Обични и необични приказни (извадок)

Извадок од збирката раскази „Обични и необични приказни“ од Ѓорѓи Крстевски.

Четириесет години
Четириесет години се будеше на истиот кревет, покрај истата жена.
Четириесет години ги јадеше истите јадења, ги гледаше истите вести на телевизија, го пиеше истото пиво.
Четириесет години ги среќаваше истите луѓе на истата улица по која одеше на работа, под истото сонце кое секогаш заоѓаше на запад.
Четириесет години седнуваше на истата работна маса, пред истите хартии што требаше да се препишуваат.
Четириесет години се чувствуваше исто: бесмислено.
Четириесет години заспиваше на истиот кревет, покрај истата жена.

Современа бајка
Тоа е сиромашно семејство; живее во некое село, зад седум планини и зад седум градови. Таткото работи во фабрика и се опива, мајката кришум плаче. Најстариот син заминува во војска. Средниот се самоубива. Најмалиот тргнува во потрага по својата среќа. Среќата не ја наоѓа, но се вработува во фабрика. Таму ја запознава својата идна сопруга. Следува: заеднички стан под наем, кредити, автомобил. Потоа, три сина. Потоа, тој се пропива, а таа кришум плаче. Годините поминуваат. Најстариот син заминува во војска. Средниот се самоубива. Најмалиот заминува во светот во потрага по својата среќа. Преку седум земји и седум мориња. Среќата не ја наоѓа, но се вработува во фабрика. Таму ја запознава својата идна сопруга. Потоа: стан под наем, кредити, автомобил. Па, три сина. И така, си живеат несреќно до крајот на животот.

Патека
Се ближеа изборите за градоначалник. Ги изметеа улиците, ги исчистија тревниците од наталоженото ѓубре, поткастрија неколку стари дрвја. На местото на старата изабена бетонска патека пред нашата зграда изградија нова, од посовремен материјал. Уште истиот ден станарите, откако се дотераа и облекоа нови чевли, прошетаа по неа, среќавајќи се со соседите, ракувајќи се и жалејќи си се еден на друг за тоа како деновиве живеачката станала поскапа. Навечер, дотерани девојчиња кружеа по неа со надеж дека некое од насобраните момчиња ќе ги забележи и ќе им пристапи. Во утрата, млади мајки гордо ги шетаа своите новороденчиња во колички по патеката. Дојдоа и од телевизија, и ја снимаа за некој нивен прилог. Беше тоа голем настан за нашата населба.

Роман
Се роди. Растеше во просечно семејство. Се заљуби. Се разочара. Се омажи. Роди дете. Се вработи. Се досадуваше. Остаре. Умре.

Лет
Се случи еднаш еден авион да полета од скопскиот аеродром, ама никогаш и никаде да не слета.
Властите од нашата и од уште неколку земји организираа потрага – се сомневаа во најстрашното, па ги пребаруваа своите територии во потрага по остатоците од леталото и телата на патниците. Потрагата траеше со месеци, дури се развлече и неколку години. Но авионот никогаш не беше најден.
Во меѓувреме, роднините на патниците сонуваа чудни соништа во кои овие, насмеани и среќни, им порачуваа дека не треба да се грижат за нивната судбина. Како доказ дека соништата не биле случајни, тие наутро наоѓаа пораки на своите мобилни телефони во кои патниците соопштуваа: “Добро сме. Очекуваме наскоро да слетаме. Овде, над облаците, е величествено”.

Игра
Цел ден ми се присторува дека има некој зад мене. Чекорам, и чувствувам дека сум следен. Кога и да се свртам, често ненадејно, нема никој. Само некоја сенка ќе претрча по улицата.

Над градот
Над градот прелетува авион, оставајќи тенка бела трага зад себе на чистото небо.
Долу, под него, градот се буди од пладневната дремка. Живнуваат улиците, парковите, балконите. Секој сака да украде уште малку од последниот летен ден.
Зад високите згради во северниот дел на градот, на тревникот што веќе почнува да пожолтува, неколку деца седат и веќе подолго време нешто се договараат со шепот. Потоа стануваат, и едно по едно, се затрчуваат и почнуваат да мавтаат со рацете како со крилја.
Сега над градот прелетуваат неколку авиони, не оставајќи никаква трага зад себе на чистото небо.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *