Очи со боја на чевли (извадок)

очи со боја на чевли

Извадок од романот „Очи со боја на чевли“ на Петар Андоновски.

Гледајте, моите очи имаат блесок на вашите лакирани чевли.
Ацо Караманов

Прв дел

1.

Слично како во лов на степски ветрушки или друг редок вид птици, Ема, педесетгодишна професорка по книжевност, следи мажи со убави чевли. Скриена зад купот книги во некоја од читалните, каде што обично ги минува своите попладниња, Ема седи во заседа и го чека пленот на денот. Кога ќе наиде мажот, таа тргнува по него и почнува да го следи. Па, така, често можете да ја видите како со мажите чека ред во банка, влегува во продавници за мебел каде што мажите избираат спални со нивните сопруги, оди во фирмите кај што работат.
Додека оди по мажите Ема наликува на птица, на голема црна птица која во секој миг може да ги проголта. Нејзиниот долг нос, со благо заоблена коска наликува на клун. Нејзината фризура што никогаш не ги исполнуваше критериумите на „модерна фризура“, сега додека јуреше зад мажите, обидувајќи се да го фати нивниот чекор (Ема отсекогаш имала проблеми со брзото одење), ѝ беше разлетана, па Ема оставаше впечаток на грабливка која долго време се обидува да улови плен.
Ема никогаш не им приоѓа на мажите, секогаш оди на неколку метри зад нив и ги следи сè додека не почувствува заситеност и тргне по друг маж. Изгледот на мажот воопшто не е важен. Важно е тој да има убави и добро исчистени чевли. Особен фетиш ѝ се црните чевли. Мажите кои носат црни чевли најчесто се авторитети и на таквите мажи секогаш можете да се потпрете. За разлика од нив, мажите кои носат чевли во боја најчесто се несериозни и на таквите мажи никогаш не треба да сметате. Но, мажите што носат црни чевли се премногу сериозни и со нив никогаш не треба да се шегувате. Мажите кои носат чевли во боја се ведри, секогаш насмеани и секогаш отворени за дружење. Мажите кои носат чизми се агресивни и во себе имаат борбен дух. Ваквите мажи на Ема ѝ создаваат чувство на неугодност и затоа ги избегнува.
Ема имаше напишано цела студија за чевлите и карактерот на човекот. Неколкупати дури ракописот го имаше понудено на неколку издавачи, но никој не ја сфати сериозно, па ракописот никогаш не ја виде светлината на денот.

2.

Него првпат Ема го виде на денот на погребот на нејзината мајка, додека безнадежно се обидуваше со поглед да убие една мува која се беше залепила како фекалија за белите плочки во капелата, притоа нарушувајќи ја белината што толку многу ја смируваше. Во мигот кога Ема помисли дека најпосле мувата ќе одлета, пред неа поминаа женски чевли што ја згазнаа и ја залепија за плочките. Веднаш зад женските стоеја црни, од кожа, не многу модерни машки чевли. Обични, со низок ѓон, напред благо заоблени, но внимателно исчистени машки чевли стоеја пред очите на Ема.
Силен грч ѝ го стегна стомакот, ладни капки пот ја оросија, целото тело ѝ беше згрчено. Наеднаш грчот ѝ го ослободи стомакот и топол млаз течност почна да ѝ се слева по нозете. Под столот на Ема стоеше мал вир жолтеникава течност. Телото повторно ѝ се врати во старата положба. Иста таква возбуда чувствуваше додека гледаше во очите на Исус на Ел Греко. Оној Исус со невообичаено тажните очи што гледаат во ништото. На Ема ретко ѝ се случуваше да доживее толкава возбуда. Одеднаш посака да му ги види очите на мажот. Во мигот кога го крена погледот за да му ги види очите, пред него се испречи еден висок, крупен маж, далечен роднина на Ема со кого се гледаа само за погреби и свадби. Роднината првин ја потегна за рака жената која ја згазна мувата, а потоа ѝ ги грабна каранфилите од раце и си замина. За сето време чевлите сè уште стоеја на истото место, без да мрднат, веднаш зад жената. По вторпат кога се обиде да му ги види очите, мажот ја сврти главата и со невообичаена брзина се упати кон излезот на капелата. Ема тргна по него, и како што му се доближуваше, така мажот ја зголемуваше брзината на одењето, одејќи сè побрзо. Во мигот кога Ема успеа да му се доближи, една жена на која Ема не се сеќаваше дека ја познава, ја зграпчи и гушкајќи ја ѝ шепотеше нешто неразбирливо, нешто што на Ема ѝ звучеше како брзозборка. Мажот кратко се сврти за да види дали Ема сè уште оди зад него и пред да има време да му го види лицето, нагло ја сврти главата и сè што успеа да види Ема беше голем шилест нос.
По тоа Ема долго време го немаше видено мажот, кога шест месеци по погребот, едно априлско попладне, додека се враќаше од библиотеката, ги здогледа истите чевли. Ема тргна по него, но пред да има време што било да направи, мажот влезе во театарот што беше на само десетина метри од местото каде што го сретна. Ема набрзина купи билет и без да види која претстава беше на репертоарот влезе во салата во која претставата веќе беше почната. Двата часа додека траеше претставата Ема снемуваше воздух, во еден миг ѝ беше толку многу студено што почна да се тресе и додека го облекуваше палтото ѝ стана неподносливо жешко. По долго и мачно седење претставата заврши и во мигот кога се запалија светлата Ема веднаш погледна кон седиштето каде што седеше мажот, но тоа беше празно. Мажот седеше две седишта пред неа. Ема цело време го гледаше во кратко потстрижаната коса што завршуваше до темето каде што беше ќелав. Според тоа што можеше да го види во темнината, мажот имаше околу четириесет години, а носот што на погребот ѝ изгледаше долг и шилест сега ѝ се чинеше премногу мал, речиси незабележлив.
Од последната средба со мажот поминаа три години и Ема ниту еднаш потоа го немаше видено. Во меѓувреме Ема постојано следеше други мажи. Мажите најчесто ги наоѓаше во библиотеките каде што ги минуваше своите попладниња. Понекогаш, колку за промена, Ема одеше во кинескиот ресторан и додека го јадеше своето пилешко со кикиритки и ориз, седната на масата наспроти вратата, гледаше во чевлите на мажите кои влегуваа. Откако ќе завршеше со јадењето, Ема порачуваше чаша црвено вино и читаше книга. Секогаш истата книга. Секогаш Историја на убавината. Всушност, книгата и виното ги користеше како изговор да остане подолго во ресторанот. Ема никогаш не одеше на места какви што се парковите, автобуските и железничките станици. Таквите места не само што ги сметаше за премногу компромитирачки, туку на таквите места постои можност и самата таа да стане нечиј предмет на набљудување. Доколку стане нечија мета, во тој случај постои можност да биде откриена. Ема немаше што да изгуби ако ја откриеја, живееше мирно и повлечено. Најмногу од сè ја плашеше да не го изгуби мирот. Ема живееше со нејзиниот татко кој беше воен инвалид и сето слободно време му го посветуваше на таткото, освен попладнињата кои ѝ беа резервирани за читање книги, а сега за следење мажи. Ема зад себе имаше еден неуспешен брак во кој влезе сосем случајно и на таков начин и излезе. Додека едно попладне седеше во кабинетот на професорот по Естетика и разговараше со него за убавото и убавината, професорот наеднаш ја праша дали сака да се омажи со него. Ема прифати без размислување. По петнаесет години здодевен брак еден ден дојде таткото и ѝ рече да си се врати дома. Ема си ги собра работите и без да му каже на мажот, си замина од неговиот стан. Ема секогаш го правеше она што таткото го бараше од неа.
Таткото беше генерал во војската. Тој никогаш не правеше разлика помеѓу работата и цивилниот живот. Сметаше дека еден добар генерал, првин мора да биде генерал дома, а потоа и во целата земја. Во нивниот дом владееше воена дисциплина. Се зборуваше само тогаш кога навистина имаше потреба да се каже нешто. Речениците на таткото секогаш беа кратки и прецизни. Таткото внимателно го одмеруваше секој збор што ќе го кажеше, а кога ќе кажеше нешто тоа обично беше издавање наредба. Покажувањето чувства беше најстрого забрането. Таткото никогаш ја немаше гушнато Ема за да не ја направи ранлива, а ја имаше бакнато неколкупати и тоа за државните празници. Но, таткото тоа не го правеше зашто не ја сакаше Ема, тој тоа го правеше зашто ја сакаше. Секое утро пред да тргне на училиште, Ема мораше првин внимателно да си ги исчисти чевлите. Таткото постојано ѝ повторуваше дека чевлите се огледало на карактерот на човекот.

3.

На почетокот Ема постојано правеше грешки. Грешките најчесто се јавуваа како последица на нејзиното невнимание. Еднаш, додека одеше накај Уметничкото училиште во кое работи, од дворот на Католичката црква излезе еден маж кој беше облечен во свештеничка униформа, а на нозете носеше црни чевли со висок ѓон. Чевлите беа толку внимателно исчистени што изгледаа поцрни дури и од мантијата на свештеникот. Ема веднаш тргна по него. Свештеникот чекореше брзо, како да прескокнува по една плочка на тротоарот. Во еден миг Ема толку многу се измори што нејзините чекори сè повеќе се забавуваа и почна да го губи од видикот. Одеднаш, свештеникот неочекувано влезе во една тесна улица и Ема сосема го изгуби. Таа продолжи да оди по патот. Кога влезе во улицата свештеникот го немаше. Ема постоја неколку мигови на почетокот на улицата, а потоа кога се увери дека улицата излегува на Уметничкото училиште, продолжи по патот. Додека одеше по улицата некој од зад грб ја зграби за раката. Ема беше преплашена, не знаеше како да реагира, човекот што ја зграби се наведна до увото на Ема и ѝ шепна: „Мене ли ме бараш?“ Тоа беше свештеникот. Ема ја извлече својата рака од неговата и почна да трча по улицата. Кога се сврти да види дали свештеникот оди по неа, него го немаше.
Ема не престануваше да прави грешки, иако себеси секогаш си ветуваше дека наредниот пат ќе биде повнимателна. Додека една вечер седеше во кинескиот ресторан, толку многу се загледа во чевлите на еден маж кој стоеше на вратата и си ја чекаше жената, па наместо чашата со вино да ја стави на масата, ја испушти и чашата толку силно тресна што сите погледнаа во неа. Во мигот кога ја испушти чашата мажот излегуваше, а неговата жена, малечка дебелка женичка, се сврти и ѝ се насмевна. На Ема не ѝ беше јасно дали жената ѝ се насмеа затоа што виде дека таа гледа во чевлите на мажот или од сочувство. И тамам кога Ема помисли дека освен жената никој друг не забележал, келнерот, едно слабо и невообичаено високо момче, додека го метеше стаклото од чашата се наведна накај Ема и ѝ рече: „За половина час ми завршува смената, чекајте ме на задниот влез имам нешто за вас“. Ема ја плати сметката и излезе најбрзо што можеше. Кога излезе надвор, некое време стоеше пред вратата мислејќи се дали да остане и да го чека момчето или да си замине. По долги колебања, се одлучи да го почека момчето, иако и самата не знаеше зошто. По четириесет и пет минути момчето излезе и првин ѝ се извини што го чекала подолго одошто требало, а потоа ѝ рече да тргне по него. Ема одеше по него. Во еден миг помисли да се заврти и да си замине, но сепак нешто ја тераше да продолжи. За сето време додека одеа, владееше непријатна тишина, одвреме-навреме момчето ќе се насмееше. Двата предни заба му беа поголеми од другите заби, па кога ќе се насмееше наликуваше на зајак од цртан филм. Чевлите на момчето беа стари и нечисти. Чевелот на десната нога му беше одлепен од ѓонот, па кога ќе ја поткренеше ногата, Ема можеше да му ги види белите чорапи.
Најпосле, момчето ѝ кажа дека стигнале. Момчето влезе во една зграда на „Рузвелтова“, а Ема побрза веднаш по него за да не ја види никој. Момчето се спушти во подрумот, Ема остана уште некое време на скалите и откако се увери дека нема никој во зградата и таа се спушти во подрумот. Момчето отклучуваше некаква врата. Во ходникот на подрумот немаше светилка, па Ема не можеше да види каде точно ја води момчето. Кога најпосле момчето ја отклучи вратата, двајцата влегоа во подрумот што беше преправен во соба. Внатре имаше еден кревет, маса со два стола, на другиот крај на собата стоеја два компјутера на импровизирана маса. Веднаш до импровизираната маса имаше неколку кутии полни со цедеа. Момчето ја праша дали сака да ѝ подготви кафе и пред да дочека одговор, тој се наведна над една од кутиите и почна да бара нешто, а подоцна се префрли во втората кутија за најпосле да извлече едно цеде. Момчето почна да зборува како тој студирал на Природно-математичкиот факултет и како со келнерската плата не можел да ја плати ниту киријата за подрумот каде што живее, а камоли да ги плаќа студиите. По долг и напорен вовед момчето најпосле ѝ кажа дека дополнително заработува со продавање цедеа со порнографска содржина. Ѝ го даде цедето што го држеше во рака и притоа не испушти да додаде: „Овде го имате тоа што го барате“. Ема сакаше што побрзо да излезе од тој подрум, не го поднесуваше мирисот на влага, а уште помалку ситуацијата во која се најде. Извади неколку банкноти од џебот и му ги фрли на масата. Момчето погледна на масата и се насмеа, сигурно имало повеќе отколку што треба. Додека се качуваше по скалите, Ема го слушна момчето како дофрла: „Ќе ти направам и други цедеа, наврати пак, сега знаеш кај сум“. Кога излезе надвор Ема го фрли цедето во тревникот и побрза кон автобуската постојка. Кога влезе во автобусот се сврти уште еднаш кон зградата. Пред влезот стоеше момчето и се смееше, а во рака го држеше цедето што Ема го фрли. Двата заба сега ѝ изгледаа уште поголеми. Автобусот тргна, момчето и понатаму стоеше и се смееше.
По средбата со момчето, Ема долго време избегнуваше да следи мажи. Постојано имаше чувство дека момчето ќе излезе од некој агол. Едно попладне, додека седеше во читалната во НУБ, помина еден маж на околу триесет години, во костум со вратоврска, а на нозете носеше кафени чевли. Ема не сакаше мажи со кафени чевли, но овие толку многу ја потсетуваа на чевлите на мажот од погребот. Мажот ѝ се чинеше сериозен и ѝ влеваше доверба. Ема не можеше да се воздржи, стана и тргна по мажот.
Мажот првин влезе во фотокопирница и остави една дебела книга за инсекти. На жената во фотокопирницата ѝ рече дека ќе се врати за четириесет минути, а потоа од гардеробата во библиотека зеде еден капут од чоја и префрлајќи го преку рака, излезе. Ема одеше на неколку чекори зад него. Мажот влезе во една продавница за чевли. Додека гледаше едни црни чевли што на Ема ѝ се чинеа премногу груби, мажот одеднаш ги извлече врвките и набрзина ги пикна во џебот на капутот. Ема беше изненадена од тоа што го виде и пред да има време да сфати што всушност прави мажот, тој излезе од продавницата. Ема се упати по него. Мажот стоеше пред излогот на друга продавница за чевли. По пет минути влезе во продавницата. Ема не сакаше да влегува по него, остана да го гледа од излогот. Мажот првин направи неколку круга околу еден рафт со чевли, а потоа зеде еден чевел и откако го проба повторно го врати на рафтот. Мажот на продавачката ѝ кажа нешто. Продавачката се наведна кон еден куп со кутии за чевли и почна да бара. За тоа време, мажот зеде еден бел чевел и набрзина ги извлече врвките и од него, а потоа ги стави во другиот џеб на капутот. Продавачката му подаде еден пар чевли, тој ги зеде и ги спушти на подот, а потоа се сврти кон излогот и со показалецот покажа кон еден пар чевли што стоеја точно до средината на брадата и почетокот на носот на Ема. Продавачката некое време гледаше во излогот, а потоа и таа го впери показалецот кон еден пар чевли. Ема беше преплашена, се чувствуваше како соучесник во кражба на врвки. Вперен во неа, показалецот на продавачката како да ѝ велеше: „Ти си виновна за сè!“ Ема посака да влезе и сè да ѝ раскаже на продавачката, но кога таа се доближи до излогот и ја испружи раката за да ги земе чевлите, Ема помисли дека раката ќе ја испружи преку стаклото на излогот, ќе ја фати за вратот и ќе почне да ја дави. Кога продавачката го зграби десниот чевел, Ема почна да чувствува како нешто ја стега во грлото. Се обидуваше да земе воздух, но раката уште посилно ја стегаше. Во еден миг на Ема сосем ѝ снема воздух, сè повеќе и повеќе се задушуваше. Наеднаш почна во излогот да ѝ се стемнува. Темнината почна да се шири низ целата продавница, за најпосле целата продавница да исчезне во темнината.
Кога ги отвори очите, пред неа стоеше продавачката и ѝ подаваше чаша со вода. Овој пат рацете на продавачката изгледаа поинаку. Кога се поткрена, Ема виде дека се наоѓа во продавницата. Продавачката почна да ѝ раскажува како стоела пред излогот и наеднаш паднала на подот, па заедно со еден маж кој тогаш бил во продавницата ја внеле внатре. Ема со погледот го побара мажот, но освен продавачката во продавницата немаше никој друг.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *