ја убедам од некаде да купиме човечки маски за духот на татко ми да не се всели во нас, или барем една „лоша“, бидејќи и татко ми беше лош. Кога една вечер, додека со лактите го притискаше портокаловиот тостер, ѝ го раскажав тоа, видно се вознемири и рече дека не сака да чуе да ги прави тие „ѓаволски работи“. Уште и ме искара за она што го реков за татко ми, велејќи дека тој воопшто не бил лош човек.

„Колку добрини има татко ти направено, да знаеш ти… на колку само луѓе има помогнато“, рече, со прикриена гордост. „Е, сега, си имаше и тој некој табиет… и ваков и онаков, како сите. Ене ја и Жана, сите ја мислат огин зла, труе животинки од маалово, не дека не е змија некогаш, ама па душата ја дава за луѓето. Им плете калци на децана до неа што живеат, оние сиромасине што останаа и без мајка. Им носи ручеци, пари ќе им даде, колку има толку… А вујна ти, па, ја знаеш каква е, една кротка, една добра, ама ете ѝ дошло еднаш нешто преку глава, кажала што не треба, сторила што не треба и ене ја сега, сите ја мислат лошотилук.“

Потоа додаде и дека татко ми си е на небото и дека не треба да се плашам дека некакви духови ќе се вселат во мене, и тогаш се сетив дека на погребот ми пријде една негова братучетка, ми ја стегна брадата гледајќи ме во лицето со закрвавените очи и плачливо ми рече: „Ист си ко татко ти. Плукнат!“. Тоа беше првпат некој да ми каже дека личам на татко ми и се исплашив дека можеби е предоцна и дека тој е веќе влезен во мене, и во таквите мигови најмногу ми недостасуваше Емил, кој сигурно ќе ме разбереше и ќе знаеше да ми каже што да сторам. Дури и ако не знаеше, немаше да му биде срам да праша некого и да дотрча со одговорот, како што секогаш правеше. Сега морав сам да се снаоѓам, а ми беше страв да повикувам духови на начинот на кој го правевме тоа со Емил, па отидов во шупата каде што стоеја старите ’рѓосани рачки за туш со замрсени црева, и расипаните телефони или само слушалките од нив. Решив да ги употребам и преку нив да се обидам да воспоставам контакт со татко ми за да видам дали навистина е на небото или во мене, и иако знаев дека тоа не беше начинот на коj се повикуваат духови, како да сакав пред себеси да одглумам лажна храброст дека правам нешто што само бестрашните луѓе би се осмелиле да го сторат. Кога ја извлекував кутијата од горната полица, на подот ѕвекнаа безброј шрафчиња и една згмечена и засушена туба од истрошен лепак. Знаев дека јас од невнимание ја турнав малата стаклена тегла од која се истурија, но сепак раката ми се затресе кога посегнав по црвената коцкеста слушалка потемнета од стоење и прашина.

„Васил… Васил…“, шепотев во неа, за првпат повикувајќи го татко ми по име.

„Васе, ме слушаш?“, се обидов и нагалено како што го викаше мајка ми. Ја извлеков и старата рачка од туш што личеше на телефонска слушалка и го повторив истото, но од другата страна имаше само молк.

По некое време мајка ми престана секој понеделник да готви леќа со лук и колбавчиња, мантилот зад вратата и кутијата со цигари што стоеше на масичката како да исчезнаа, и ми се чини дека дури тогаш татко ми вистински умре.

***

Сакав да земам нешто од станот, некоја ситница што нема да се забележи ако недостасува, како што луѓето обично земаат камче од плажата пред да ја напуштат. Разгледував по полиците и фиоките, но ништо од она што го наоѓав таму не ми беше доволно привлечно за да го земам со себе. Барав нешто запуштено и зафрлено, што ги впило сите прашинки и мириси од станот, доволно малечко за да го сместам во џеб и така да го изнесам од станот, и се наведнав да не случајно најдам нешто на подот под комодата. Погледнав и под фотелјите, и се сетив дека еднаш, додека лежевме со Вања на тепихот, нешто ми засветка под каучот. Ѕирнав и таму и го забележав истиот предмет, само што овојпат не светкаше туку беше обвиткан со прав и пајажини. Зедов едно списание со сјајни, мазни страници, кое стоеше на масичката во дневната, и со него се обидов да го иструкам предметот. На паркетот, каде што завршуваше тепихот, се излизга метална турпија за нокти со светлокафеава дршка, со неколку влакна и валканици на неа. Не ја зачистив туку ја стиснав во раката и ја ставив во џебот од палтото, задоволен што имам предмет што за мене беше мини уесбе што ја содржеше меморијата на сиот запретан живот во станот. Го тргнав тенкиот конец пајажина што се беше закачил на полните усни на девојката на насловната страница на списанието, со раката ги избришав сивкавите наслаги од нејзината коса и лице, и го вратив на масичката. Влегов во бањата за да си ја измијам раката и во огледалото ја видов својата бела, избричена глава, која зјапаше во мене како некоја гипсена маска со дупки кај очите, и со правливите прсти поминав низ челото, образите, брадата и устата. Се оближав уживајќи во честичките и бактериите што ми се топеа на јазикот и ме облеа задоволство од помислата дека ги вкусувам соковите што долго се таложеле во станот. Ја пикнав валканата рака под кошулата на стомакот и ја спуштив надолу.

Кога стигнав дома, ја извадив турпијата од џебот, ја ставив во едно најлонско ќесе и ја скрив во кафеавата папка во која чував работни документи. Сакав да остане со правта и влакната на неа, и затоа внимателно ја завиткав и дршките од ќесенцето ги врзав во јазол. За викендите, кога најмногу ми недостасуваше станот, скришно од Ирина ја одвиткував турпијата од најлончето и цврсто ја држев во раката сѐ додека нејзините отпечатоци не оставеа траги на мојата дланка. Изгледав како да кријам остар нож во тупаницата на раката, и како да чекам погоден момент да го заријам некому, или себеси. Знаев дека Ирина никогаш не ја отвора папката и затоа во неа го криев и отровот што таа скришно го имаше набавено пред неколку години. По долгите расправии и терапии, ѝ имав кажано дека сум го уништил и повеќе никогаш не го спомнувавме. Имав прочитано дека делува брзо, и неколкупати бев во искушение самиот да посегнам по него, но наместо тоа се горев, се бодев, се штипев со малите клешти што стоеја во една од фиоките во кујната и така привремено се успокојував. Немаше ништо поболно од тоа кога духот и телото не ми беа нивелирани, и затоа не можев да издржам а да не си предизвикам и некаква физичка болка, eднаква или барем приближно неподнослива како и духовната, за на некој начин да ја доведам својата внатрешност во хармонија со своето тело.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *