Новиот услов на принцезата


Расказот е дел од збирката Мојот непријател Итар Пејо на Калина Малеска.

Во една недалечна земја си живеела, а и сè уште си живее, една принцеза што веќе неколку месеци се расправа со татка си, кралот, во врска со начинот на кој треба да се одбере соодветен младоженец за неа. Всушност, принцезата претходно со години се преправаше дека се лути за начинот, но вистината беше дека не ѝ се мажеше. Традиционално, со векови, раката на секоја од претходните принцези ја добивал најхрабриот и најсилниот витез што ќе успеел да го победи страшниот змеј. Поточно, не ја добивал, но планот бил да ја добие по борбата. Постојат записи уште од дамнешни времиња дека сите витези што ќе се пријавеле за битка, се стаписувале од ужас веднаш штом ќе го виделе змејот. Толку бил огромен, со толку остри канџи и клун и толку оган блуел од устата што на сите уште веднаш им станувало јасно дека нема никакви изгледи да го победат.
И, сосема логично, ниту еден единствен витез никогаш не го победил змејот. Стотици загинале во битки со него. По десетгодишни неуспешни обиди да ја добијат раката на принцезата што требало да се омажи на дваесетгодишна возраст, на крајот, откако таа ќе навршела триесет години, ѝ било дозволено да се омажи со витез по нејзин избор. И така, со векови, секогаш кога некоја од принцезите ќе наполнела дваесет години, доаѓале витези секоја пролет; и секоја пролет, во текот на наредните десет години се бореле со змејот, гинејќи во кратка и лесна битка – поточно, лесна за змејот.
Поради стравот од долговечниот змеј – змејот, всушност не бил долговечен, тој имал потомци што го заземале неговото место, но ни кралското семејство ни витезите не го знаеле тоа, па мислеле дека со векови живее истиот непобедлив змеј – витезите последните неколку десетлетија доаѓале само кога требало да се омажи најстарата принцеза, зашто тоа значело дека избраникот ќе стане крал. За помладите принцези целосно престанале да доаѓаат, бидејќи немале намера да си го ризикуваат животот – а потоа да не станат кралеви, па принцезите, според традицијата, чекале додека да наполнат триесет години, по што можеле да се омажат по свој избор.
На принцезата што во моментов се расправа со татка си не ѝ е премногу до мажење, има дваесет години и смета дека е премлада за тоа. Затоа реши да се приближи до живеалиштето на змејот за да види какви се изгледите некој витез да го победи. Кога ги виде острите сиво-кафеави крлушки на огромниот страшен ѕвер со крвави очи што очигледно би можел и слон да растргне за една секунда, малку ѝ олесни. Повеќе не мораше да се расправа со кралот, бидејќи знаеше дека и онака никој нема да успее да го порази змејот. Кралот се израдува на нејзината послушност, но не и на фактот дека во секоја генерација се појавуваа сè помалку витези. Оваа година се појавија само деветнаесет – можеби тоа не звучи како мала бројка, но ако се спореди со оние стотина витези што порано се појавуваа, подобро ќе се разбере разочараноста на кралот. Овие деветнаесет храбри момци си ги измерија силите со змејот со многу неповолен исход за кралот.
До следната година принцезата беше ослободена од стравот дека ќе мора да се мажи. Таа се затвораше во својата соба и пишуваше стихови – ете нова мака за кралот. Тој не можеше да се доизначуди зошто една принцеза би се занимавала со пишување поезија, па со тешко срце ја исчекуваше следната пролет кога требаше одново да дојдат витези. И овој пат повторно беа деветнаесет на број; нови деветнаесет. И тие завршија неславно како и претходните.
Во текот на следната година принцезата продолжуваше да пишува. Кралот се разболе од грижи и, така, во очај, како што тоа обично и бива, низ главата му помина една крајно неизводлива идеја што помисли дека може да ја оствари. Со избрани членови од својата верна војска, тој тргна кон живеалиштето на страшниот змеј. Им даде упатства на војниците да го ранат змејот со цел да биде незакрепнат и слаб за битката со новите витези што следуваше за неколку дена. Тие ги вперија стрелите кон змејот, ги оптегнаа лаковите и истрелаа. Стрелите едноставно се удрија од непробојните крлушки на змејот и паднаа наземи, а змејот се почешка на местата каде што го погодија и си продолжи да спие. Испушти малку оган во сон, по што уште долго време се креваше чад од шумата.
По неколку дена пристигнаа витезите, а змејот беше исто толку силен како и секогаш. И четвртата и петтата и шестата и седмата година, кутрите витези, чиј број секоја година се намалуваше, завршуваа фатално во костец со змејот. И сите овие години принцезата си пишуваше, а кралот се нервираше и ниту еден план за менување на ситуацијата не му успеа.
Но, осмата година принцезата почувствува потреба да се омажи. Некако, којзнае од кои причини, можеби посака да има дете, не ѝ се чекаше да наполни триесет години за да си одбере маж. Знаеше дека нема ама баш никакви шанси некој да го победи змејот, па реши да ги измени условите за освојување на нејзината рака. Иако кралот се плашеше дека таа станала премногу современа, како другите девојки од подалечните градови на неговото кралство, кои веќе не сметаа дека некој треба да се бори за нивната љубов, па дури и дека не мора никогаш да се омажат – модерна практика што за кралот беше целосно луда – принцезата сè уште не беше стигнала до тој степен на модерност. Тогаш почна нова расправија со татка си. Кога му објасни дека сака да се омажи, тој малку се смири, но никако не сакаше да прифати менување на вековната традиција. Но кога потрезвено размисли, се согласи дека постојната традиција на борба со змејот е бесмислена и весело ја праша ќерка си каков нов услов ќе им постави на додворувачите. Принцезата не сакаше да му каже. „Ќе им го претставам условот на витезите што ќе дојдат оваа пролет и тогаш ќе го слушнете и Вие, Ваше Височество“, му одговори. Кралот се согласи, среќен што повеќе нема да мора да ги испраќа витезите во смрт; зашто, колку и да ја почитуваше традицијата, сепак му беше жал за кутрите претенденти за престолот.
Таа пролет пристигнаа единаесет витези. Кога се наредија пред кралскиот престол, во нивните очи се огледуваше стравот од претстојната битка. Тогаш се појави принцезата и ги утеши дека повеќе нема да се бара од никого да се бори со страшниот змеј. Меѓу витезите настана џагор, а издишките на олеснување беа многу подобар показател за долготрајно носениот страв, отколку претходниот молк. Тие се вртеа еден кон друг обземени од среќа, а убавата вест толку ги зближи што си пружаа раце и си честитаа што ќе останат живи. Откако по десетина секунди се прибраа доволно за да се вратат повторно во ред, како што доликува во еден кралски дворец, кралот им објави дека принцезата сега ќе им го каже новиот услов како да ја освојат нејзината рака.
Принцезата истапи три чекора напред и ги изговори следниве зборови: „Ќе се омажам за оној што ќе ја прочита мојата поезија“.
Одеднаш настапи тишина незапомнета со векови. Меѓу витезите проструи ужас. Во очите им се втисна невиден страв и тие се погледнаа едни со други со очај испишан на нивните бледи аветски лица. Се слушаа дури и отчукувањата на нивните срца. По десетина секунди, најхрабриот истапи напред и ги изговори следниве зборови: „А може ли, место тоа, да се бориме со змејот?“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.